Инфо  

Галерии

Разговор со претседателот на ИО на ЗП Кисела Вода, Благоје Арсиќ

Постигањата се наши, заеднички

23.4.2018
  • Здружението на пензионерите Кисела Вода спаѓа во редот на едно од поголемите здруженија членки на СЗПМ. Кажете ни ги неговите основни карактеристики.

-Здружение на пензионери Кисела Вода – Скопје е едно од најстарите здруженија во Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија и брои над 13 300 членови од следните општини: Кисела Вода, Зелениково, Сопиште и Студеничани. Ова мултиетничко здружението може да служи за пример на другите здруженија за соживот на пензионерите. Активностите во здружението се одвиваат преку 12-те ограноци во кои имаме и пензионери од руралните и градските средини. Клубови на пензионери има вкупно 12, со тоа што само во огранокот  Студеничани нема клуб, а се надеваме дека и во овој огранокот ќе отвориме во најскоро време, катче каде ќе се собираат пензионерите, ќе се дружат и ќе се подготвуваат за своите активности. Во огранокот Кисела Вода има два Клуба на пензионери. Во здружението активно работи и Активот на пензионерки. ЗП Кисела Вода е членка на СЗПМ и на СЗП на град Скопје.
Здужението активно учествува на сите културни и спортски манифестации од ниво на ограноци до манифестации на ниво на државата каде постигнува забележителни резултати. И хуманитарната компонента е застапена, како и информирањето преку „Пензионер плус“, „Пензионерски видици“ и друго.

  • Почитуван претседателе кои се Вашите програмски преокупации во оваа 2018 година?

-Активности кои се зацртани во нашата Програма за 2018 година навистина се многубројни, а ќе се реализираат низ сите организирани форми на дејствување за создавање на подобри услови за живеење и рекреација, како и надминување на проблемите што ги носи возраст. Еве дел од нашите програмски пеокупации: заштита и промоција на стекнатите права и интереси на пензионерите во областа на пензиско - инвалидско и здравствено осигурување, како и редовна исплата на пензиите; обновување на предлогот за укинување на партиципацијата за медицински третман и лекови за лица постари од 65 години; подобрување на квалитетот на општествениот живот на пензионерите; учество во спортски и културни настани; посета на изложби, поетски - литературно читање, организација на хуманитарни акции;  промовирање на поголема соработка со локалните самоуправа,  подржување на пrodol`uvawe за донесување на Закон за пензионерско организирање во Република Македонија, поддршка на работата на Одбор на регистрирана организација за членарина и солидарна помош, и друго. 

  • Задоволен ли сте од резултатите кои ги постигнува здружението на културен, спортски, хуманитарен план, како и  од соработката со Локалната самоуправа и други здруженија кои ги третираат луѓето од трета доба?

-Може да се каже дека сме задоволни од бројот и масовноста на активностите, но секако дека треба да биде уште подобро. Во таа насока ќе работиме и се надеваме дека добрите резултати нема да не одминат. Соработката со СЗПМ е на посакуваното ниво.

 

Како резултат на тоа годинава имаме чест да бидеме домаќини на 16 регионална ревија на песни, музика и игри кои ги организира СЗПМ, која ќе се оддржи на 8 мај и на која ќе земат учество здруженијата од  третиот регион. ЗП Кисела Вода има најбројна културно уметничка група. И досега сме се докажале како вистински чувари на традициите, нашето културно богатство, на песните и ората. Се надеваме дека ќе ја оправдаме довербата како домаќини и се надеваме дека ќе учествуваме и на 6. Републичка фолклорна ревија. Има подобрување и во соработката со Локалната самоуправа и градоначалникот на општината Кисела Вода, Филип Темелковски. Се интензивира и соработката со ЗП Солидарност-Аеродром, здружение со кое сме збратимени. Се подобрува и соработката и со СЗП на град Скопје. Годинава ќе посветиме посебно внимание и на информирањето. Ќе се информираме што работат другите, но ќе информираме и за нашите активности преку нашите пензионерски гласила.  

  • Вашето здружение подготвува социјална карта за членството. Докаде сте со овој проект?

-Да, ние сме второ здружение во СЗПМ кое подготвува социјална карта за своето членство. Проектот тече, но како што реков ние сме големо здружение. За да се заврши работата го зголемивме бројот на анкетари, како и висината на директните трошоци на анкетарите-волонтери. Се надеваме дека Проектот ќе биде успешно завршен во најскоро време.

  • Претседателе Арсиќ, Вие не сте прв пат на оваа одговорна функција битна за 13 300 пензионери членови на ЗП Кисела Вода. Што Ве мотивира да ја работите оваа работа?

-Пред се’ подобрување на животот на пензионерите од овие четири општини. Целта моја и на мојот тим е преку културните настани, спортските натпревари и хуманитарните акции луѓето од трета доба да имаат активни и содржајни пензионерски денови. Пред неколку години јас бев еден од иницијаторите за воведување на автобуска линија до клинички Центар во Скопје кој беше позитивно решен. Такви проекти и барања ќе реализираме и во наредниот период, се разбира сите заедно, бидејќи резултати се дело на сите: на раководството на ЗП Кисела Вода, на здруженијата, на телата и органите, на комисиите, на Активот на пензионерки, на секој пензионер член на нашето здружение.

  • Покрај ангажманот во здружението со што друго ги исполнувате Вашите пензионерски денови?

-По природа сум човек кој сака постојано да биде ангажиран и активен. Како прв мој ангажман надвор од здружението е дружењето со моите три внучиња кои се мојата најголема радост. Во слободното време пребарувам по Интернет и читам за се’ она што ме интересира, а решавам и судоку. Покрај тоа, работам и во мојата градина и се дружем со природата. Сето ова ме релаксира и ми дава енергија, но и идеии за разни активности и во здружението.

разговорот го водеше Калина С. Андонова

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3