Средба со повод со Томе Илиоски претседател на ЗП Битола
Во постојан подем
17.12.2016
Здружението на пензионерите од Битола е најбројната членка на СЗПМ. За својата активност како невладина организација носител е на повеќе признанија, а неодамна и на највисокото признание ,,4-ти ноември“ награда на градот Битола. За тоа и како се справуваат со сите предизвици, разговараме со претседателот на ИО, првиот човек на битолските пензионери Томе Илиоски.
- Здружението на пензионерите од Битола, е силна и влијателна невладина организација во градот. За оваа година добитници сте на престижната награда ,,4-ти ноември“ на град Битола. На што се должи признанието?
- Оваа година Здружението прославува 70 години од неговото формирање, време кога може да се сумираат постигнатите резултати. Без скромности, реално, последните десетина години Здружението има реализирано повеќе плански активности, а со цел подобрување на животниот стандард на нашите членови. Евидентни се сите активности во соработка со останатите структури од градот, на кои им е познато каква невладина организација сме ние. Оттаму наградата ,,4-ти ноември“ на градот Битола доаѓа како потврда за нашето досегашно работење. Тоа е признание за сите пензионери од нашиот град, затоа што благодарение на нивното учество и заложби во реализацијата на плановите се постигнуваат посакуваните резултати.
Само да напомнам дека токму за ова високо признание конкурираат најдобрите организации и здруженија во Битола, а одлуката ја носи Општинска комисија за доделување награди. Ние ги презентиравме нашите резултати, а комисијата со едногласна одлука ни ја додели наградата. Меѓутоа, ова покрај тоа што претставува стимул, воедно претставува и предизвик, како и дополнителна обврска за постојан подем во нашето работење.
- Покрај редовните активности, дознаваме дека сте во фаза на разработка на студија за волонтерско ангажирање на пензионерите. Нешто повеќе за тоа?
- Точно е тоа. Ова е нова идеја, која во некои од земјите е веќе востановена, а се работи за отворање центри или работилници во кои пензионерите волонтерски ќе се ангажираат во повеќе активности. Тоа се активности со кои можат да се носат луѓето од третата доба, како што се: изработка на разни народни умотворби, везови, ракотворби на платно и друг материјал, резба, изработка на народни инструменти, копаничарство и др. со разни прикази на нашето културно-историско минато и сегашност. Се разбира дека обемот на активностите не е ограничен и секогаш има можност за надградување на работилниците. Членовите на ЗПБ би биле ангажирани во работилници кои ќе се наоѓаат во нашите простории. Радува фактот дека, за оваа активност иако е во зародиш веќе има голема заинтересираност, особено кај пензионерките. Се надеваме на поголема бројност и учество на што повеќе наши членови во оваа волонтерска активност.
- Неодамна претставници на Здружението на пензионерите од Битола беа учесници на Фестивалот за трета животна доба во Љубљана. Ваша оценка за посетата на Словенија.
- Секоја година, најпрво на регионално рамниште ЗПБ учествува на Ревијата на песни музика и игри, при што најдобрите од регионот учествуваат на Републичката ревија. Токму најдобрите, прогласени на Републичката ревија се учесници на Фестивалот за трета животна доба кој се одржува во Љубљана, Република Словенија на први октомври, а како повод е Европскиот ден за стари лица. Нашето Здружение учествуваше со пејачката група ,,Сирма Војвода“, заедно со игрaорната група од ЗП Демир-Хисар, како најдобро оценети на Републичката ревија.
Би сакал да ги искажам моите импресии уште од самиот прием, заедно со делегацијата и нашиот претседател Драги Аргировски, за остварената средба со претседателот на Владата на Република Словенија Миро Церар. Остварени се и повеќе контакти со членови на пензионерски друштва при што се разменети мислења за повеќе актуелни теми.
Повторно ќе ја нагласам исклучителната гостољубивост и топол прием од страна на домаќините, на кој се чини добро им се познати и нашите песни и игри, затоа што сите заедно на заедничката забава играа и пееја.
Оваа посета за нас претставуваше можност за афирмација на нашето здружение како најголема невладина организација во Македонија. Би сакал посебно да ја истакнам мојата импресија од предлогот на нашиот претседател Драги Аргировски за организирање и одржување Балкански пензионерски фестивал на песни, музика и игри кој најпрво би се одржал кај нас, мислам во нашата земја, а потоа во другите земји во регионот. Се разбира ова е само првично искуство во меѓународна соработка кое во иднина, се надевам ќе се продлабочува и со останатите земји.
- Како членка на најголемата невладина асоцијација СЗПМ, вашето здружение може да им биде пример на другите, а особено на помалите здруженија. Задоволни ли сте од постигнатите резултати. Односно на кое поле сте најповеќе насочени?
- Здружението брои околу 17.000 пензионери. Со секоја година се зголемуваат и активностите на сите полиња. Од пред четири години сме и членови на СЗПМ и учествуваме во сите нивни активности. Да бидам искрен, не сум задоволен од вклученоста на помладите пензионери, особено кога се работи за активност како што се спортските игри на регионално и републичко ниво. Иако веќе има видливи резултати на ова поле, сигурен сум дека можеме да бидеме и водечко Здружение што се однесува за спортските активности. За тоа имаме можности, а и постои расположение во секој поглед. Единствено тоа би можел да го наведам како незадоволство од постигнатите резултати. Но, се во свое време, се надевам во блиска иднина и тоа ќе биде надминато.
- Кои значајни активности ќе ги одвоите за во иднина?
- Една од нашите заложби секако ќе биде онаа што ја споменав на почетокот за формирање на работилниците. Ќе го следиме текот на тие активности и ќе преземаме соодветни решенија. Ние секогаш го ставаме на увид Планот и Програмата пред членовите и се дава можност за нови идеи кои би можеле да се реализираат од наша страна.
Покрај редовните активности, реализираме низа активности, како што изнесов, со цел подобрување на животниот стандард на највозрасната популација во градот. Јас би сакал и овој пат да ги набројам, а се однесува на: поттикнување активност кај членовите со организирање разни манифестации од културно-забавниот, особено залагање и за спортскиот живот, потоа активно вклучување и учество по повод значајни манифестации во градот. Си зедовме за задача навремено да ги снабдиме нашите членови, барем дел, со огревно дрво и прехранбени продукти по поволни цени. Останува и понатаму, во соработка со релевантните структури, за одржување на одреден број предавања од областа на науката, медицината и културата. Како постојани задачи кои се веќе востановени се и следните: обезбедување бесплатни прегледи за членството во ,,Битолска лабораторија“. Под мотото ,,Да ја запознаеме татковината“, се вршат околу сто патувања со посети на културно-историски знаменитости во земјава. Обезбедување на 50% поевтин јавен градски превоз. Посета, помош, нега и донација на постари и изнемоштени стари лица.
Тука се и активностите на Културно-уметничкото друштво ,,Сирма Војвода“ и Активот на пензионерките со свои организирани манифестации, и други активности во текот на годината.
- Здружението на пензионерите од Битола, во градот е познато и како хумана организација.
Мислам дека ова е во ред. Кој и да било да се наоѓа на чело на толку големо здружение, а има можности за тоа да се помогне онаму каде што е потребно. Со запазување на процедурата на предлог на Управниот одбор или Собранието донираме средства, секако, ќе повторам, во рамките на нашите можности. Би спомнал само неколку: парични донации за поплавените места во Пелагонија, Србија и Скопско, донација на Црвениот крст од Битола, повеќе донации на Домот за стари лица ,,Сју Рајдер“ - Битола. Комплетно опремување на Геронтолошкото одделение во Клиничкиот центар Битола и други донации во изминатиот период. Заради тоа Здружението на пензионерите – Битола, е добитник на многубројни и значајни признанија, па и наградата ,,4-ти ноември“ на град Битола.
- Вие сте претседател на едно од најголемите пензионерски здруженија, членки на СЗПМ. Како се справувате со пројавените проблеми?
За раководење со толку големо здружение потребна е поголема ангажираност на раководството. Особено во планските активности и решавањето на тековните проблеми за кои, како возрасни луѓе, имаме доволно акумулирано искуство за да се справиме со истите. Секако дека постојат и вонредни прашања кои се поврзани со животот на луѓето од третата доба, но во нашето членство имаме кадар од сите профили кои, со заеднички сили, можат да одговорат на секој предизвик.
Добре Тодоровски