Инфо  

Галерии

Отворени се нови аптеки и аптекарски станици

23.7.2015

Фондот за здравствено осигурување потпиша договор со 21 нови аптеки, аптекарски станици и подвижни аптеки, на територијата на Република Македонија. За сите нови договорни партнери, утврдени се квоти кои почнуваат да важат од 1 јули 2015. Од новите потпишани договори, 5 се подвижни аптеки, чија цел е снабдување со лекови во рурални средини, со најмалку еден здравствен работник, фармацевтски техничар. Новите 5 подвижни аптеки се за следниве подрачја: село Врапчиште – Гостивар (покрива 29 населени места); село Ростуше, општина Маврово (покрива 64 населени места); село Могила, општина Могила (покрива 115 населени места); општина Боговиње – Тетово (покрива 17 населени места); село Брвеница, општина Тетово (покрива 35 населени места). Бројот на население кое е опфатено со 5-те нови подвижни аптеки и бројот на граѓани кои ќе имаат олеснет пристап до лекови, изнесува 33, 786 граѓани. Вкупната годишна квота која Фондот ќе ја издвојува за овие аптеки е 3, 8 милиони денари.

Потпишани се договори за нови 13 аптекарски станици за следниве населени места: село Горно Оризари - Битола; село Пирава - Валандово; село Мелница, општина Чашка; село Блатец – Виница; село Градец – Виница; село Негорци – Гевгелија; село Ваташа - Кавадарци; село Тркање, општина Кочани; село Црнилиште -општина Долнени; село Црешево - општина Гази Баба; село Шишево - Скопје; Кондово – Скопје; село Милетино, општина Брвеница - Тетово. Годишната квота која Фондот ќе ја издвои за новите 13 аптекарски станици е 7, 8 милиони денари.
Дополнително, вкупната вредност на квотите за 46-те аптекарски станици со кои Фондот претходно потпиша договори, изнесува 31, 4 милиони денари годишно. Односно, за вкупниот број на досега склучени 59 договори со аптекарски станици и 5 договори со подвижни аптеки, Фондот обезбедува 43 милиони денари.
Исто така, Фондот склучи договор и со една рурална аптека, во село Обршани, општина Кривогаштани. Истовремено, склучени се и 2 нови договори со аптеки кои добиле лиценца за работа во мрежата утврдена од Министерството за здравство во Кичево и во Тетово.
Население кое е опфатено со придобивките од склучување договори со нови аптекарски станици во рурални средини е преку 50, 000 осигуреници. Со овој проект обезбедуваме континуирана примарна здравствена заштита на осигурениците и полесна достапност до лекови. Со претходно потпишаните 46 договори за аптекарски станици ја зголемивме достапноста на лекови поблиску до местото на живеење на преку 180 илјади граѓани, а исто така огромен број граѓани ќе можат да подигнат лекови на товар на ФЗОМ преку подвижни аптеки. ФЗОМ годишно издвојува значителна сума од 2 милијарди и 450 милиони денари за лекови за граѓаните во земјава. Средствата се распределени на вкупно 768 аптеки кои во моментов имаат активен договор.
Сето ова највеќе ги израдува пензионерите кои се најголеми потрошувачи заради годините, а отворањето на овие аптеки им овозможува да заштедат и пари и време за набавка на неопходните лекови.
Калина С. Андонова

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3