Наградата значи чест, но и обврска
„Повелба на Република Македонија“ за СЗПМ
20.2.2017
Свечената академија се одржа во присуство на околу 700 пензионери и гости од земјата и странство кои со почит, гордост и аплаузи го пратеа обраќањето на првиот човек во нашата земја.
-Почитувани пензионери, драги гости, дами и господа,
Пред четврт век, Република Македонија прогласи независност и сувереност. Најголем удел во тој голем историски потфат имаа генерациите кои беа работоспособни и кои на своите рамена, со својот труд, искуство и знаење придонесуваа кон градењето на младата држава. Голем дел од таа, клучна генерација веќе не се млади, ниту вработени. Денес сум тука со вас, во својство на покровител на прославата на седум децении пензионерско организирање во Република Македонија. Особено ми е драго што на денешнава академија ќе имам и можност на Сојузот на здруженија на пензионери на Република Македонија да им доделам Повелба на Република Македонија како благодарност за сите нивни активности на полето на пензионерското организирање.
Јубилеите се убава можност да се направи рекапитулација на сработеното. Благосостојбата на една држава може да се согледа од тоа како ги третира најмладите и најстарите граѓани. Државата треба да продолжи со своите програми и проекти да ви овозможи достоинствен живот. Овој јубилеј е можност да се еволуираат програмите и активностите и, секако, со нова енергија да се продолжи во унапредувањето на правата и должностите на пензионерите. Велам должности, бидејќи вие сте многу важен дел од општеството.
Пензионирањето од работа не значи пензионирање од општеството. Напротив, пензионерите со своите активности и помагање во рамките на домот и семејството, но и во пошироката заедница, преку учество во најразлични иницијативи со своето искуство и интелектуален капацитет се активни чинители на општествените текови. Сево ова на соодветен начин треба да биде максимално исползувано и верифицирано од нашето општество.
Навистина е импресивна листата на активности, инцијативи, програмски содржини, организирани, иницирани и реализирани од здруженијата на пензионери во сите делови на нашата земја. Исто така впечатливи се активностите на полето на културата и уметноста, особено во музиката. Неодминлив дел се и спортските пензионерски натпревари на локално, регионално и државно ниво.
Ја поздравувам и меѓународната соработка која ја остварува Сојузот на здруженијата на пензионери на Република Македонија. Секако, кога се зборува за она што е дејност на Сојузот не може да се изостави медиумската активност, пред сe издавањето на месечникот „Пензионер плус", но и редовно ажурираната веб-страница на Сојузот, кои нудат неопходни и корисни информации.
Драги пензионери,
„Повелбата на Република Македонија“ е и признание за сите пензионери, за нивниот придонес за заедницата за време на работниот век, но и по заминувањето во пензија. Но, истовремено и очекување од вас. Да го пренесете вашето акумулирано знаење, искуство и мудрост, без кои ниту едно општество не може да функционира. Да ни помогнете да не ги повторуваме грешките што се правеле во минатото. Да им дадете пример на младите.
На крајот од моево обраќање би сакал од сe срце да ви посакам со радост и во добро здравје да уживате во вашите пензионерски денови, кои сте ги заслужиле макотрпно работејќи. Со мислата за благосостојба на сите наши граѓани и за силна и просперитетна Република Македонија, дозволете ми, на самиот крај, уште еднаш да ви го честитам големиот јубилеј и да ви посакам среќни и исполнети пензионерски денови.
По обраќањето претседателот Иванов во многу свечена атмосфера му ја врачи Повелбата на претседателот на СЗПМ, Драги Аргировски, кој примајќи го оваа највисоко признание кое СЗПМ го има добиено во изминатите 7 децении, заблагодарувајќи се меѓу другото истакна:
- Во овој свечен миг, дозволете ми најпрвин во името на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија и во лично име најискрено да се заблагодарам на претседателот на Република Македонија, Неговата екселенција д-р Ѓорге Иванов за враченото одликување на Сојузот кое значи признание за 250 илјади пензионери - членови на една од најстарите, најмасовните, најактивните невладини, неполитички, мултиетнички граѓански организации во Република Македонија. Одликувањето „Повелба на Република Македонија“ е највисокото признание во седумдецениската историја на пензионерското организирање во нашата земја. Затоа, голема, голема благодарност на претседателот на Република Македонија и на соодветната комисија. Голема благодарност кон почитуваниот претседател кој со оваа Повелба им прави чест и почит на сите пензионери во нашата земја.
Им благодариме за присуството на сите владини претставници, на државни институции, на раководители на значајни компании со кои соработуваме, на сите добитници на јубилејни плакети и признанија, на учесниците во програмата на Свечената академија, на членовите на гардата на претседателот, на гостите од пензионерските сојузи на Словенија и Албанија, на медиумите, на сите вас кои со своето присуство го зголемивте значењето на ова величествено одбележување на 70-годишнината на пензионерското организирање во нашата земја. Тоа е редок јубилеј кој заслужува посебен респект и од пошироката јавност.
Потоа претседателот Аргировски зборуваше за историјатот и развојот на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија во изминатите 7 деценија и додаде:
- Денес СЗПМ е силна масовна мултиетничка граѓанска асоцијација која развивајќи се во континуитет, остава траги и во развојот на државата и со своите 53 доброволно здружени здруженија на пензионери е и вистински репрезент на неговото височество пензионерот.
Како што е познато, во последните неколку години Сојузот во интерес на пензионерите остварува многу добра соработка со Министерството за труд и социјална политика, со Министерството за култура, со Фондот на ПИОМ, со Фондот за здравствено осигурување, со Сојузот на синдикатите на Македонија и со Црвениот крст на Македонија. Благодарение на таа соработка и ангажираност реализирани се голем број проекти во интерес на пензионерите.
Карактеристика на периодот од новиот милениум е отстранувањето на информативниот мрак за пензионерската проблематика, со излегувањето на „Пензионерски видици“ во 2005 година како прилог на весникот „Нова Македонија“, со воведувањето емисии на Македонската телевизија и Радио Скопје, а во 2008 година почна да излегува и весникот за сегашните и идните пензионери „Пензионер плус“ со страница на албански јазик. Воведена е и современа ВЕБ-страница на СЗПМ, како и прилог за пензионерите во весникот на албански јазик „Коха“. Во сите нив се негува методот на ширење на вистината и на фактите. Тоа придонесува пензионерите и јавноста навремено, правилно и точно да бидат информирани и со непобитни аргументи да ја негуваат вистината. Со ваквото богато информирање Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија е единствен на Балканот.
Сите наведени активности и резултати се за почитување. Кога станува збор за пензионерската проблематика, СЗПМ е категоричен дека сите политички фактори треба да имаат единствен позитивен став, бидејќи тоа се битни прашања за пензионерите и во интерес и на државата. Очекуваме успешно да продолжиме да чекориме по патот кој сме го одбрале со нашето искуство, знаење и мудроста и по кој чекориме седум децении. Мудроста и искуството ги красат постарите, а силата е кај помладите - заедно постигнуваме повеќе.
Во салата се слушаше аплауз помешан со радост и со гордост. Сите беа радосни и заради високото признание, но и свесни дека признанието е и обврска за постигнување уште повисоки резултати и поголема ангажираност за подобар стандард и поквалитетни исполнети пензионерски денови.
Во рамки на Академијата беше изведена и пригодна културно-уметничка програма со учество на пејачки и играорни групи и музичари од здруженијата на пензионери: Гази Баба, Кисела Вода, Солидарност-Аеродром, Чаир и Ѓорче Петров.
Потоа во ресторанот „Ханибал“ беа врачени плакети и признанија на институции, истакнати личности, здруженија и активисти за особен придонес во развојот на пензионерското организирање во Македонија.
Калина С, Андонова
Текстот е објавен во весникот Macedonia во Канада