Чевствување на Денот на словенските просветители
28.6.2017На традиционалното чевствување на патронот на градот Светите Кирил и Методиј и Денот на словенските просветители, на 24-ти мај 2017 година во Ресен беше организирана средба и дружење на пензионери од здруженијата Битола, Охрид и Дебрца, Струга, Прилеп, Неготино, Гази Баба и Карпош од Скопје и други, чиј домаќин беше матичното здружение од Општината.
На оваа масовна пензионерска средба добредојде на пензионерите им посака и честитки за празникот до присутните упати претседателката на ЗП Ресен, Костадина Барандовска, потсетуваќи на значењето на светите Кирил и Методиј како најжив, најдлабок и најраспространет во местата каде што нивните ученици Климент и Наум ја продолжиле дејноста на своите учители.
Во поздравниот збор градоначалникот на општина Ресен, Ѓоко Стрезовски, покрај другото истакна дека во Македонија, уште во далечното минато луѓето чуствувале потреба своите мисли, знаења и искуство да им ги пренесат и на поколенијата што доаѓале по нив во што посебна заслуга и удел имаат светите браќа Кирил и Методиј. Градоначалникот посебно го нагласи значењето на соработката на пензионерското здружение со локалната самоуправа.
Посебно обраќање до присутните со поздрав и честитки за празникот имаше и претседателот на СЗПМ Драги Аргировски, кој акцентирајќи ги постигањата на СЗПМ како најмасовна невладина, неполитичка мултиетничка организација и значењето на ваквите дружења, средбата ја прогласи за отворена. При тоа, по повод 70 годишнината на пензионерското организирање свечено им го врачи признанието на ЗП Ресен, како и монографијата „Пензионерските активности за почит“ и авторската книга „Аргументите ја осветлуваат вистината“
Престојот во Ресен пензионерите го искористија и за посета на познатата ресенска керамичка колонија, а присуствуваа и на богослужбена литургија во чест на празникот.
С. Кукунешоски