Пријатели пензионери од Бугарија и Холандија го посетија Здружението на пензионери од Пробиштип
10.6.2017Меѓународната соработка што ја негува ЗП Пробиштип и стекнатото пријателство што трае со децении со пензионери од Бугарија и Холандија и оваа година се потврдија како обострана заедничка желба за натамошно продолжување и збогатување на содржините.
Во еднодневна посета на Здружението престојуваа членовите на фолклорната група од селото Радуил Р. Бугарија, каде се одржува познатиот меѓународен фестивал „БОБ ФЕСТ“, на кој минатата 2016 година КУД „Весели пензионери“ се закити со највисокото фестивалско признание.
На 20-ти мај, исто така, во еднодневна посета на Здружението престојуваше група туристи придружувана од долгогодишната пријателка на ЗП, Јесика Готенбос. Во еднодневниот престој тие го разгледаа центарот на градот воодушевувајќи се на градскиот плоштад, паркот и детските катчиња, а потоа го посетија и селото Добрево каде се наоѓаат рударските окна на рудникот за олово и цинк „Злетово“, каде претседателот на ЗП Пробиштип Груица Манасијевски накратко им ја раскажа историјата на рудниците и нивниот придонес во развојот на овој регион и пошироко.
Потоа патот водеше кон Лесново, сакралната и безвременска вредност на манастирот и недопрената убавина на околината во која е сместен овој бисер од првата половина на 14-от век. Љубезните монаси мошне сликовито им ја раскажаа историјата на манастирот, фреско-живописот и непроценливата вредност на иконостасот кој спаѓа меѓу трите најубави на Балканот. Во приватниот етно-летниковец на брачниот пар Весна и Зоран ЗП Пробиштип за своите пријатели од Холандија приреди убав пикник на зелено,
гостувајќи ги со вкусните лесновски зелници и други специјалитети. Овде од фондацијата „Помош за Македонија“ Јесика Готенбос, во знак на долгогодишното пријателство, на КУД „Весели пензионери“ им врачи ваучер од 300 евра кој ќе се употреби за средување на просторијата за проби на друштвото, а во наредниот период ќе уследи и донација за средување на дел од пензионерскиот дом.
На разделба Готенбос изрази желба во наредната година да отседнат неколку дена и да сликаат икони, а претседателот Манасијевски им се заблагодари за донацијата посакувајќи им пријатен престој во Македонија.
М.Здравковска