Инфо  

Галерии

ЗП Велес

Шеесет години од формирањето на здружението на пензионери во Велес

5.11.2017

 

На  први ноември Здружението на пензионери од Велес прослави 60 години од своето постоење. Свеченоста се одржа во салата „Бели мугри“ во Велес. Годишнината беше одбележана и со промоција на монографијата „Да не има и кога ќе не нема“ За овие 60 години Здружението на пензионери Велес прерасна во најмасовна и најактивна невладина организација во општините Велес, Градско и Чашка. Во неа некогаш членуваа мал број пензионери, а денес ги има повеќе од 8 800.

Во почетокот на свеченоста претседателот на Здружението, д-р Веле Алексоски, откако ги поздрави присутните гости, меѓу кои беше и потпретседателот на Извршниот одбор, Салтир Каровски, меѓу другото рече:
-Овој јубилеј го одбележуваме со повеќе културни манифестации, но и со издавањето на монографијата за Здружението под насловот „Да не има и кога ќе не нема“. А, зошто баш така? За нечие постоење најмногу говорат делата, но и зборовите. Оваа монографија и многу години нанапред ќе говори за нашето постоење. Можеби ќе биде и патоказ за нашите идни генерации  како треба пред се да се биде хуман, да се помага кога е најтешко, да се биде и меѓу оние кои се веселат, кои прославуваат, кои градат и се втемелуваат во се што е изградено во нивно време.

-Овие шест децении исполнети се со ентузијазам за остварување на подобри услови за живот и егзистенција на пензионерите. Јубилејот 60 години постоење на Здружението на пензионери е повод за оддавање признание на моќта, на силата за постигнување на значајни резултати. Овој јубилеј претставува синоним на добра организираност, издржливост, вложена енергија и разбирање. Вака цврсто и силно организирани пензионерски асоцијации на Балканот, а и во Европа се ретки. Заради тоа ние треба да бидеме уште пообединети со што ќе бидеме и  посилни.

Потоа претседателот Алексоски им додели благодарници на поединци и институции за придонесот во работата на Здружението, меѓу кои беа претседателот на СЗПМ Драги Аргировски, општините Велес, Градско и Чашка и многу други.

По промоцијата на Монографијата свеченоста продолжи со манифестацијата „Пензионерите пеат“. Присутните се воодушевија од настапот на пејачките групи од здруженијата од Велес, Неготино, Кавадарци, Гевгелија, Демир Капија, Богданци, Прилеп и Битола.

Заедничката дружба продолжи со песни и ораи со ветување за повторна средба.

Н. Алексоска

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3