Инфо  

Галерии

Посета на пензионерите во Негорски Бањи

7.5.2016

Заменикот министер за труд и социјална политика, Диме Спасов, заедно со претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Драги Аргировски и градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов, ги посетија пензионерите кои престојуваат во Негорски бањи, чиј престој e дел oд проектот Бањско-климатска рекреација на Владата на Република Македонија. При посетата во Негорски Бањи заменик министерот Спасов меѓу другото рече:

-Овој проект кој стартуваше во 2010 година е еден од најприфатените од пензионерите. Проектот опфаќа шест полни пансиони во кои влегуваат три оброци во денот, бањска терапија и повеќе други работи што влегуваат во севкупниот аранжман, вклучително и надзор на лекар и постојани прегледи за оние на коишто тоа им е потребно. Проектот резултираше со голем успех, а досега со него се опфатени над 36.000 пензионери. За оваа година се планира да се опфатат уште околу 5.500 пензионери. За нив се обезбедени средства од буџет во износ од 38 милиони денари и тоа 35 милиони денари за покривање на престојот на пензионерите и 3 милиони денари за трошоците за превоз. Ова е целосно бесплатен проект за сите оние кои ќе аплицираат и ќе бидат изберени. Досега оваа година услугата ја искористија 3.660 корисници на пензија. Проектот продолжува до  крајот на мај, а останатиот број до 5 500 ќе се искористи во септември и октомври,- истакна Спасов.

Претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери Драги Аргировски, при оваа посета им го честитеше на присутните пензионери големиот јубилеј, 70 години од пензионерското организирање во Македонија и при тоа потенцираше дека овој проект е од големо значење за возрасните лица, за нивното здравје и за нивна социјализација, рекреација и  дружење.

- Проектот  бањско-климатска рекреација на Владата на Република Македонија, СЗПМ го поддржа пред пет години и за пофалба е што проектот ги надмина сите очекувања. Бенефит од проектот имаат корисници на пензија главно со пониски пензии, кои во никој случај со свои средства не би можеле да си дозволат ваков престој. Тие уживаат во чистиот воздух и лековитите минерални води овде во Негорските Бањи. Проектот придонесува и за развојот на бањскиот туризам во Република Македонија, што е исто така добро, а сите шпекулации околу овој проект се невистинити. Средствата за погребнина немаат никаква врска со овој проект, - истакна Аргировски.

Градоначалникот на Гевгелија Иван Франгов ја нагласи многу добрата соработка со Здружението на пензионерите во Општината, како и со СЗПМ, и рече дека локалната самоуправа ќе се залага за натамошна модернизација на бањите во Негорци.

-Гевгелиските пензионери ги користат погодностите на бањско-климатската рекреација, а Негорските Бањи се домаќин и на пензионерите од целата земја. Ова е добро и за Гевгелија и за Негорски Бањи, добро е за сите, - рече Франгов.
К.С.А.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3