ЗП Гази Баба
Свечено одбележeн 45 годишниот јубилеј
20.12.2017
Во свечен амбиент и пријатна атмосфера, на 12 декември 2017 година Здружението на пензионери Гази Баба, со пригодна програма, а во присуство на голем број членови и гости, во ресторанот „Далија“, одбележа голем јубилеј, 45 години од своето постоење. На свеченоста присуствуваа: Министерката за труд и социјала политика во Владата на РМ, Мила Царовска, потпретседателот Салтир Каровски и секретарот Станка Трајкова на ИО на СЗПМ, претседателот на Извршниот одбор Методија Новковски и претседателот на Собранието Љупчо Димовски на СЗП на град Скопје, претседатели и претставници од скопските здруженија на пензионери, претседатели на ЗП Куманово, ЗП Прилеп, ЗП Струмица, ЗП Охрид и Дебрца, ЗП Прилеп, ЗП Кочани, ЗП Радовиш и Конче, претседатели на здруженијата на пензионери од Врање, Србија и Перник, Бугарија, како и голем број пензионери од ЗП Гази Баба.
При доаѓањето, гостите беа пречекани и послужени со леб и сол, од пензионерки од здружението облечени во народна носија. Откако хорот при ЗП Гази Баба, ја исполни свечената песна, под раководство на Милорад Илиќ - Раде, поздравен збор имаше Ѓорѓе Андонов, претседател на ЗП Гази Баба, кој им посака добредојде и добро здравје на сите присутни и меѓу другото рече:
- Убедени сме дека, како и досега, ќе продолжиме сите заедно да работиме во интерес на пензионерите, бидејќи само на тој начин ќе го направиме Здружението уште подобро и посилно. Како и до сега непрекинато ќе работиме во насока на зајакнување на нашата позиција во општеството и ќе се трудиме да бидеме меѓу најдобрите и достојни за почит здруженија, членки на СЗПМ, - истакна Ѓорге Андонов. Потоа присутните беа запознаени со успесите и постигањата на здружението во изминатите години.
Честитки по повод јубилејот до пензионерите од ЗП Гази Баба и поздрави до сите присутни упатија министерката за труд и социјала, Мила Царовска, потпретседателот на ИО при СЗПМ, Салтир Каровски, претставник од ЗП Куманово, ЗП Врање и ЗП Перник. Во рамките на свеченоста, на министерството за труд и социјална политика, на СЗПМ, Градскиот сојуз, Собранијата на општините Гази Баба, Петровец и Арачиново, на Здруженијата на пензионери од Скопје и внатрешноста, на ЗП Врање и ЗП Перник, како и на повеќе организации меѓу кои и Црвениот крст при општина Гази Баба, им беа доделени плакети и благодарници, а на спортисти и активисти при здружението, им беа доделени признанија, за афирмација на здружението. Средбата продолжи со музика, оро и заедничко дружење.
Васил Пачемски