Интервју со Драги Аргировски, првиот човек на СЗПМ за магазинот „Порта“
5.1.2015
Сојузот на Здруженијата на Пензионерите на Македонија е партнер на владата и битен фактор во општеството
Спонтано, онака како што само тој знае, а коешто е резултат на неговото долгогодишно новинарско искуство, повеќе од еден час пред Новата година и големиот празник Божиќ разговаравме со неуморниот и мошне успешен претседател на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија Драги Аргировски, којшто многумина го сметаат за многу значајна личност вградена во историјата на новинарството, публицистиката и пензионерското организирање во Република Македонија. Се поздравуваме, му честитаме на големите успеси и постигања, а тој ми вели:
-Ова е последна средба во овие простории. Новата ќе биде во нови работни простории во МРТВ каде што ќе имаме повеќе простор за уште поголеми активности.
Да бидам искрен уште на почетокот, морам да Ви признаам како колега на колега, дури ни јас не се надевав дека ќе постигнам вакви резултати. А, тие резултати колку се мои, толку се и на Извршниот одбор, на Собранието, на здруженијата и на сите 250.000 пензионери во државата, како и на подршката и разбирањето на Владата на Република Македонија за нашите проблеми и потреби. Како што гледате сега сме сместени во зградата од Сојузот на синдикатите на Македонија. Плаќаме за мал простор, со сите трошоци годишна кирија која изнесува околу 20.000 евра, што за нас не се воопшто мали. Тоа ме поттикна со Владата на Македонија да побараме решение за наше поефтино и подобро сместување. Имавме аргумент за тоа: во различни времиња државата од пензионерите одзела четири домови и тие му ги отстапила на ПИОМ. Владата го поддржа нашето барање како основано и заедно најдовме решение. Добивме во трајно користење без надоместок дел од десетти спрат во зградата на МРТВ. Се надевам најдоцна до март месец од 2015 година ќе се вселиме во новите простории. Значи ќе заштедиме голем дел од трошоците. Инаку Сојузот од членарина месечно книжи само 575 980 денари, а се друго од членарината од 30 денари оди на сметка на здруженијата за нивни активности. Работиме позитивно бидејќи со мои проекти годишно од спонзорства и донации почнавме да добиваме по над 12.000 евра (746.500 денари). За овие години од проекти само од Европската унија добивме околу 23.000 евра (142 600 денари). Во целост сите тие средства се користат за активности на Сојузот, за организација на пензионерска спортска олимпијада, на фолклорни ревии, за учество на меѓународниот фестивал за трето животно доба во Љубљана и друго.
- Вашето гесло, господине претседател е: „За успех е потребна заедничка стратегија и синергија на искуство, мудрост и работливост“. Тоа ли е клучот на Вашиот успех?
-На 31 март, месецот на мојот роденден, во 2011 година, бев едногласно избран за претседател на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, на местото на дотогашниот претседател, Душко Шурбановски кој остави добра основа за да можам јас успешно да продолжам и да ја надополнувам и надградувам. Веднаш по изборот почувствував енергија и чудесна сила, да почнам да го остварувам концептот што дотогаш го градев односно како да изгледа и да се развива овој Сојуз кој опфаќа 250.000 пензионери. Во некои моменти ме обзеде и скриен страв, иако по природа сум оптимист и сигурен во себе. Се прашував дали ќе успеам. Прво што направив беше да составам добра и квалитетна екипа од луѓе пензионери од различни провиниенции. Истовремено ги „отворив прозорците“ да влезе што поголема светлина во дотогашниот информативен мрак за да може да се искористи силата на информираноста на пензионерите и јавноста што подоцна ни создаде преубави услови да чекориме по патот кон успехот. Уште од почетокот ги анимиравме сите здруженија на пензионери во државата, посветувајќи им нужно внимание и афирмирајќи ги нивните вредности и резултати.
- Точно ли е тврдењето дека Вашата најголема заслуга е ангажманот по секоја цена, да се создадат услови за подобрување на животниот стандард на пензионерите во материјална и духовна смисла?
-А, што друго да имам како приоритет освен да се запре дотогашниот пад на стандардот на пензионерите и да почне да се подобрува квалитетот на живот за достоинствена старост или со други зборови да се почне процес на создавање на генерација пензионери кои ќе бидат задоволни во третото животно доба, зошто пензионирањето за човекот не е и не смее да биде негов крај или пропаст. Знаете при пензионирањето се случува една внатрешна суштинска промена кај дотогаш активните граѓани од сите професии. Човекот чувствува страв, безперспективност, отуѓеност, станува депресивен... Целта ни беше тоа да се спречи и мислам дека успеавме!
- Како го оформивте тимот на соработници?
-Со многу чувство за квалитет. При составот никогаш не гледав партиска, верска или национална припадност. Гледав способност и ангажираност. Луѓе од интегритет. Тие што се „уморуваа“ сами заминуваа. На нивни места доаѓаа други, кои сакаа да работат, но и луѓе со интелектуален капацитет.
- Претседателе Аргировски, додека во светот, а поготово во нашето опкружување, се случуваат драстични намалувања на пензиите, кај нас тие се зголемуваат. И не само тоа, пензионерите добиваат и многу други погодности. Кажете ни нешто за тоа. На што е резултат тоа?
Moже слободно да се каже дека нашиот Сојуз е пример како се интегрира сопственото членство во сите текови на секојдневниот и општествениот живот.Еве само неколку бројки кои сами посебе зборуваат за местото и улогата на пензионираниот македонски граѓанин: во Република Македонија има нешто повеќе од 300.000 корисници на пензии. Од нив 5.000 се деца кои користат пензии на своите починати родители исто толку има пензионери кои не се зачлениле, бидејќи членувањето во Сојузите е доброволно. Постојат три Сојузи на инвалидски пензионери во кои членуваат околу 40.000 пензионери.Во СЗПМ членуваат 250.000 пензионери на РМ. Пензионерите во март 2014 година добија покачување на пензиите за 600 денари. Средствата за оваа намена во висина од една милијарда и 800 милиони денари се обезбедени од буџетот на Република Македонија. Колку да потсетам од 2006 до денес просечната пензија во Македонија е зголемена за 62 отсто и таа сега изнесува 12.450 денари . Со тоа соодносот со просечната плата се зголеми од 49 на 59 отсто. Најмалата пензија изнесува околу 8.000 денари, а најголемата околу 37.000 денари
На потребното ниво годинава продолжи соработката со Министерствата: за труд и социјална политика, за финансии, за здравство, за култура, за економија и за транспорт и врски, во насока на подобрување на квалитетот на животот и стандардот на пензионерите. Успешно се реализираше проектот за бесплатна бањско климатска рекреација на пензионерите и за пет години оваа услуга ја искористиле 27.430 пензионери. Покрај бесплатен автобуски превоз во неколку градови се воведе и еден викенд во месецот бесплатен превоз во железничкиот сообраќај. Збогатена е соработката со Фондот на ПИОМ и со Фондот за здравство со кој започна и одржување на работилници за здравствена едукација на пензионерите, а е издадена и Брошура за постигањата во сферата на здравственото осигурување. Бесплатно болничко лекување годинава искористиле над 13.000 пензионери чија пензија е пониска од просечната. Намалени се цените на над 3.500 лекови, а како нова значајна активност е проектот „Домашна визита“ со која се вршат превентивни здравствени прегледи во домовите на пензионерите.
2014 година мина и во знакот на добро организирани средби на зелено. Во Ораовица кај Радовиш и во Лесново – Пробиштип учествуваа рекордни по над 8.000 пензионери од сите краеви на нашата земја, а масовни средби имаше и во Дојран, кај Пантелеј – Кочани, во Пелинце кај Куманово, во Еленец кај Македонска Каменица, во Дошница кај Демир Капија, во Рамна Река кај Пехчево, на локалитетот Свети Спас кај Виница и во скопски Сарај, а се одржа и републичка мултиетничка средба на пензионерите во Тетово. Интензивирана е и соработката со Црвениот крст на Македонија и на Скопје, со Сојузот на синдикатите на Македонија и со голем број градоначалници. Благодарејќи токму на тоа годинава отворени се нови клубови на пензионерите во скопски Центар, Гази Баба и Бутел, во Кочани, Струмица, Куманово, Битола и Гевгелија, а набргу ќе биде отворен и во Центар Жупа. Интензивирани се и подготовките за градба на старски домови и Домови за пензионери.За успешната соработка со локалната самоуправа годинава оппштински признанија добија Здруженијата на пензионерите од Штип, Гевгелија, Радовиш, Македонска Каменица и Прилеп.
- Кормилар на овој пензионерски „брод“ Вие сте четири години и успешно го водите. Како го остварувате тоа?
-Не лесно, затоа што Европа и светот се подолго време во една економска криза, а ние не сме надвор и не сме имуни од тие влијанија. Но ете успеваме да се справиме и да го „одржиме“ бродот да плови во исправна насока. Тоа го правиме најпрво со анализи, потоа со проекти, средби, работилници и разговори. Имаме јака структура во органите на управувањето и овде во Скопје и во општините во Македонија. Но најмногу што ни помогна беше Агендата на Европската Унија која препорачува: „Соработувајте со Власта во својата држава и со општините за успешно да ги решавате проблемите, бидејќи тоа е заеднички интерес“! Ние не и служиме на Власта, ние сме партнери на Власта со која се критикуваме, но и договараме. Нудиме издржани програми, а тоа нашата Влада го препознава и ги подржува. Никогаш не сме барале „преку леб погача“. Бараме тоа што пензионерите го заслужуваат. Најдобра соработка секако имаме со министерството за труд и социјална политика со чија помош успешно ги организиравме 19-тите Републички пензионерски спортски натпревари во Тетово. Севкупен победник на оваа пензионерска спортска олимпијада по четврти пат едно по друго беше ЗП Охрид и Дебрца. Ќе го истакнам и примерот со Министерството за култура кое ни дава безрезервна подршка во негувањето на изворните традиционални културно уметнички вредности со што доследно го чуваме нашиот идентитет, нашиот богат фолклор. Таа подршка не ја добиваме бланко, туку преку конкурс со проекти. Поради прикажаниот квалитет на ревиите на песни, музика и игри Министерството за култура оваа наша културна манифестација ја прогласи за национален интерес на културното богаство на државата.
- Да се вратиме на пензиите. Тие секоја година се зголемуваат, можеби минимално, но се зголемуваат. Како успевате во дијалогот со Владата тоа да го обезбедите?
-Седнуваме на маса со претставниците на Владата, разговараме, бараме...Тие знаат што можат и колку можат. Понекогаш се сложуваме, понекогаш се разидуваме и тоа трае се’ до нова средба на која мора да се договориме. Успеавме денес просечната пензија во Македонија да биде 202 евра .Таа е повисока од просечната пензија во Србија каде е 177 евра, по околу 150 евра имаат во Бугарија, Албанија, Босна и Херцеговина, а во Косово, изнесува околу 120 евра.. И уште нешто: Македонија во опкружувањето од сите соседи има најмали трошоци на живот. Во Битола пазарат повеќе Грци од Македонци, тоа е слично и во Гевгелија. А, во Куманово присуството на српски граѓани е се поевидентно, како што е во Крива Паланка на бугарски граѓани или во Дебар од Албанија.
- Претседателе Аргировски, морам да прашам, имаме ли ние денес многу сиромашни пензионери?
-Ви гарантирам, ние во Македонија немаме многу сиромашни пензионери. Имаме сиромашни граѓани кои не користат пензија. Но се разбира дека би било подобро да бидат пензиите уште поголеми. Се разбира дека има пензионери на кои им треба материјална поткрепа. Такви пензионери има, и здруженијата на тие луѓе им помагаат. Оваа година беше прогласена за година на солидарноста. Одлучивме и тоа го спроведовме: 30 одсто од вкупните приходи на секое здружение членка на Сојузот одат во хуманитарни цели. Тоа значи материјална подршка на социјално послабите категории пензионери не само за Нова година, 8 март и други празници, туку и во други денови кога за тоа има потреба пензионерот да биде посетен, да биде прашан што му треба да му се помогне. Исто така нашиот Сојуз почна да прави социјални карти за да знаеме кој пензионер во каква состојба е. Со помош на Министерството за труд и социјална политика се отворија и неколку дневни центри како социјални сервисни служби за стари лица во кои волонтерски помагаат и пензионери.
- Постои мислење дека пензионерите во Скопје се привелегирани. Точно ли е тоа?
-Тоа сум го чул и јас, но тоа не е точно. Пензионерите во Скопје за некои работи имаат привилегии, но за некои немаат. На пример погребот на еден пензионер во Скопје чини многу повеќе отколку во внатрешноста, или во некое село, а сите добиваат по 30.000 денари погребнина. Тоа се средства од нашиот солидарен фонд во кој нема право да се меша ни гувернерот на Народната банка.Бесплатниот автобуски превоз кој најчесто се споменува освен во Скопје има и во Битола, Прилеп, Велес и во други градови и тоа е резултат на соработката на здруженијата со општината и локалната самоуправа. И тоа треба да се шири.
- Како се остварува пензионерската меѓународна соработка?
На меѓународен план повеќе здруженија имаа меѓусебни средби и соработка со Србија, Бугарија, Грција, Албанија и Косово, беше остварена посета на Сојузот на пензионерите на Србија, а делегација на Градскиот сојуз на Скопје беше гостин на Сојузот на здруженија на Белград. На фестивалот за трета животна доба во Љубљана , Словенија, СЗПМ доби меѓународно Признание за петгодишно учество и за несомнен придонес во активностите на оваа интернационална манифестација. Признанието ми го врачи Министерката за труд и социјална политика д-р Ања Копач Мрак, а ни го честиташе и претседателот на Република Словенија Борут Пахор. За ова прво меѓународно признание во 68 годишната историја на Сојузот голем придонес имаше квалитетниот настап на ансамблите на досегашните учесници од здруженијата на пензионерите од Куманово, Пробиштип, Кочани, Тетово и Прилеп.
- И покрај големите успеси и резултати, во последно време има обиди пензионерите да бидат вовлечени во таканаречената партизација?
-Да. Со самото формирање на Партијата на обединети пензионери се прави токму таков обид пензионерите да бидат инволвирани во политиката. Таа зазеде напаѓачки став кон нашиот Сојуз и на парламентарните избори доживееја големо фијаско бидејќи избраа лоша стратегија. Без допирни точки со реалноста и вистината, со лаги и шпекулации, за некои лични интереси, не се напаѓа доблесна, многу активна невладина, непартиска организација како што е нашиот Сојуз.
Драги Аргировски го красат многу награди, признанија и почести: Добитник е на ноемвриската награда на Куманово; Добитник на престижната новинарска награда „Крсте Петков Мисирков“; Орден на Републиката со бронзени зраци; Добитник на „Златно перо на хуманоста“ од Црвениот крст на Македонија; Признание „Мајка Тереза“; Во 2012 година, читателите на „Нова Македонија“ го прогласија за личност на годината; Во 2013 година ја доби и највисоката Државна награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на новинарството и публицистиката“ и други. |
|
- Претседателе Аргировски, но Вие не сте само општествено активен. Вие имате напишно илјадници новинарски написи, коментари, анализи и 18 книги од кои 5 се за пензионерската проблематика. Според познавачите на овој домен, на овој дел од Балканот, нема таков автор. Како резултат на тоа прогласен сте за експерт на третото животно доба, признание од Европската Унија. Кажете ни нешто за тоа?
-Благодарам за убавите зборови...Мојот работен век, се’ до пензионирањето, а и потоа, е исполнет со интензивна работа и ширење на позитивна енергија. Секогаш ја ценев професионалноста и се трудев да бидам таков во вистинска смисла на зборот. Градев чесна кариера за себе, но подучував и оспособував многу млади, идни новинари. Потоа се зафатив со обработка на пензионерските содржини. Напишав повеќе книги и научни трудови. Обезбедив нови, богати погледи на пензионерското живеење. Отворив повеќе прашања битни за животот и стандардот на пензионерите. Користев богата литература за животот и организирањето на пензионерите во Јапонија, САД и Европската Унија. Таму пензионерите се „сила која се користи во најдобри намери“, а кај нас таа како намерно да се ослабувала и се ставала на маргините од општеството. Морам да бидам искрен, силата кај пензионерите ја препозна нашата актуелна Влада која со низа мерки и погодности не само што им го збогати животот, туку им ја врати и довербата на нашите пензионери. Некои ќе речат„дека Аргировски и се додворува на Владата“. Тоа не е вистина, но факт е дека ниту една асоцијација на пензионери во светот не може да функционира добро ако не воспостави нужни релации со своите влади, бидејќи само со нивната помош можат успешно да се решаваат проблемите. За тоа и за такви работи пишувам и во моите книги. Деновиве е формиран и Совет за социјална сигурност каде што најмноги-три члена има СЗПМ кој ќе предлага и мерки за натамошно подобрување на стандардот на пензионерите.
- Кажете ни нешто на крајот за новинарите, новинарството и информирањето?
-Вие сте новинар, Вие добро знаете дека со новинари не се води војна. Ние разговараме, понекогаш и се расправаме со новинарите, но никогш не се навредуваме. Напротив, Сојузот на здрженијата на пензионерите на Македонија има поддршка и разбирање кај медиумите. А, и ние како Сојуз имаме своја информативна мрежа да го информираме нашето членство изворно, да му ги кажеме насоките на развојот и да побараме предлози и мислења од базата. Ги имаме бесплатниот весник „Пензионер плус“, месечниот прилог „Пензионерски видици“ во „Нова Македонија“ и страницата за пензионери во „Коха“, страницата на СЗПМ на Интернет, обновена е емисијата„Трета доба“ на МТВ, воведена е емисија на Македонско радио„Златни години“, потоа имаме значајна соработка со магазинот „Порта“ и други пишани и електронски гласила. Каква е таа соработка со јавните гласила? Многу коректна. Новинарот има право да зборува за проблемите, да критикува, но должен е и да истражува и да изнесе предлози за решавање на тие проблеми. Јазикот не смее да биде навредувачки, омаловажувачки. Мора да има ниво. Никој никому не забранува да каже „ова не чини“ ако го поткрепи со аргументи. Но, веднаш потоа треба да каже „е, ова е добро“!
- Има ли кај Вас меѓу пензионерите жестоки критичари?
-Има, само тоа не се жестоки критичари, туку жестоки критизери. Такви се појавуваат често, но не наидуваат на подршка. Лабави се нивните аргументи кои не држат вода, а имаат само за цел да растураат. Во демократијата критичко мислење е потребно, но не и демагогија со говор на омраза, ширење на измислици и тенденциозни манипулации, клевети, па и навреди. Меѓу нашите 250.000 членови пензионери не може лесно да продре лага, шпекулација, зошто тие се секогаш добро, благовремено и точно информирани за се’ што се случува во Сојузот. И ова покажа дека патот по кој чекори Сојузот е исправен и транспарентен.
- Ќе претендира ли претседателот Аргировски на нов претседателски мандат во март 2015 година?
-Не мојата, туку нашата заедничка агенда е ТИМОТ ШТО ПОБЕДУВА ДА НЕ СЕ МЕНУВА. Искрено, после остварените успеси, се настојува да се кандидирам за нов претседателски мандат на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија. Впрочем, тоа го бараат и нашите членки, здруженијата. Досега за мојата кандидатура за уште еден мандат за претседател на оваа најмасовна и најактивна невладина мултиетничка организација се изјаснија 43 здруженија, а верувам ќе се изјаснат и останатите 11, зошто имаме да сработиме уште многу задачи кои сме ги зацртале во нашите проекти. Деновиве овој предлог со акламација го прифатија и сите членови на Собранието на СЗПМ во проширен состав.
- Во тој случај какви се плановите на Драги Аргировски за иднината на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија?
-Продолжување на остварување на зацртаната програма со достоинствено залагање за натамошна заштита, унапредување и промоција на социјалните права и интереси на пензионерите. Се очекува и натаму редовна исплата на пензиите, која од септември со буџетски средства на Владата утврдено е да се зголеми за 5 отсто. Ќе продолжи и проектот за бањско-климатска рекреација со кој ќе бидат опфатени нови 5.500 пензионери, а ќе започне реализација и на нов проект„Бесплатен туристички викенд“ за 3.000 пензионери со обезбеден превоз и полн пансион во туристичките капацитети во Охрид, Струга, Преспа, Дојран, Крушево и Берово. Во наредниот период се очекува да се преземат и зафати за подобрување на услови за живеење во пензионерските домови, како и изградба на нови, отворање на нови дневни центри и клубови, продолжување на одржување работилници за едукација на пензионерите за здравствената проблематика и друго.Во новиот мандат се очекува да се донесе Законот за пензионерско организирање во Македонија и усогласување на статутите, а нагласка ќе се даде и на поттикнувањето на волонтерството и на ограноците, продолжување на активностите за социјална пензионерска карта и друго.
Сето тоа ќе има за цел да се создаваат што подобри услови во нашата земја за достоинствено, активно и здраво стареење, а со тоа се повеќе ќе се користи и искуството и мудроста на пензионерите во третото животно доба.
Во тој дух ја користам приликата на читателите на престижниот магазин„Порта“ и на сите сегашни и идни пензионери да ја честитам Новата 2015 година, со среќа, радост и нови победи во животот.