Величествена традиционален средба во Дојран
24.6.2017
ЗП Дојран и оваа година беше добар организатор и домаќин на пријатната пензионерска средба „Пикник на зелено“, во Стар Дојран. Средбата се одржа на 22 јуни 2017 година, на крајбрежјето на убавото Дојранско езеро, под сенките на „Трите јавори“. Убавиот и сончев јунски ден, придонесе околу 6 000 членови од триесет здруженија на пензионери, членки на СЗПМ, да дојдат на оваа традиционална средба, да се дружат и да уживаат во прекрасното туристичко место и богатата културно-уметничка програма, по повод отворањето на туристичката сезона во Дојран. И оваа година, пензионерите од ЗП Радовиш и Конче беа најмногубројни, бидејќи во Дојран дојдоа 600 пензионери.
На собирот гостите најнапред ги поздрави и им посака срдечно и топло добредојде, Боривој Бојаџиев, претседател на ЗП Дојран, кој изрази голема благодарност за огромното присуство на пензионерите, посакувајќи им добар помин, добра забава и многу здравје. Добро здравје и се најдобро на присутните им посака и претседателот на СЗПМ, Драги Аргировски, кој зборуваше за значењето на пикник средбите, кои претставуваат мост за градење пријателства, релаксација, опуштање и забава.
- Можеме да кажеме дека туристичката сезона, веќе е отворена со оваа наше масовно присуство на пензионери од сите градови од Македонија. Вашето присуство во толку голем број е доказ дека само вака здружени можеме да одиме напред во нови постигања. СЗПМ минатата година ја одбележа 70 годишнината од пензионерското организирање во Македонија, што е уште една потврда за нашето опстојување и дејствување, - истакна Аргировски, ја прогласи средбата за отворена и заигра на орото што во многу редови се играше под сенките на столетните дрвја.
Пензионерите уживаа во убавините на градската плажа, во убавата програма, која започна со пејачката група од ЗП Солидарност - Аеродром, а продолжи со музичката група „Кеиф“ и познатиот естраден уметник Круме Спасовски, се до вечерните часови
Васил Пачемски