Инфо  

Галерии

КОЛУМНА НА МЕТОДИЈА СТ. ТОШЕВСКИ ВО ВЕСНИКОТ „ПЕНЗИОНЕР ПЛУС“

20.2.2015

Наместо да се прозиваме, да сториме секој што може за доброто на сите!

Колумна
Методија Ст.Тошевски

Зошто да одиме по маргините

Има една народна, што сум ја слушнал уште како дете, кога одев по дрва со дедо ми. Ќе ја парафразирам по слободно сеќавање, а вели вака: „Не оди по туѓите стапки, ќе те однесат на погрешно место“. Во животот настојував да го следам тој совет, рано е за конечен суд, но мислам дека се покажа мудар. Ако имаш идеја што треба да се прави во одредени услови, состојби и односи, прави го тоа, и одговарај ако промашиш поради своја грешка. Не плаќај данок за туѓите грешки.

Ми се случувало повеќе пати и да погрешам во работата, но веднаш сум знаел каде и  зошто, и ако приликите дозволувале, во `од ја исправав грешката. Ако немало последици, се` се завршуваше добро. За љубов на вистината, не било секогаш така. За своите грешки сум трпел и последици. Сум учел од тоа искуство, но платената цена никој не ми ја враќал. Оттаму и го влечам искуството, и ќе го повторам текстот од насловот, тогаш - зошто да одиме по маргините, кога имаме цврсто набиен пат кој треба само да се поплочи, избетонира или асфалтира.

Во таква ситуација денес е Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија. Маргинални политички партии, и слични на нив, денес го прозиваат СЗПМ за она што тој во целиот свој активистички период од преку шеесет години го прави, и има сериозен напредок и успех во организирање и мотивирање на релевантните фактори кои одлучуваат за прашањата битни за членството на Сојузот. Наместо да се прозиваме, да сториме секој што може за доброто на сите!

Но, да почнеме со ред. И во претходниот систем, и особено по битната трансформација на уставниот и економскиот систем на Република Македонија, Сојузот, како најмасовна општествена и граѓанска организација, беше, и е упатена да соработува со државните органи, независно од тоа кои политички партии ја водат државната администрација и државата, и го прави тоа.

Досегашното искуство покажува дека Сојузот, во својот самостоен развој во македонската држава и општество, и при смена на политичките партии на власт, продолжувал да гради и да води политика на „еднаква дистанца“ и на „братска љубов“ на соработка со претставниците на власта. Има ли потреба да ја објаснуваме целисходноста на ваквиот пристап во активизмот на членството и раководствата на пензионерката организација, или тоа за јавноста е јасно!?

За оние кои сметаат поинаку и кои во активизмот на пензионерската организација и на нејзиното раководство им припишуваат карактеристики со конотација, ќе потсетиме на некои факти:

Прво, не само ова, ами и раководствата од претходните мандати, гаеле и воделе идентична линија на соработка со претставниците на државните органи. Ќе го прави истото и новиот состав на раководството по изборите кои се во тек.  Затоа и може да се оствари континуитет во односите, инаку и тука, и во овој сектор, можат да настанат (чувај боже!) сериозни растројства. Дали загриженоста е поради тоа што ова уште не се случило?

Второ, сегашното раководство на Сојузот во мандат, на овој момент му посветуваше, и му посветува внимание од прв ред. И тоа не е одење по туѓи стапки. Тоа се наши стапки. Знаете зошто, нели, знаете. Затоа што пензионерите, заедно со тие што повремено или трајно се издржуваат (или „преживуваат“) со пензионерските приходи, прават скоро половина од населението во државата. Тоа не е за ура, ама е така, и Сојузот е свесен за тој факт. Дури, и да не е така, политиката на „еднаква дистанца“ и на „братска љубов“ на соработка со претставниците на власта треба да се одржи како трајна ориентација, бидејќи органите на државата ги решаваат актуелните потреби на оваа популација, а не претставниците на почетничките организации, кои трчајќи по маргините на општествените збиднувања, мислат дека многу прават, а всушност бараат за себе место под сонце, што е во ред, забележувајќи му на Сојузот за братимење од интерес.

Трето, со маргинализирањето на активноста на Сојузот, и истрчувајќи на теренот без дрес, спортистите на овие организации сакаат да ја го добијат натпреварот со службен резултат. Забораваат при тоа дека ја преземаат улогата на „царот во новата царска облека“. Однапред овенчувајќи се со ореолот на очекуваниот резултат, тие се одушевуваат самите од себе, а всушност и не знаат колку е трнлив патот да се стигне до некој резултат со било која владина постава, бидејќи и Владата нема неограничени можности. Затоа и евидентно се следат сите активности на државните органи, сите можности и проблеми, и се известува членството да биде информирано и во тек со економската состојба во државата за да може правилно и да се одмеруваат реакциите и на Сојузот и на Владата. Затоа читајте Пензионер плус за да знаете повеќе за пензионерските проблеми, радости и успеси!

Четврто, дали се сеќавате на некоја од детските палавости кога трчајќи босоног по топката или во дворот, ќе поткачите палец од ногата или коленото, и колку тоа крвари и  боли. Дали тоа намерно сте го направиле?! Во работата понекогаш, свесно или несвесно, се случуваат и непосакувани нешта. Благодариме за укажувањата таквите пропусти да не се повторуваат. Но пак да потсетам на една народна: „Кој лаже тој и краде“. Изнесувањето на невистини во јавноста, се квалификува како изнесување на лаги и клевети за да му се наштети на конкурентот. А за изнесување на лаги и клевети на основа на инсинуации, без факти и докази, кривично се одговара. Јас сум убеден дека и кај нас, со време во правната практика, од оваа појава луѓето ќе се чуваат како од оган. Ама сега е така како што е, кому што ќе му текне може да каже, а да не поднесе последици! Дали зад таквиот пристап одново треба да подразбереме „држте го арамијата“ за да може на друга страна да се прави тоа што се прави!? Не би сакал да верувам. Ајде да направиме еден ваков експеримент: Ангажирајте инспекција, контрола, ревизија, независна професионална куќа, нека направи контрола на инсинуациите изнесени како „вистини“ против Сојузот на еден неодамнешен собир. Трошоците и одговорноста ќе ги сноси Сојузот ако тие инсинуации се потврдат. Ако се потврди дека се тоа лаги и клевети, трошокот на контролата да го плати пропагаторот на таквите невистини. Ви фаќа умот? Ова без шега. А потоа Сојузот ќе оцени каква постапка ќе покрене.

Затоа, на крајот пак да потсетам, зошто да одиме по маргините. Тие што се одвојуваат од целината на која им припаѓаат, без да се обидат пред тоа да придонесат во куќата, во фамилија, дури и ако евентуално се појават некои  недоследности или пропусти, за да се надминат, тоа само по себе кажува, дека, бараат нешто што мнозинството не го прифаќа. И во овој случај ќе се потврди тоа правило.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3