Инфо  

Галерии

Потврда за живот во функција на правилна исплата на пензиите

24.7.2015

Во весникот „Дневник“ по реакција на група пензионери се актуелизира прашањето во врска со барањата од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да доставуваат уверенија за живот за редовна исплата на пензиите. За оваа актуелна тема поводно разговаравме со Драги Аргировски, претседател на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија во кој членуваат околу 250 000 корисници на пензија од 53 здруженија на пензионери.

  • Претседател Аргировски зошто едни исти пензионери мораат постојано да докажуваат дека се живи со потпишување на потврда за живот и да се нервираат поради процедури,  а други да немаат таква обврска и мирно да си ја тераат староста?

- Петта година сум претседател на СЗПМ и во овој период секогаш сум се залагал за заштита и унапредување на стандардот на пензионерите и за создавање услови за нивно достоинствено, мирно, активно и здраво стареење. Една од основните функции на Фондот при спроведувањето на пензиското и инвалидско осигурување е редовната исплата на пензиските примања на корисниците на пензија што се врши во првата недела од месецот на пензиите од претходниот месец. Правата од пензиското и инвалидското осигурување се лични, материјални права и тие уживаат посебна заштита. Ограничувањето или престанокот на овие права може да се утврди само со закон. Надлежен орган кој се грижи за правилна исплата на пензиите е Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија. Со цел да се обезбеди контрола над исплата на пензиите односно да се спречат претплати,  во 2012 година со ЗПИО во ставот 3 на членот 141 се утврдува можност по барање на Фондот, корисникот на пензија е должен да достави потврда за живот. Користењето, односно исплатата на пензијата е неприкосновено право, но истовремено пензионерот има и одредени права и обврски. Имено, во диспозитивот односно изреката на решението за пензија стои дека корисникот на пензија е должен да ја пријави секоја промена која влијае врз правото или обемот на користење на правото, најдоцна во рок од 30 дена од денот кога настанала промената како што е стапување во работен однос, нова адреса на престој, пријавување на контролен преглед кај времена инвалидска пензија и друго. За доследна примена на оваа законско решение Фондот, редовно, при месечна исплата на пензијата врши споредување со податоците за починати пензионери кои податоци Фондот по електронски пат ги добива од МВР и оваа работа ја извршува по службена должност. Меѓутоа, за одредени целни групи на пензионери на кои пензијата се исплатува надвор од Р Македонија, за корисници на семејна пензија (остварена врз основа на општа неспособност за работа),  за пензија која се исплатува на полномошник или по друго законско овластување и друго еднаш во годината,  се бара доставување на потврда за живот.

  • Зошто се малтретираат пензионерите и не ли е полесно да се бара од полиција извештај за тоа кој починал, а кој не преку смртовница?

 - Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија е асоцијација која  се грижи за заштита на стекнатите права од пензиското и инвалидското осигурување и редовна исплата на пензиите и секогаш го посветува потребното внимание за надминување на одредени проблеми, состојби при исплата на пензиите па и во случај на  побарување на потврдите за живот. Меѓутоа, во конкретниот случај се работи за исполнување на законска обврска и барање на потврдата за живот повеќе пати во една година од еден корисник на пензија не е масовна појава,  но сепак заслужува да се провери во Одделението за исплата на пензии. Барањето на потврди за живот е практика и во Србија, Австрија, Австралија и други земји и во денешни услови се одвива со размена на податоци меѓу институциите, а во определени случаи тие се побаруваат и лично од пензионерот со цел да се спречат претплати во исплата на пензиите, а во никој случај не е ограничување, узурпирање или престанок на стекнатото право остварено со правосилно решение за пензија.

  • Што ќе преземете, дали за ова ќе се расправа на седница на органите на Сојуз на здруженија на пензионери и што ќе побарате од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во насока на решавање на проблемот?

-  Како претседател на Сојузот и член на Управниот одбор на Фондот, а со цел да се унапреди исполнувањето на законската обврска (доставување потврда за живот),  ќе предложам известувањето за доставување потврда за живот да се извршува со лично доставување со повратен рецепис, рокот да биде подолг и покрај лично побарување на потврда од корисникот на пензија, тие потврди да се побаруваат во исто време заради пошироко информирање преку различни средства за информирање. Верувам дека на овој начин пензионерите ќе бидат навремено известени со взаемна соработка на пензионерот и Фондот како надлежен орган во спроведување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија. Годишно уверение за живота се бара од само околу 2.000 корисници на пензија, а известување за прекинување на исплата се доставува на оние кои и по втората достава немаат пратено уверување за живот,
Одредени проблеми во врска со потврдата за живот што не е од масовен карактер се смета дека ќе се надмине со предложените мерки кои ќе се изнесат на Управниот одбор на Фондот кои ќе бидат од интерес за Фондот, а пред се за пензионерот. Во Сојузот и натаму ќе се залагаме за благовремено и точно информирање на сегашните и идни пензионери за сите прашања за актуелната пензионерска проблематика, како што е и во овој случај.

  • На крајот господин Аргировски и едно прашање за активностите на пензионерите во овој летен период?

-Пред се зголемена е грижата за здравјето на пензионерите. Се вршат посети на стари и изнемоштени лица, се снабдуваат со лекови, течности и храна. Здруженијата на пензионерите-членки на СЗПМ и летово организираат и екскурзии и заеднички посети и летувања во езерски и планински излетишта и летувалишта во земјата и странство. На 9 јуни во преполната сала на Македонска опера и балет во Скопје Сојузот под покровителство на Министерството за култура многу успешно ја организираше Републичката ревија на песни, музика и игри на која учествуваа 25 здруженија на пензионери, а најквалитетните ансамбли од ЗП Радовиш и Конче и од ЗП Македонска Каменица се здобија со право на 30. септември да ја преставуваат Република Македонија на 15-тиот Меѓународен фестивал „Трето животно доба“ во Љубљана-Република Словенија.
На 20 јуни во Дојран се одржа и традиционалниот пензионерски пикник на кој присуствуваа, се релаксираа и дружеа околу 7.000 пензионери од сите краеви на Македонија. Рекордни околу 9.000 пензионери присуствуваа и на пикникот на зелено што на 19 јули се одржа под ореовите ладовини на Ораовица кај Радовиш.
Во овој летен период интензивно се подготвуваат 20-те јубилејни Републички пензионерски натпревари кои ќе се одржат на 4. септември во Скопје со учество на околу 400 натпреварувачи во 11 дисциплини во машка и женска конкуренција.

Светлана Дарудова

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3