Видни постигања и на мултиетничко поле
Интервју со Бесник Поцеста, претседател на Собранието на СЗПМ
12.9.2017
- Долги години Вие сте активен во пензионерскиот живот во ЗП Дебар и Центар Жупа, но и во Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија. Кажете ни нешто за тоа.
-Најпрво благодарам за иницијативата на Редакцискиот одбор на нашиот информативен пензионерски весник „Пензионер плус“ за можноста која ми се дава преку ова интервју да одговарам на одредени прашања како претседател на Собранието на СЗПМ.
Точно е дека долги години сум активен во пензионерскиот живот на ЗП Дебар и Центар Жупа, како и во органите и телата на СЗПМ. Поточно, од 1995 до 14.03.2015 сум бил на функцијата претседател на Собранието и на Здружението на пензионери на Дебар и Центар Жупа, при што заедно со органите и телата на Здружението и неговото членство, сме постигнале завидни резултати, согласно предвидените програмски активности и цели, координирани и усогласени со програмите на СЗПМ. Се работеше според Статутот за остварување и заштита на интересите на нашето членство, за единствено и репрезентативно претставување на нашите пензионерски интереси и заложби пред надлежните државни органи и институции. Целата наша работа, сите наши активности, заложби, напори и постигнати резултати, нашето членство знаело да ги цени и слободно и искрено можам да кажам дека ова Здружение се вбројуваше меѓу поуспешните во СЗПМ!
Од здружението на пензионери Дебар и Центар Жупа, за првпат бев избран за член на Собранието на СЗПМ, од каде бев избран и за член на Извршниот одбор на СЗПМ од 1998 до 2011 година, од 2011 година станав потпретседател на Собранието на СЗПМ, а во март 2015 година бев избран за претседател на Собранието на СЗПМ, со мандат од четири години, односно до 2019 година.
Да резимирам, согласно досега кажаното, активен сум во пензионерскиот живот на ЗП Дебар и Центар Жупа, како и во органите и телата на СЗПМ од 1995 година до ден денеска, односно веќе 22 години, а тоа верувајте се постигнува единствено како резултат на чесна и континуирана работа, активност и заложба како и перцепција на мојата животна цел, односно моите активности за постигнување на добра од сите видови за нашите пензионери. Горд сум и среќен кога се наоѓам меѓу моите колеги- пензионери.
- Како резултат на Вашето залагање за реализирање на правата на сите пензионери без разлика на нација и вера, Вие сте првиот претседател Албанец на Собранието на СЗПМ, мултиетничка асоцијација во која членуваат 250 000 пензионери. Како се справувате со оваа функција?
-Во ова прилика имам чест и задоволство да им се заблагодарам на сите мои колеги пензионери, на органите на здруженијата, членки на СЗПМ, посебно на колегите-членови на Собранието и на претседателот на СЗПМ, кои ми овозможија 22 години непречено да бидам активен меѓу пензионерите на Република Македонија и да бидам избран за прв претседател Албанец на Собранието на СЗПМ, мултиетничка асоцијација со членство од 250.000 пензионери.
Факт е дека во СЗПМ имаме завидни резултати во реализирање на правата на сите пензионери, без разлика на нивната националност и вера, при што за истакнување е и залагањето на органите и телата на СЗПМ на чело со претседателот Драги Аргировски. Се разбира дека во сето тоа има и мој личен придонес, заради моето лично искуство и континуирана заложба. Во статутарните одредби, СЗПМ е дефинирана како невладина, непартиска и мултиетничка асоцијација на пензионерите на Република Македонија. На оваа одговорна функција, претседател на Собранието на СЗПМ, односно прв меѓу еднаквите членови на највисокиот орган, добро сум прифатен и морам да ја истакнам големата поддршка од сите мои колеги пензионери, како и од страна на потесното раководство на нашата асоцијација. Јас како Албанец се трудам да бидам претседател на Собранието во интерес на сите пензионери. Со моето залагање и заложба заедно со сите членови на раководството на Сојузот, се трудам да се почувствува и создаде мултиетничко живеење и соживот на пензионерите во Република Македонија. Во таа насока се организираат мултиетнички средби во Гостивар, Тетово и Куманово со Липково на кои присуствуваат голем број пензионери речиси од сите здруженија и од сите националности.
- За време на Вашето учество во органите и телата на СЗПМ во голема мера се подобри информирањето на пензионерите - Албанци. Кажете ни нешто за проектите поврзани со оваа проблематика
- Редно е да се истакне дека во СЗПМ му се дава големо значение, улога и важност на информирањето на пензионерите за сите реализирани активности во сите здруженија членки на Сојузот. Транспарентно се објавува работата на Сојузот, особено од 2011 година, со доаѓањето на претседателот Драги Аргировски на чело на СЗПМ, од кога што информирањето се подобри и прошири. Посебно сум благодарен што како претседател на Собранието секогаш сум присутен и покануван на сите седници на органите и телата на Сојузот, што резултира со мојата информираност за се’.
Со мое залагање во голема мера се подобри и информирањето на пензионерите - Албанци. Поврзано со ова ќе напомнам дека весникот „Пензионер плус“ има цела страница на албански јазик. Исто така, еднаш месечно во дневниот весник на албански јазик „КОХА“ има посебна страница за пензионерите, со избор на написи за активностите на пензионерите од нашата држава. И не само тоа. Редно е да истакнам дека во здруженијата во Тетово, Гостивар, Струга и Дебар, материјалите на нивните органи и тела се подготвуваат и пишуваат на македонски и албански јазик, а исто така, во овие здруженија се употребува и се зборува македонски и албански јазик. Во ЗП Куманово се изготвува информатор на македонски и албански јазик.
По повод одбележувањето на 70 години пензионерско организирање во Македонија (1946-2016), СЗПМ изготви многу содржајна монографија „Пензионерски активности за почит“, на македонски јазик. Многу е значајно, што деновиве по повод Денот на пензионерите 20 септември, оваа монографија е објавена и на албански јазик. Беше предложено истата да биде испечатена и на други јазици, ако се обезбедат средства.
- Почитуван претседателе Поцеста Вие имате голем удел и во меѓународната соработка на СЗПМ, особено со пензионерите од Албанија. Како дојде до оваа соработка?
-За меѓународната соработка на СЗПМ, најшироко е напишано во споменатата монографија. Во развивањето на меѓународната соработка, секако има мој удел. Уште кога бев претседател на ЗП Дебар и Центар Жупа, воспоставени се првичните контакти и меѓусебна соработка, со цел да бидат разменети искуства, најнапред со Конфедерацијата на синдикатите и пензионерите од Поградец-Република Албанија, при што се приклучи и ЗП Охрид и Дебрца. Оваа соработка трае и ден денес на задоволство на двете страни. Да напомнам дека сум прогласен и за почесен член на таа Конфедерација, а тоа признание го доби и претседателот на ЗП Охрид и Дебрца, Ѓорѓи Трпчески. Потоа, оваа соработка се прошири и на ниво на СЗПМ и Конфедерацијата на синдикати и пензионери на Р Албанија, со размена на гостувања и средби на делегации од двете асоцијации, на кои секогаш лично сум присуствувал, првично како претседател на ЗП Дебар и Центар Жупа, па потоа како член на Извршниот одбор и потпретседател и претседател на Собранието на СЗПМ.
Редно е да напомнам дека во 2013 година ја предводев делегацијата на СЗПМ на Фестивалот за трета животна доба во Љубљана, кога мошне успешно учествуваше ЗП Тетово, со два ансамбла, со македонски и албански песни и обичаи. На возвратната посета во СЗПМ на делегацијата на Сојузот на пензионери на Република Словенија, во 2015 година во Скопје, учествував во разговорите, при што посебно беше истакната потребата од натамошно збогатување на оваа меѓународна соработка. И на крај, врз основа на одлуката на Извршниот одбор на СЗПМ, од 15.08.2017 година, ангажиран сум и задолжен за воспоставување на соработка на СЗПМ со Сојузот на пензионерите и инвалидите на Р. Косово, која активност е во тек. Понудата за соработка со воодушевување е прифатена од овој Сојуз и истата се очекува да се реализира на највисоко ниво до крајот на годината.
- Вие сте член и на Советот за социјална сигурност во Министерството за труд и социјална политика на РМ. Кажете ни нешто за Вашето делување на тој план.
-По предлог на СЗПМ јас сум член на Советот за социјална сигурност во рамките на Министерство за труд и социјална политика на Р. Македонија, заедно со Станка Трајкова,секретар на ИО на СЗПМ. На 15 јуни 2017 година, на одржаната седница, на која присуствуваше и министерот Мила Царовска, се разгледаа и усвоија повеќе проекти како програмски задачи за 2018 година, кои ќе значат унапредување на социјалната положба, интеграција и подобрување на животниот стандард на корисниците на пензија. На седницата од сите претставници на Советот беше побарано да достават проекти со основна цел промоција на социјалните права и интереси на корисниците на пензија со предлози за мерки и активности за подобрување на стандардот на пензионерите, како значајна целна група на граѓани во нашата држава. Проектите кои беа предложени од страна на СЗПМ беа прифатени речиси сите, бидејќи се битни и значајни за унапредување на социјалната положба на корисниците на пензија. Останува и понатака активно да учествувам и делувам во овој совет, заедно со моите колеги од СЗПМ и пошироко.
- Вашите активности се многубројни, а вие сте во поодминати години од животот. Како го постигнувате сето тоа? Од каде црпите енергија? Кажете им го рецептот на сегашните и идните пензионери.
-Да, јас сум во третата животна доба, а активностите се многубројни. Мислам и верувам дека истото го постигнувам само и исклучиво со работа и љубов кон средината која ме опкружува, каде секогаш се чувствувам среќен и исполнет и сето тоа ми дава енергија да продолжам со реализација на обврските и активностите што сме ги поставиле за доброто на пензионерите и среќниот живот на моите колеги пензионери кај кои секогаш сум наоѓал разбирање и од кои имам голема почит.
За постигнатото во овие 62 активни работни години, од кои 22 години се исполнети со активности во СЗПМ, вечно сум благодарен на мојата сега покојна сопруга и семејството, додека за здравјето и животот до третата доба фала му на Господ.
На крајот, во име на Собранието на СЗПМ на сите пензионери им го честитам 20. септември Денот на пензионерите во Република Македонија со желба за добро здравје, и долг и среќен живот, а воедно користам прилика на Редакцискиот одбор да им ја честитам десет годишнината од излегувањето на весникот „Пензионер плус“, гласило на СЗПМ за сегашните и идни пензионери со желба и понатаму да продолжи со успех да ги информира пензионерите.
Разговорот го водеше
Калина Сливовска - Андонова