Инфо  

Галерии

Јубилејната 5. републичка пензионерска фолклорна ревија - Скопје 2015

20.6.2015

На 9-ти јуни 2015 година, чувството на припадност кон своите корени со достоинство го покажаа голем број пензионери од цела Македонија, членови на СЗПМ. Најдобрите 25 здруженија на пензионери, кои беа избрани од осумте регионални ревии учествуваа  на јубилејната 5. републичка фолклорна ревија која се одржа во салата на Македонската опера и балет во Скопје, под покровителство на Министерството за култура на Владата на  Р Македонија.

Полни со ентузијазам и желба да го покажат она што го знаат и го носат како аманет од многу генерации, не криејќи ги своите чувства, иако во поодминати години, пееја и играа  пензионерите, оттргнувајќи ги од заборав старите традиционални песни испеани во минатите времиња, песни за љубовта, за тагата, за постоењето и за премрежињата низ вековите. Пееја пензионерите секој на свој јазик. Песните беа различни, но и единствени со еден заеднички глас - порака, со гласот за другарувањето и соживотот. Сите настапи имаа своја сопствена убавина. Учесниците дадоа сe од себе за да покажат колку човекот е силен кога го брани својот културен идентитет, како и идентитетот на соседот, на другарот, на пријателот од својот град, на здружението...

Првата песна беше за најголемата, најсилната и безвремена љубов, за љубовта кон татковината, кон својот народ, кон сопствениот непокор. Со оваа песна пензионерите уште еднаш потврдија дека љубовта може да се изрази преку песната и орото, преку почитта кон традицијата и културното богатство насобрано од памтивек.
Се редеа на сцената едни по други фолклорните бисери еден од друг поубав. Со секој настап се запишуваше уште еден ред во книгата на нашата богата културна историја, со радост и со задоволство дека сето тоа големо богатство ќе остане на генерациите кои доаѓаат и оти никогаш нема да биде заборавено.  
И покрај возраста и натежнатите години, играа и пееја пензионерите  понесени од пискотот на зурлите и тапаните чии звуци се мешаа со ритамот на нивните срца. Извираа песните од нивните гради и летаа како гулаби на мирот, на другарството и пријателството.
Играа и пееја пензионерите покажувајќи интересни обичаи, живописни носии и народни инструменти пред многубројната публика која непрестајно ги наградуваше со бурни аплаузи.

На јубилејната 5. републичка фолклорна ревија присуствуваа: министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, кој меѓу пензионерите повеќе е познат како „нашиот министер“, заменик-министерот за култура Драган Неделковиќ во име на покровителот министерството на култура на РМ и градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС Коце Трајановски.

Орото и песната продолжија во комплексот „New Star“ каде што претседателите на здруженијата учесници добија благодарници кои им ги врачи претседателот на СЗПМ Драги Аргировски, кој ја отпочна со своето обраќање оваа убава и несекојдневна културна јубилејна, петта по ред манифестација, и кој беше и прв на орото на кое играа сите: Македонци, Албанци, Срби, Власи, Турци, Роми, Бошњаци кои играа и пееја песна на јазик кој сите го разбираа, јазикот на еднаквоста, дружењето и меѓусебното почитување.

Калина С. Андонова  

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3