Инфо  

Галерии

Мега лаги и клевети

21.7.2017

На 13-тата седница на ИО на СЗПМ беа сумирани резултатите и остварувањето на Програмата за 2017 година. Беше констатирано дека 80% од предвиденото успешно е реализирано. На дневниот ред  имаше точка во врска со непримерните нападите врз СЗПМ и претседателот Аргировски од страна на Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија.

На почетокот на оваа точка претседателот Аргировски прочита писмено известување со следната содржина:

-Во врска со оваа точка од дневниот ред дозволете  да дадам соодветно објаснување. Пред с? сакам да ви кажам дека ова мое реагирање има само една единствена цел, да се потсетиме сите заедно на фактите и вистината кои се добро познати. Тие што мислат дека мене ќе ми наштетат се лажат. Нивното напаѓање единствено ќе му наштети на Сојузот и на 250.000 пензионери негови членови, оневозможувајќи им да добијат уште бенефити и права како што е Законот за пензионерско организирање, нов закон за здравствено осигурување и закон за здравствена заштита и друго. Со овие напади, што се далеку од вистината, сакаат Сојузот да го померат на маргините на случувањата, а кој е Аргировски и тие што пишуваат и тие што поткажуваат добро знаат!

Но да тргнеме по ред во анализа на објавеното:

Јавно објавените тенденциозни, сензационалистички дезинформации на Интернет порталот IstokPress сопственост на Иван Бојаџиски од Штип како соопштение од ПОПГМ на претседателот Илија Николовски и портпаролот Веле Митаноски од Охрид непријатно ме погодија и мене и моите најблиски. Измислените криминали за претседателот и за СЗПМ, се голема навреда и клевета не само за мене туку и за сите над десет илјади раководни структури во Сојузот, здруженијата и ограноците, коишто според нивните соопштенија се „самобендисани раководства коишто недомаќински трошат средства од членарината на пензионерите“ и не нарекуваат „шуплива клиетелистичка тврдина“ на некаков повампирен енверизам и на Ким Ил Сунг. Истовремено ПОПГМ ги повикува пензионерите на обединување, спротивно на Законот на здруженија и фондации и заложбите на Европската унија за натамошно јакнење на граѓански организации, наместо на партиите. Според Годишниот финансиски извештај доставен до Државниот завод за ревизија, ПОПГМ во 2016 година остварила приход од членарина  од 55.812 денари или месечно 4.650 денари. Ако месечната членарина изнесува 30 денари, произлегува, дека оваа партија има  155 членови од кои само стотина се пензионери. Знаејќи го тоа, досега, ретко ги демантиравме нивните лаги изнесени преку пропагандни соопштенија, но овој пат навистина претераа нарекувајќи не криминалци. Се гледа дека нивна основна цел е да се создаде лажна слика за работата на СЗПМ, како најактивна најмасовна, невладина, неполитичка и мултиетничка организација со самостојни 53 здруженија како правни субјекти. Тоа секако нема да го дочекаат, бидејќи нивните лаги, груби манипулации со говор на омраза, добро и точно информираните стотици илјади пензионери со индигнација ги отфрлаат како неосновани и тенденциозни.

Последното нивно соопштение, од 22 јуни 2017 година, е полно со интриги и груби подметнувања, од кои се согледуваат нивните недостоинствени игри, манипулации и ноторни лаги.  Станува збор за следното:

1. Делегацијата на СЗПМ, којашто ја примил претседателот на државата и покровител на одбележувањето на 70 години пензионерско организирање во нашата земја, било навреда за поголем број пензионери?! Според нивно нон-сенс тврдење, претседателот на Република Македонија нема никакви надлежности во сферата на социјалната политика, па затоа Иванов требало добро да размисли кого прима, сеедно каков и да бил поводот, освен ако не сакал, како послушник на Никола Груевски, да му се оддолжи на Аргировски за трговијата и пазарот со честа на стотици илјади пензионери, ставајќи ги на политички пазар со предизборните меморандуми со владејачката ВМРО-ДПМНЕ? Занесен со омразата кон СЗПМ, претседателот на една маргинална партија, Николовски и неговите соработници, му кажува на претседателот на РМ што се неговите надлежности и му замеруваат зошто  се грижи за најстарата популација во државата. Интересен и многу чуден став. 

2. Не напаѓаат дека сме потпишале повеќе меморандуми со партии, а се знае дека е потпишан само еден меморандум за соработка за проекти во интерес на пензионерите во кој нема ниту еден збор за предвремените парламентарни избори. На седницата на Собранието на СЗПМ на 20 декември 2016 година согледувајќи ги фактите, сите напади беа едногласно отфрлени од највисокиот орган на Сојузот, а тоа беше потврдено и на состанокот на 20 април 2017 година од сите претседатели на здруженијата-членки на СЗПМ. СЗПМ е отворен за соработка со сите. Доколку ни се понуди таков меморандум ќе потпишеме и со новата Влада на РМ, односно со СДСМ.

3. Без никакви морални вредности, групата на Николовски не напаѓа за објавената Монографија по повод 70 години пензионерско организирање во Македонија, дека, наводно била луксузна, што е исто така голема лага, бидејќи таа нема никаков луксуз, единствено ако се мисли на богатата содржина. Главниот дел на средства за печатење се обезбедени од донации и реклами. Секое здружение на пензионери доби бесплатни примероци, а откуп на примероци за заинтересирани членови се врши со покривање само на печатарски трошоци. Во исто време им пречат и моите 21 авторски книги од кои седум се за пензионерска проблематика. За оние кои не знаат, првите две книги со оваа проблематика, во 2006 и 2007 година ги објави НИП Нова Македонија, без ниту еден денар од Сојузот, три објави како издавачка дејност печатницата, а последните две во чест на јубилејот ги издаде СЗПМ главно со средства од спонзори и се делени бесплатно на сите здруженија, како и на добитниците на јубилејните признанија. Ме чуди зошто таква завист и злоба за творештво за кое се добиени многу скромни авторски хонорари. Сето тоа е со умисла за да се наштети врз угледот и честа на најмасовната граѓанска организација - СЗПМ и на мене. Нека напише Николовски книга за пензионерски активности на членовите од ПОПГМ, па Сојузот ќе ја подржи, но полесно е а се добие мандат на пратеник и убав надоместок преку навредување и ширење лаги за оние кои се вредни и трудољубиви и се грижат за пензионерите.

4. Врв на манипулацијата, невистината и навредата е дека сум под кривичен прогон од 2014 година. Тоа е тенденциозна невистина, бидејќи кривичната пријава поднесена од Здружението на инвалидските пензионери од Охрид за кирија од Здружението на старосните пензионери Охрид и Дебрца е отфрлена како неоснована, а СЗПМ во овој спор не е странка. Спорот се водеше меѓу две здруженија правни лица-членки на два различни пензионерски сојузи во врска со сопственоста на Домот на пензионерите во Охрид. Последната пресуда на Општинскиот суд во Охрид утврди дека спорниот дом припаѓа на старосните пензионери, за што здружението поседува валидни документи, дотолку повеќе што инвалидското здружение во времето кога се градел објектот не било ниту формирано! Инаку, средствата од членарина се приватни, а здруженијата треба да ги користат наменски за активности на членството. И Клубот на пензионерите е во состав на Здружението на пензионерите Охрид и Дебрца и е формирано  пред 18 години. Значи и оваа наводна мега афера на Аргировски и СЗПМ за која пишува Веле Митаноски е без ниеден доказ и е мега лага и груба клевета, и воопшто не е точно дека за наводниот случај биле заинтересирани Министерството за правда и Народниот правобранител. Заинтересиран е само ПОПГМ.

Текстот е невистинит и навредлив и од аспект на професионализмот и етиката, бидејќи авторот пишува со намера за дискриминација, со говор на омраза, неточно и нефер, без да ја праша и нападнатата страна и не води сметка за пресумпција на невиност, дефинирана со член 13 од Уставот на државата, каде што пишува „дека секое лице ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда“. Од Веле Митаноски само тоа може да се очекува, бидејќи е познат како предавник на пријателите од партиите на кои им припаѓал, во медиумите ги критикувал и омаловажувал раководните лица на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ, НСДП, Алијанса и други, со цел за себе да извлече некаква лична корист. Во последно време откако ја расипа соработката со Тито Петковски и со Владо Бучковски отиде во закрила на  Илија Николовски станувајќи член на ПОПГМ и претседател на Огранокот во Охрид, со што сака на мала врата да дојде до позиција и материјална корист. На неговите лаги и клевети наседна и Иван Бојаџиски, неблагодарниот новинар сопственик на порталот ИстокPress од Штип.

Во нашето демократско општество различните мислења во принцип треба да носат квалитет и да водат кон прогрес, меѓутоа, во овој случај не е така бидејќи само со негаторски говор на омраза не се остваруваат суштински согледувања, туку се шири само клевета, за што и законски се одговара, - истакна во своето обраќање до членовите на Извршен одбор на СЗПМ, претседателот Драги Аргировски,                  

На крајот од дискусијата во која учествуваа сите членови на Извршниот Одбор на СЗПМ едногласно беа донесени следните заклучоци:

1. Извршниот одбор на СЗПМ на седницата одржана на 18 јули 2017 година расправајќи за неоснованите јавни напади од Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија едногласно со индикнација ги отфрли сите нивни напади врз СЗПМ и претседателот Аргировски, со оценка дека се тенденциозни и невистинити.

2. За неоснованите напади, манипулации, лаги и непримерни груби клевети врз честа и угледот на СЗПМ и претседателот Драги Аргировски, да се поднесат тужби преку адвокат против:
-Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија;
-претседателот Илија Николовски, како овластено лице;
-Веле Митаноски, портпарол и член на ПОПГМ; 

-Иван Бојаџиски одговорно лице-главен уредник и сопственик на порталот ИстокPress.

3. Невистинитите и навредливите напади од Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија треба да го зајакнат нашето единство, да се зголеми ентузијазмот и посветеност на пензионерската организација и да се зголеми интерактивноста меѓу СЗПМ, здруженијата и ограноците.

4. Двата деманти, дел од излагањето на претседателот Аргировски и заклучоците да бидат објавени на Веб страницата на СЗПМ и во весникот „Пензионер плус“.

5. Записникот од оваа седница на ИО со прилозите да се достави до сите здруженија на пензионери-членки на СЗПМ.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3