Инфо  

Галерии

Од зголемувањето на пензиите задоволни најголемиот број пензионери

8.10.2015

Вицепремиер и министерот  за финансии и Зоран Ставрески заедно со Диме Спасов министерот за труд и социјална политика го посетија раководството на најголемата, невладина, непартиска и мултиетничка организација Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија. На средбата присуствуваа претседателот на СЗПМ Драги Аргировски, подпретседателот на Собранието на СЗПМ Бесник Поцеста и секретарот на Извршниот одбор на СЗПМ Станка Трајкова. Средбата мина во релаксирачка и пријателска атмосфера.

-Нашата доверба и соработка не се од вчера. Ги градиме веќе девет години, а резултатите се потврда за тоа. Владата и нејзинате министерствата водат континуирана грижа за најстарите жители на земјата. Во таа насока се и многуте проекти кои се реализирани со успех, а така ќе биде и во иднина, - изјави на почетокот на средбата, вицепремиерот Ставрески.

Надоврзувајќи се на неговите зборови министерот Спасов рече:

-Владините проекти бањако-климатска рекреација и бесплатен туристички викенд пензионерите ги поздравија со задоволство. Тоа го потврдија на неколкуте средби што ги имавме со нив. Со овие два проекти досега се опфатени над 36 000 пензионери.

Претседателот на СЗПМ Драги Аргировски ги информираше гостите за неодамнешното учество на македонските пензионери на 15. меѓународен фестивал за трето животно доба во Љубљана - Словенија, на кој со песни и игри од Македонија беше преставена нашата земја пред присутните пензионери и гости од Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Македонија, Словенија, Србија, Унгарија и Црна Гора, и на кој СЗПМ беше прогласено за лидер во пензионерското организирање на Балканот и пошироко и беше поздравена иницијативата идната година да се одржи Балканска фолклорна ревија по повод 70 години од пензионерското организирање во Македонија. Тој исто така ги информираше високите гости дека сите тие постигања се резултат на залагањата на членството, но и на поддршката што ја има Сојузот од нашата Влада, нејзините министерства и локалната самоуправа.

Потоа беше одржана прес конференција на која имаше голем број новинари од електронските и пишаните медиуми. Во својата изјава пред нив, вицепремиерот Ставрески рече:

-Денес беше исплатена септемвриската пензија зголемена за 621 денар за секој пензионер во Р Македонија. Во октомври 2016 година ќе бидат исплатени уште по 650 денари зголемени пензии за сите пензионери во државата. Со ова го исполнивме најголемото ветување кое им го дадовме на нашите највозрасни граѓани, што е доказ дека ние како Влада ветувањата не ги забораваме и ги исполнуваме.

Во својата изјава министерот Спасов појасни дека Владата и Собранието на РМ ги усвои измените и дополнувањата на Законот за ПИОМ и на Законот за социјална заштита. 

- Со оваа последно зголемување пензиите се зголемија за 5 %. Досега зголемувањето на просечната пензија од 2006 година заклучно со октомври годинава изнесува 70,3 проценти. Од 7.683 денари, во 2006 година, сега просечната пензија изнесува 13.085 денари, - рече Спасов. 

-Оваа одлука на Владата ја поддржа и СЗПМ. Зголемувањето на овој начин е многу поголемо од редовното усогласување за многу поголем број на пензионери со пензии до 15 000 денари и за нив изнесува од 4-8 %. Согласувњето на Сојузот со ова решение е во согласност со главната карактеристика на пензионерите: солидарноста. Најголемиот број пензионери се задоволни бидејќи со ова покачување просечната пензија во Р Македонија е највисока од земјите во опкружувањето,  - истакна Аргировски.

Калина С. Андонова

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3