Волонтерство во здруженијата на пензионери
8.3.2016
Ако се запрашаме на кого најмногу му е потребна помош и подадена рака тоа се сепак старите осамени лица. Затоа традиционално, волонтерството е составен дел на активностите што се одвиваат во здруженијата на пензионерите - членки на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија.
Пензионерот знае дека додека е здрав и способен може да им помага на другите, но не е исклучена можноста еден ден и тој да биде оној што ќе добие помош од некој друг пензионер. Затоа не случајно се вели помогни за да ти помогнат и на тебе. Од тие причини секоја година волонтерството зазема значајно место во програмите за работа во здруженијата и СЗПМ, како правни лица од јавна корист кои не создаваат профит или добивка.
Најзначајни носители на волонтерството во здруженијата на пензионери се активите на пензионерките. Меѓународниот ден на жените 8. март, е можност да им оддадеме благодарност на волонтерките за нивните напори и да се зголеми јавната свест за нивниот придонес.
Правна рамка за волонтерството е Законот за волонтерство според кој тоа е слободно давање услуги инспирирано единствено од слободната волја, а не од желбата за материјална или финансиска добивка која има цел намалување на ранливоста на целната група на која сакате да помогнете.
Познат е и фактот дека некои пензионери никогаш не биле претставени како волонтери но имаат направено услуги на другите, доброволно, без никакви обврски и без притисоци. Јас познавам повеќе такви волонтери во СЗПМ и во нашите здруженија. Да не заборавиме, волонтери се и сите оние соседи, пријатели, жители и граѓани што со задоволство им подаваат рака на другите, прават корисни работи за местото каде што функционира здружението на пензионери. За волонтерите велат дека тие немаат секогаш време но имаат срце. Познато е дека постои долга традиција на следење на волонтерството како облик на милосрдие врз основа на алтруизам и несебичност.
Волонтерството како облик има и свој развој, па така во денешни современи услови за 2016 година, преку новиот проект „Пензионерот - волонтер“ од страна на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија ќе биде анализиран од сите аспекти (како се одвива видот на волонтерски активности, кој ги извршува, пензионерот опфатен со волонтерска помош, следење на извршувањето на волонтерските работи, договорите за волонтерство, одговорноста на волонтерот, на организаторот и др.) и потоа истиот ќе биде понуден на здруженијата на пензионери.
Имено, во услови кога бројот на пензионерите расте, се зголемува и бројот на членовите во едно здружение, така што ако сакате да го развивате волонтерството на вистинскиот начин морате да имате и податоци за пензионерот.
Оваа активност по здруженијата на пензионери ќе се развива преку имплементирање на овој социјален документ кој во себе содржи податоци за пензионерот како што е: вкупен број пензионери во здружението, материјално-социјалниот статус, образовната структура односно степен на завршено образование, брачна состојба, семејна состојба, број членови на домаќинството, податоци дали пензионерите издржуваат други лица, дали им се потребни услуги (да се набават прехранбени продукти, да се платат сметки, помош при посета на лекар, набавка на лекови, одржување хигиена во домот), односно добивање вкрстени податоци за пензионерите во едно здружение.
Располагајќи со валидни податоци за пензионерот полесно може да се утврди видот на помошта којашто треба да ја добие оној пензионер кој тоа го заслужува. Во ова современо време податоците на пензионерот и неговата приватност задолжително подлежат на заштита согласно со прописите за заштита на личните податоци.
Досегашните истражувања покажуваат дека голем број пензионери се оставени сами на себе, а и пензионерите од руралните средини, кои повикуваат на помош. Нив, покрај соодветниот вид волонтерска активност, многу ќе им значи и едно телефонско јавување со прашање КАКО СТЕ. Така и без многу средства може да се остварува инклузијата како современ принцип на социјалната заштита. Токму поради тоа Сојузот и здруженијата на пензионери се вклучуваат и во активностите на Црвениот крст и центрите за социјална работа развивајќи ја социјално-хуманитарната страна преку најхуманата активност – волонтерството.
Станка Трајкова