ЗП Гази Баба
Свечено прославен денот на пензионерите
24.10.2017
Со богата културно забавна програма, пензионерите од ЗП Гази Баба, свечено го одбележаа 20-ти септември, Денот на пензионерите на Македонија, во ресторанот „Ханибал“. Во присуство на членовите на Собранието и Извршниот одбор, претседателите на комисиите, претседателите на одборите на ограноците и спортистите, кои на овогодишните пензионерски републички спортски натпревари постигнаа врвни резултати, со пригодни зборови, за значењето на 20-ти септември, Денот на пензионерите на Македонија, зборуваше, Ѓорѓе Андонов, претседател на Извршниот одбор на ЗП Гази Баба. При тоа, тој се осврна на постоењето на пензионерската организација на Македонија, а посебно зборуваше за резултатите постигнати во периодот на осамостојувањето на Македонија, кои се за почит и се основа за понатамошен, поуспешен развој. Андонов, се осврна и на резултатите на ЗП Гази Баба, напомнувајќи дека, последните години, Здружението постигнува завидни резултати во сите сфери на работењето, а кои го мотивираат членството за уште подобри резултати.
-Посебен акцент ставаме на постигнувањата во последните неколку години, во кои нашето здружение стана лидер и пример на пензионерските здруженија во републиката. Сите поставени задачи, беа точно, обмислено, целовито исполнети. Тоа го постигнавме со здружени сили, благодарение на ангажирањето на телата и органите на здружението и со сите вас, без кои и без вашето залагање, не можеше да се постигнат тие позитивни резултат, но тоа никако не ни дава за право да бидеме задоволни, ќе продолжиме со уште поголем труд и залагање - рече Ѓорѓе Андонов.
Во рамки на прославата, за постигнатиот добар успех на годинашните 22. Републичките пензионерски спортски натпревари, им беа доделени признанија и награди на спортистите кои освоија прво, второ и трето место, за кои, оваа награда, претставува уште еден поттик за поголемо ангажирање а и желба за поголеми успеси. Оваа пензионерско дружење, беше посебно доживување за нив, кои беа добро расположени, а си заминаа мошне задоволни, со пријатни импресии.
Васил Пачемски