Хорско пеење празник за срце и душа
Втор меѓународен Фестивал на хорови "Пензионерите пеат 2017"
14.6.2017Во организација на ЗП "Куманово" на 11 јуни годинава, а во присуство на повеќе гости, меѓу кои и градоначалникот на Општина Куманово, Зоран Дамјановски, во големата сала на НКУЦ "Трајко Прокопиев" се одржа Вториот меѓународен Фестивал на хорското музицирање насловен со "Пензионерите пеат 2017", на кој продефилираа осум Здруженија на пензионери од Република Србија, Бугарија и Македонија.
Учесниците на Фестивалот прв ги поздрави и им посака топло добредојде, претседателот на ЗП Куманово, Спирко Николовски, иницијатор за одржување на ваква пензионерска културна манифестација. Тој во своето излагање испраќа пофални зборови за придонесот во развивањето и меѓусебното градење на мостови и комуникација меѓу народите со различна култура и јазик, со желба овој Фестивал да ја збогати културната ризница и разновидноста на народното творештво на балаканските простори.
Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на СЗПМ Драги Аргировски, кој потсети на целите и активностите на најактивната и најбројна невладина организација на пензионерите на Балканот, истакнувајќи дека токму вакви културни манифестации праќаат убава слика за негување на народната традиција.
Кумановското здружение на пензионерите се вбројува меѓу најактивните на полето на културата, за што во повеќе наврати е наградувано со разни признанија и награди. На ваквите манифестации со квалитетни програмски содржини се докажува дека староста и годините не се пречка за остварување на културни активности, и порача да продолжат со ваквото темпо на работа, бидејќи тоа го посакуваат сите пензионери во Македонија и пошироко. На годинешново издание честа први да настапат ја имаа хористите од ЗП Гази Баба од Скопје, со кои ЗП Куманово има успешна соработка и е збратимено. По нив следуваа женската вокална група "Невен"од Лесковац, Србија, членовите на КУД "Пензионер" од Прилеп, пеачката група "Струма" од Перник, Бугарија, хорот "Учителска лира" од Ниш, Србија, пеачката група "Лоза" од ЗП Кавадараци, составот "Калкашки ритми" од Перник, Бугарија, како и хорот при КУД " Ѓоко Симоновски" од домаќинот, ЗП Куманово. Настапите беа наградени со аплаузи, сите се претставија во свое најдобро издание, сите заслужија да бидат пофалени за нивните изведби.
По прекрасните изведби на хорската музика и народните песни, дружењето меѓу годинешниве учесници на Вториот фестивал на хорското пеење продолжи во ресторанот “Грација”, со доделување на благодарници за сите Здруженија на пензионери. Се разменија и подароци кои ќе сведочат за убавото меѓународно дружење, а средбата во Куманово нека биде репер за нови музички доживувања и градење на мостови помеѓу блиските соседи и пошироко.
Јасмина Тодоровска