|
Директорите на ФЗОМ во работна посета на СЗПМ
Проектот „Фондот поблиску до пензионерите“ продолжува и оваа година
3.3.2017
Директорите на ФЗОМ, д-р Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани, на 21 февруари 2017 година остварија работна посета во новите простории на СЗПМ во Скопје, при што имаа средба со претседателот, Драги Аргировски и неговите соработници, како и со членовите на Комисијата за здравство и социјална политика. Ова е вообичаен начин на комуникација и соработка кој се практикува веќе петта година. На средбата се разговараше за повеќе прашања од областа на здравствената заштита и осигурувањето на пензионерите. Едно од прашањата беше конкретизирање на активностите во проектот „Фондот поблиску до пензионерите“ за 2017 година. Договорено е одржување на 30 едукативни работилници во здруженијата на пензионерите во нашата земја. Проектот е започнат во 2014 година во рамките на взаемната соработка и досега се одржани 80 работилници, со околу 5.000 пензионери кои беа едуцирани за превентивни мерки кај одредени заболувања и информирани за нивните права. Пензионерите пројавија посебен интерес во врска со снабдувањето со лекови, позитивната листа, рефундацијата, ортопедските помагала, како и за специјализираната медицинска рехабилитација. Ова е исклучително важен проект, истакнаа директорите на ФЗОМ, затоа, интензивно ќе се одвива и оваа година за пензионерите, кои се една од најбројните категории осигуреници во Република Македонија.
-Повеќе од 300.000 пензионери се корисници на здравствено осигурување и од тие причини се посветуваме максимално и се фокусираме со работата кон оваа таргет група, за пензионерите да остварат што повеќе права од здравственото осигурување. Годинава предвидовме во здруженијата да дојдат голем број пензионери на работилниците. За пензионерите имаме и други проекти, кои се во програмата за работа на ФЗОМ и на Владата, како што е олеснувањето за добивање терапија во аптеките и друго. Цел на нашата работа е да го олесниме движењето на пензионерите во здравствениот систем и нивно полесно добивање здравствена услуга. Согласно последните статистики, просечниот животен век е зголемен и изнесува 76 години, што се рефлектира на здравствените политики и планирањето на финансиските средства за обезбедување на сите потребни лекови и медицински средства, - нагласи директорот Стефаноски.
Претседателот Драги Аргировски на средбата меѓу другото истакна:
-Проектот „Фондот поблиску до пензионерите“ дава одлични резултати и има масовно присуство на работилниците во градовите каде се одржуваат. Добро е што и годинава ќе продолжи оваа акција во интерес на сите пензионери во земјата.
-Веќе трета година, сите пензионери кои имаат пензија до 12.600 денари имаат право на бесплатно болничко лекување, а тоа за нив има големо значење. Нашите настојувања се овој бенефит да се прошири и да опфати што поголем број пензионери, - додаде претседателот на СЗПМ Аргировски.
Членовите на Комисијата за здравство и социјална политика при ИО на СЗПМ активно се вклучија во разговорите. На прес конференцијата која се одржа по средбата, директорот Стефаноски истакна дека од оваа година се обезбедени и финансиски средства за воведување нова терапија за онколошки и други болести за кои досега во државата немало, дека Фондот е ликвиден, буџетот е историски најголем досега, а во однос на 2002 година двојно е зголемен. На прес конференцијата, одговарајќи на новинарско прашање, Аргировски, меѓу другото потенцираше дека СЗПМ настојува да се изградат нови домови за сместување на пензионерите.
-Настојуваме и во Кочани, Штип, Кичево, Охрид, Кавадарци и други места да се градат нови старски домови и домови за пензионери, - додаде Аргировски.
И. Глигоров
|
|