Инфо  

Галерии

Пензионерките се најактивни во волонтерството

29.11.2013

-Во Република Македонија се поголем е бројот на луѓе кои и припаѓаат на возрасната популација. Од овој процент речиси една третина се жени, кои се најзастапени и најактивни во волонтерството, истакна во своето излагање Драги Аргировски, претседател на СЗПМ, на работилницата која се одржа на 29 ноември во Кавадарци, а на која присуствуваа претседателите на ИО на здруженијата на пензионери членки на СЗПМ и претседателките на aктивите на пензионерки при здруженијата. Домаќин на работилницата беше ЗП Кавадарци, на која присуствуваа речиси сите здруженија. Тема на работилницата беше Волонтерството и активностите и значењето на активите на пензионерки.  Медијатор на  работилницата беше Методија Тошевски потпретседател на ИО на СЗПМ.
На присутните им се обрати претседателот на ИО на ЗП Кавадарци Ристо Анѓушев кој им посака добредојде со желба пријатно да се чувствуваат во Кавадарци, градот на грозјето и на виното, а на претседателот Драги Аргировски во името на ЗП Кавадарци и во свое лично име му ја честиташе наградата за животно дело „11 Октомври за 2013 година“, истакнувајќи дека со неговото доаѓање на чело на Сојузот се направија многу промени и тоа на подобро, а дека за активностите на Сојузот дозна и пошироката јавност.
Излагање за значењето и за работата на Активите на пензионерките во рамките на здруженијата на пензионери и во општеството воопшто имаше и Станка Трајкова, секретар на ИО на СЗПМ, која меѓу другото рече:
-На овој многу важен состанок  со посебен пиетет ќе зборувам за активностите и за значењето на жените кои дејствуваат и работат во здруженија на пензинери. Тие тоа го заслужуваат бидејќи најголемиот дел од нив  ненаметливо учествуваат и ја развиваат социјално-хуманитарната димензија во здруженијaта бидејќи таа активност е најблиску до карактерот и природата на жената. Познато е дека жените се вредни и работливи, па затоа редовно во програмите на СЗПМ и ЗП на нив им се доверуваат задачи од тој домен: посета на стари и болни пензионери, предавања  со совети за одбрана од семејно насилство кон старите лица како феномен на поновото време, организирање на тематски состаноци за актуелни болести, соработка со Црвениот крст и локалната власт и друго.
Заслужува да се истакне и дека културните манифестации ги красат жените во првите редови на пензионерските хорови. Тие гордо и исправено ги пеат изворните македонски песни пренесувајќи им ги  на младите поколенија и чувајќи го од заборав нашето богато фолклорно творештво. Но, тие не заостануваат и во спортските активности како на регионално така и на републичко ниво.
Меѓутоа, од жените пензионерки како и досега се очекува да бидат иницијатори и на други активности кои значат достоинствена старост. Со оглед на тоа дека 2014 година од ИО на СЗПМ е прогласена за година на солидарност досегашните активности на Активите треба да бидат  подигнати  на повисок степен со свој придонес, 2014-та да биде што посолидарна, при тоа давајќи акцент на соработката со Комисијата за здравство и социјална политика.

Што се однесува до волонтерството, како што потенцираше и претседателот Аргировски, Активите на пензионерки  најмногу го практикуваат бидејќи волонтерството  е  камен-темелник на граѓанското општество и ги оживува најплеменитите стремежи на човештвото. Затоа, активностите на Активите на пензионерки треба да бидат поддржани на соодветен начин од ивршните одбори на здруженијата.
Во излагањето, Трајкова ги информираше присутните и за одлуката на ИО на СЗПМ, 2014 година да биде прогласена за година на солидарност, како и за проектот „Социјална карта“ во кој пилот-здружение ќе биде ЗП Ѓорче Петров, а потоа ќе ги опфати и другите здруженија во Сојузот.
На присутните им се обрати и потпретседателот на Собранието на СЗПМ Бесник Поцеста кој го искажа своето задоволство што е дел од оваа масовно посетена работилница.
По излагањата на Аргировски и Трајкова дискутираа голем број од присутните на работилницата. Дискусиите главно беа еден вид извештаи за реализираното на планот на волонтерството во нивните здруженија и активи. Добар и конструктивен беше предлогот на Методија Новковски претседател на ИО на Ѓорче Петров кој предложи Сојузот да изготви еден вид Договор за волонтерство и да го дистрибуира по здруженијата, а исто така во финансовите планови за 2014 година да бидат планирани неопходни финансиски средства како директни трошоци потребни за реализирање на одредени волонтерски активности. Во дискусијата земаа учество: Спирко Николовски, Веле Алексовски,  Неделка Георгиева, Ариф Беќир, Методија Новковски, Ружа Балевска, Ангелина Ристеска, Гордана Каевска, Снежана Димеска, Софија Симовска, Петар Захарчев, Ратка Коколанска, Ѓорѓиевски Кирил, Виолета Ампова, Маре Илиќ, Лена Семенакова, Елица Даниловска, Ристо Анѓушев, Ефтим Мишевски, Веле Алексовски, Марија Ѓорѓиева и други.
Во третиот дел се дискутираше од потребата да се изградат домови за стари лица, да се отворат клубови во руралните средини, да се отворат повеќе центри за дневен престој и друго. Потоа беше предложена Програма на активности на Сојузот односно на здруженијата со календар на настани за 2014 година и истата беше дополнета од страна на присутните.
Календар на настани за 2014 година
Во април и мај 2014 се планира да се одржат 12. ревии на песни, музика и игри во 6 региони, а во јуни и Републичката ревија на песни, музика и игри. Има најави дека и за 2014 година регионалните и Републичката ревија, поради својот квалитет, од Министерството за култура ќе бидат прогласени за национален интерес на културата на Република Македонија.
Во овој временски интервал се предлага да се одржат и 8. регионални спортски натпревари, а 19. републички пензионерски спортски игри ќе се одржат во септември.
Како подготовка за двете значајни манифестации одржувањето на „Пензионерите пеат“ и на Меѓуопштинските спортски игри да се одржат во март и на почетокот на април во по два града.Тоа ќе биде поефикасно и финансиски порационално.

  • Масовни пикник-средби

И во новата 2014 година акцент треба да се даде на поорганизирани масовни пикник-средби и вистинско рекреативно доживување во природата:
1. Дружење во Стар Дојран - отворање на туристичка сезона - ЗП Велес
2. Средба на Еленац со збогатени содржини - ЗП Македонска Каменица
3. Пикник на Ораовица - ЗП Радовиш и Конче
4. Средба кај манастирот  Свети Пантелејмон - ЗП Кочани
5. Средба во Сарај - Скопје - ЗП Сарај и ЗП Ѓорче Петров
6. Пикник кај милениумскиот крст на Водно - Скопје - ЗП Карпош
7. Пикник кај Пелинце - ЗП Куманово
8. Традиционално дружење во Лесново - ЗП Пробиштип

  • Салонски средби и дружења:

1. Блакцата на баба - ЗП Велес
2. Томина недела - ЗП Виница
3. Митровденска средба - ЗП Кавадарци
4. 11Октомври - ЗП Прилеп
5. Мултиетничка средба - ЗП Тетово
Не треба да изостанат и екскурзии до значајни историски и културни знаменитости и природни реткости, но не со исти членови. Средбите меѓу Активите на пензионерки треба да се намалат и кога се организираат да бидат пообмислени, со тематски содржини, поетски настапи, изложби и слично.

Калина С. Андонова    
Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3