Инфо  

Галерии

Емисија КОЛОСЕК на ТВ МТМ
Разговор во студио со Драги Аргировски, претседател на СЗПМ

25.7.2016
  • Претседателе Аргировски, добродојдовте во МТМ. За нашата телевизија претставува особена чест што прифативте да бидете наш гостин, бидејќи Вие сте еден од ретките новинари и публицисти и доајен на електронското новинарство. И покрај се’, Вие сте и активен општественик, актуелен претседател на најголемата неполитичка мултиетничка невладина организација, Сојузот на пензионери на Македонија. На почетокот  кажете ни која е целта на оваа асоцијација која опстојува веќе 70 години?

- Во Македонија на 20 септември 1946 година имало само околу 2.600 пензионери. Тој број постојано се зголемува, сега во Република Македонија има околу 300.000 корисници на пензија од кои 183.000 се корисници на старосна пензија, околу 40.000 на инвалидска и околу 76.500 на семејна. СЗПМ како најголема невладина организација во Република Македонија со 250.000 членови сме и најактивна пензионерска организација не само кај нас туку и на Балканот. Во Национален сојуз за трудови инвалиди, во Сојуз на инвалидски пензионери и Сојуз на инвалиди на трудот и корисници на инвалидска пензија, во тие три сојузи на инвалидски пензионери членуваат околу 36.000 пензионери, тоа се посебни организации, си имаат свои регистрации и органи. Основна цел на Сојузот е пред се’, заштита и унапредување на правата од пензиско и инвалидско осигурување, здравствената заштита, културните и спортските настани, хуманитарната активност и друго или со други зборови кажано подобар стандард и активно стареење на луѓето од трето доба преку организирано дејствување.

  • Неодамна по повод јубилејот на 7 јуни сe одржа Републичката ревија на песни, музика и игри. Какви се оценките за оваа значајна пензионерска културна манифестација?

 -Годинешнава Републичката ревија на песни, музика и игри беше досега една од најдобрите фолклорни ревии на пензионерите во Република Македонија. Тоа е шеста по ред и на неа во програмата учествуваа ансамбли на 27 здруженија со 600 пензионери, што е посебен рекорд досега. Ревијата беше квалитетен  избор на настапи од 50 здруженија што учествуваа на четиринаесеттите регионални ревии на песни, музика и игри, што се одржаа во осум градови во Република Македонија.  Во преполната концертна сала на Домот на АРМ во Скопје, покажавме дека пензионерите и понатаму ги негуваат таа убавите носии, песните и ората, од сите етникуми што живеат во Република Македонија. Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, со право истакна дека пензионерите многу придонесуваат за да се вратат од заборав голем број на песни и на обичаи, а како резултат на тоа и оваа година нашите ревии беа прогласени за манифестации од национален интерес за културата на Република Македонија.
Покрај ревиите СЗПМ организира и спортски натпревари кои се одржуваат веќе 21 година.  Годинава осумте регионални спортски игри се одржаа во осум општини во државата, а  Републичката олимпијада ќе се одржи на 3 септември  на спортските терени кај комплексот  „Шампион“ во Радовиш. И оваа средба ќе се одржи по повод 70 години пензионерско организирање и во чест на 25 години на независноста на Република Македонија. Се очекува да присуствуваат над 1.300 учесници, од кои околу 500 натпреварувачи во 21 дисциплина.

  • Кои други активности ги имаат пензионерите освен овие големи собири и дружења кои ги посочивте?

 - Веќе неколку години имаме нагласка на средбите на зелено, кои се многу масовни и шират позитивна енергија меѓу пензионерите. На пикник средбата на Еленец кај Македонска Каменица годинава учествуваа рекордни 7.000 пензионери од сите краеви на нашата земја, а околу 6.000 беа на отворањето на туристичката сезона во Дојран. Во јули над 8.000 пензионери ќе учествуваат на средбата на Ореовица кај Радовиш, а доста голем број на присутни се очекува да има и на традиционалните пензионерски средби во Пелинце кај Куманово, крај манастирот Пантелеј кај Кочани, во Спортскиот рекреативен центар во скопски Сарај, во Лесново и други излетнички места . Тука до полн израз доаѓа меѓусебното почитување и соживотот, ширењето на пријателството, социјализацијата на пензионерите и друго. На овие дружења превозот го обезбедуваат здруженијата од членарината, а пензионерите вообичаено е сами да се снабдуваат со храна. Дружејќи се во природните убавини на Македонија пензионерите остваруваат незаборавни спомени.

  • Почитуван колега Аргировски, претседател сте на Сојузот на здруженијата  на пензионерите на Македонија од 2011 години. Во овој временски интервал од шест години колку се остваруваат барањата на пензионерите?

 - Задоволни сме од постигнатото, но секогаш може да биде подобро. Оваа 2016 година  во чест на  јубилејот имаме зголемени активности на здруженијата во врска со хуманитарните активности. Се настојува секој пензионер да ја осознае и почувствува нашата организација. Во таа насока ги поттикнуваме активностите со Црвениот крст на Република Македонија, со цел пензионерот да почувствува дека  не е оставен сам на себе. Не изостанува и грижата за добро информирање на членството преку нашето гласило и со ваквите емисии како оваа на ТВ МТМ, но и во другите радио и телевизии, кко и во дневните весници и слично. Во весникот „Нова Македонија“ неколку години се објавува месечен прилог „Пензионерски видици“, а во Коха на албански јазик, страница за пензионерите. Имаме и своја ВЕБ страница на која здруженијата членки на Сојузот имаат и свои подстраници. Во чест на јубилејот објавен е 50-тиот број на прилогот „Пензионерски видици“, а до крајот на годинава ќе се објави и 100-тиоот број на весникот„Пензионер плус“ кој секогаш има богата и интересна содржина за сегашни и идни пензионери. Ваков весник и информирање нема ниту еден Сојуз на пензионери на Балканот. Во нашите гласила и на сите настапи во јавноста не случајно го нагласуваме овој метод  на ширење на вистината и на фактите. Сето тоа придонесува пензионерите навремено правилно и точно да бидат информирани.
Сојуз се грижи и за подобрување на стандардот на пензионерите. Знаете дека во овие десетина години пензиите се зголемени: најниската  за 84% и изнесува околу 8.000 денари, а просечната за 72 отсто и веќе е 13.095 денари. Тоа се 213 евра и е највисока просечна пензија во овој дел на Балканот. Во Република Македонија 213.000 пензионери имаат пензија до 15.000 денари, а само околу 16.000 пензионери се со повисоки примања од просечната плата. Износ до просечна пензија примаат околу 180.000 корисници, а највисока  од 35.680 денари само 1.825 пензионери или 0,6 отсто од вкупниот број. И покрај политичката криза се смета дека пензиите  редовно ќе се исплатуваат. И не само тоа. Планирано е пензиите во Македонија до крајот на годинава да се зголемат во вкупната маса за 5 отсто, така што просечната пензија ќе се зголеми на 13.745 денари и ќе изнесува 223 евра или 60 отсто од просечната нето плата.
За подобар стандард на пензионерите свој придонес имаат и неколку успешни Проекти што ги реализираме со Владата на Република Македонија, а се многу битни за пензионерите. Да споменам некои од нив: бањско-климатска рекреација, туристички викенд и бесплатен железнички превоз. Во Скопје и неколку други градови во соработка со локалната самоуправа воведен е бесплатен јавен автобуски превоз за пензионерите.

Само за година и пол има околу 60.000 пензионери кои користеа бесплатен превоз со воз, а  бањско-климатска рекреација за шест години користеле 37.000 пензионери главно со ниски пензии. Тоа придонесе и за развој на бањскиот туризам. Дебарската Бања „Цапа“ сега е европска бања, во Катлановска Бања исто така, многу работи се изменети во позитивна смисла. Тоа може да се каже и за Негорски Бањи, како и за Бањата Бањско. Се’ се тоа непобитни факти, па затоа пензионерите со индигнација  ги отфрлија разните интриги во врска со овие бенефити. Пензионерите ги заслужуваат овие поволности, бидејќи во работниот век беа главни градители на сите области во нашата земја.
Во Република Македонија во овој период  здруженијата на пензионерите самостојно или во соработка со локалната самоуправа отворија и повеќе клубови на пензионери и нивниот број веќе е зголемен на над 350. Во нив неделната фреквенција е 150.000 корисници и посетители, кои се дружат, играат шах, домино, табла, гледаат телевизија, читаат весници и слично. Државата отвори и неколку Центри за целосен дневен престој на пензионери и стари лица. Во последните неколку години се остварува многу добра соработка со Фондот на ПИОМ, со Фондот за ЗОМ, со Сојузот на синдикатите на Македонија и Црвениот крст на Македонија. Заедно со Фондот за здравствено осигурување, минатата година покренавме една голема активност, која оваа година ја интензивираме, а тоа е проектот „ФЗОМ поблиску до пензионерите“. Се одржуваат работилници за запознавање на пензионерите со правата од здравственото осигурување и активностите на Фондот.  Со ангажирање и соодветен притисок од нашиот Сојуз и со взаемно разбирање со Министерството за здравство и со Фондот за здравствено осигурување донесена е Одлука  пензионерите кои имаат пензија пониска од 12.600 денари, доколку користат болничко лекување да бидат ослободени од партиципација. Потенцијални корисници на оваа поволност се околу 150.000 пензионери, за кои, заедно со грижата за здравјето, им се олеснува и финансискиот трошок за лекувањето.

  • Господине Драги Аргировски, познато е дека сте добитник на многу награди и признанија за Вашата работа, а една од најважните награди е државната награда „11 Октомври“  за животно дело во областа на новинарството и публицистиката. Овие награди се доказ за Вашата успешна кариера. Досега имате издадено 18 книги, од кои пет за пензионерската проблематика. Што туку излезе и шестата книга наменета за пензионерите „Студија за пензионерското организирање“. За каква книга станува збор?

 - Оваа книга е една документација што ја подготвивме со колегата Илија Глигоров, за тоа како настанала пензионерска организација во Македонија, па и во светот, какви се  европските практики на ова поле, и кои други активности ги имаме во текот на овие 70 години на развојот на оваа значајна граѓанска невладина асоцијација. Во нашата земја  недостасуваше еден ваков труд. Кога на почетокот на годинава го формиравме Одборот за одбележување на овој значаен јубилеј се донесе одлука да се подготви една ваква публицистичка книга, како студија во која може да се најдат сите елементи за тоа како се развивала нашата организација, со какви проблеми се судрувала посебно во транзицијата и друго. 20 септември 1946 година е прогласен за ден на пензионерите на Македонија. Во таа година во што туку ослободената Македонија, како што напоменав на почетокот од разговорот, имало само околу 2.600 старосни, семејни и инвалидски пензионери. Според утврдените податоци на Државниот завод за статистика во 1951 година бројот на пензионерите е зголемен на околу 5.500, а во 1960 година на 51.500. Триесет години подоцна во 1990 година во Република Македонија бројот на вработените ја достигнува бројката од 600.000, а на пензионерите 130.000, односно 4,6 спрема 1. Во транзицијата до 1996 година со приватизацијата бројот на вработените значително се намалува на 412.000, односно за 188.000, а истовремено бројот на пензионерите се зголемува на 220.000, односно за 90.000. Со тоа соодносот вработени со пензионери  станува загрижувачки 1,8 : 1. Овој однос се зголемува на 2,3 : 1, дури во 2015 година кога бројот на вработените во нашата земја се зголемува на 695.300, а на пензионери на 301.700. 

  • По оваа прва презентација на најновата шеста книга, сакам да Ве прашам која  од Вашите книги оставила најголем впечаток кај вашите читатели пензионери, а која Вам Ви е најдрага?

-Сите книги ми се драги, бидејќи се подготвувани со голем труд и многу љубов. Првата книга со оваа тематика беше многу провокативна „Неговото височество пензионерот“ како еден сериозен публицистички продор во таа област за нашата популација. Ја нагласив  потребата да се цени човекот во третата доба со мудроста и искуството за неговото позитивно дејствување и да не се става пензионерот на маргините на општеството. Ова навистина предизвика значителен интерес помеѓу читателите. Тогаш не бев во раководството на СЗПМ, туку само активен пензионер. Потоа ги објавив „Пензионерска сага“ и „Во виорот на третата доба“. Сепак најдобри книги и според добиените оценки и критиката се „Нашите пензионерски времиња“ за која добив и највисока државна награда и промоцијата беше на многу високо ниво, и книгата „Моето име е пензионер“ каде потенцирав дека не е важно што сте работеле пред тоа, туку е важно дека сега сте пензионер! Така на пример јас бев и програмски директор во МРТВ, бев и на други високи функции, ама сега сум пензионер и така со гордост се чувствувам. Сегашните наши интереси треба да бидат заеднички за сите пензионери како еден нов еснаф. Без разлика кој што бил, сега треба сите да бидеме сплотени и да ги решаваме пензионерските прашањата и проблеми. Сегашната егзистенција на сите ни зависи од пензијата која доаѓа од еден извор. Благодарни сме што успеваме да постигнеме доста добри резултати на ова витално за нас поле, преку нашето единство и тимска работа. Има и мала група, и една маргинална партија со подруги мислења, кои со лаги и манипулации се обидуваат да ги намалат овие наши аргументирани успеси. Токму на оваа тема, подготвувам нова книга со наслов „Аргументите ја осветлуваат вистината“, која е влезена во програмата за прослава на нашиот јубилеј. Пишувањето, посебно на публикации ме одржува во кондиција. Кога ја знаете вистината, не можете да кажете дека на пример „не постои МТМ“, а постои бидејќи има програма и гледачи, има сведоци кои потврдуваат дека постои, тоа е аргумент против манипулација. Аргументот мора да го цени секој. Како што е речено „кога се во прашање аргументите и боговите молчат“. Аргументите и фактите се алфа и омега и во новинарството. Јас како долгогодишен новинар почувствував потреба токму за овој седумдесетгодишен јубилеј да подготвам такво публицистичко дело. Текстот е во поодмината фаза и се надевам дека после два месеци ќе имаме можност да направиме и негова презентација. Инаку, според Одлуката на Одборот за одбележување на јубилејот, подготвуваме и посебна монографија „70 години пензионерско организирање во Македонија 1946-2016“. Во неа подетално и посеопфатно ќе се опише развојот и работата во организацијата. Очекуваме монографијата да се заврши до крајот на годината кога ќе се сумираат сите активности за јубилејот, а особено прославата со свечената академија на 16 септември 2016 година, која ќе биде под покровителство на претседателот на државата. Во монографијата ќе ги истакнеме досегашните резултати и плановите за идниот развој, како платформа  за оваа невладина, непартиска, мултиетничка асоцијација и на тој начин ќе оставиме уште еден значаен белег за наредните генерации да знаат што се правело во овие 70 години во пензионерската организација.

  • Господине Аргировски, какви се Вашите планови за  развојот на Сојузот на здруженијата на пензионерите и општо за сите пензионери?

-Во СЗПМ веќе имаме добра платформа на пензионерското организирање во Република Македонија, па тргнувајќи оттука, мислам дека полесно ќе продолжиме да надоградуваме и делуваме во интерес на пензионерите, но и на целото општество. Решивме повеќе значајни проблеми. Но, останува во наредните години да се решава еден од најгорливите проблеми, а тоа е сместувањето на пензионерите во старски и пензионерски домови. Недостатокот од сместувачки капацитети во пензионерските домови е очигледен. Благодарение на нашата соработка со Владата и со Фондот на ПИОМ успевавме да придонесеме некои домови да се реновираат, а сега инсистираме и да се градат и нови сместувачки капацитети како за самци пензионери така и за пензионерски брачни двојки. Потребите се значителни во сите региони на Македонија. И нашите здруженија се многу активни по ова прашање. Забележлив напредок има во градбата на домот во Штип, а во Кочани е усвоено проектантско решение кое чека инвеститор за изградба на современ старски пензионерски дом со европски стандарди. Посебно е за поздравување Одлуката на Владата од идната година во Скопје да започне градба на 510 легла која ќе се одвива во три фази, така ќе се изградат три пати по 170 легла во пензионерски домови со што ќе биде двојно поголем нивниот капаците од досега. Со тоа проблемот ќе се ублажи со тенденција целосно да се надмине. Таквото сместување е многу важно за пензионерите кои имаат пониски примања, а не им е решено домувањето.
Како многу значајна задача на нашето раководство во овој период е иницијативата за донесување посебен закон за пензионерското организирање во Македонија, како и за стари лица. Мора попрецизно во законите да се регулира децата да се грижат и да ги помагаат старите и немоќни родители. За целосно согледување на оваа проблематика СЗПМ во договор со здруженијата започна и изготвување на социјална карта на членството.

  • На крајот Ви благодарам за гостувањето и за овие информации кои преку нашата телевизија ги споделивте со гледачите.

- Благодарам и јас, ми беше навистина задоволство што бев гостин во Вашата емисија. Се надевам и верувам дека и другите раководители што ќе дојдат во иднина, дека ќе продолжат со интензивно темпо да работат за да може навистина луѓето од третото животно доба да имаат достоинствена старост, здраво и активно стареење.

Разговорот го водеше Марија Петковска

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3