Инфо  

Галерии

ЗП Кочани

Убав јубилеј - 45 години постоење и успешно делување

20.12.2017

Здружението на пензионери на Кочани деновиве ја одбележува 45 годишнината од постоењето и успешната работа и делување. Здружението формирано во ноември 1972 година прераснало во организација која во своите редови ги опфаќа пензионерите од општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево.
-Во изминатите 45 години кочанската пензионерска организација оствари значајни резултати на сите полиња на дејствување. Во изминатите години здружението се  залагаше за подобар стандард на пензионерите, посеопфатна здравствена и социјална заштита, организиран одмор и рекреација, бањско лекување, како и збогатување на културно забавниот живот и омасовување на спортот и спортската рекреација. Во оваа насока посебно активен е Активот на пензионерки кој работи во состав на нашата пензионерска организација.
Во кочанската пензионерска организација се опфатени околу 6500 пензионери од трите општини од кочанската котлина, со вкупно 15 ограноци од кои 8 се во градот и 3 во населените места  на општина Кочани, еден во општина Зрновци и три ограноци во општина Чешиново-Облешево.
Здружението има успешна соработка со општина Кочани и локалната самоуправа, која резултираше со отворање на неколку пензионерски клубови во градот кои ги опремивме со потребниот инвентар, а деновиве е ставен во функција и градскиот пензионерски клуб во кој вложивме сопствени средства за неговото реновирање и ставање во функција. Во оваа насока сакам посебно да ја споменам успешната соработка со општина Кочани во делот на обезбедувањето на локација за изградба на Дом за стари лица кој ќе има пред се регионален карактер. ЗП Кочани со сопствени средства и со  помош на општина Кочани изработи  идеен проект за идниот Дом за стари лица, кој се очекува по пат на јавно приватно партнерство да започне да се гради. Исто така, сите изминати години, ЗП Кочани преку Комисијата за здравство и стандард прави постојан увид во потребите на своите членови за социјална помош како и набавка на лекови и лекарски прегледи.
Преку Комисијата за спорт редовно учествува на регионалните спортски игри, а од Републичката олимпијада секогаш се враќа со освоени златни, сребрени и бронзени медали.  Ваквиот успех беше повторен и на последната Олимпијада која оваа година се одржа во Кочани.
Во состав на ЗП Кочани успешно работи фолклорниот ансамбл, пејачката група и оркестарот од изворни народни инструменти, кои се редовни учесници на општински, регионални и републички натпревари. Нашите фолклористи ја преставуваа Македонија и на фестивалот на третото животно доба во Љубљана, Република Словенија.
Како Здружение на пензионери успешно соработуваме со сите пензионерски здруженија од Источна Македонија и пошироко. Нашата соработка успешно со години назад се остварува со Здруженијата на пензионери од Кавадарци, Куманово, Прилеп и од општина Центар-Скопје. Во план сме оваа соработка да ја прошириме и на меѓународен план со ЗП Лесковац во република Србија. Јубилејот 45 години постоење ЗП Кочани ќе го одбележи со голем концерт на крајот од овој месец на кој ќе настапат фолклорни ансамбли и групи од Кавадарци, Куманово, Прилеп и Кочани, , - истакнува Ѓорѓи Серафимов, претседател на ЗП Кочани.

К.Герасимов

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3