Здружение на пензионери Солидарност-Аеродром
Промоција на публикација за Клубот на љубители на книгата
10.5.2018
Библиотеката на „Клубот на љубители на книгата“ при ЗП Солидарност - Аеродром се збогати со многу значајно издание, со публикацијата „Десет години Клуб на љубители на книгата 2008-2017“ во издание на ЗП Солидарност – Аеродром. Љубовта кон книгата, како што е мотото на овој Клуб, може да се роди во млади години, се негува во текот на работниот век, а може да се пробуди и најмногу да се чувствува во текот на пензионерските денови. Индивидуалното читање е значајно, а исто толку е значајна и групната анализа на делата, средбата со писателот или мултимедијалниот перформанс доживеан во Клубот. Како што кажа првиот промотор Димитрија Богатиноски, претседател на Здружението, кон крајот на 2007 година спонтаната иницијатива од волонтери ентузијасти, по одлуката на Извршниот одбор доби и формален Организациски одбор на чело со првиот негов претседател Драго Стојанов и членовите Александар Стојанов, Илија Глигоров, Борис Шуминоски, Драги Аргировски и Вангел Качев.
Авторите на публикацијата преку свои искажувања ја опишаа содржината која говори за растот и развојот на овој Клуб. Првиот дел се хронолошки подредени фактографски податоци, изводи од документи и осврти. Вториот дел претставува архива на записи од кореспонденцијата со Меѓународната гимназија „НОВА“ Скопје. Потоа запишани се кратки биографии на досегашните претседатели на Клубот. Во посебен дел се подредени песни од пензионери членови на Клубот. Има дел составен од искажувања и впечатоци искажани од учесници во десетгодишната програма на Клубот и на крајот има богата фото-галерија, сликовна документација за многубројните настани и промоции.
По повод десетгодишната работа на Клубот и придонесот за литературното воздигнување на пензионерите беа доделени признанија на досегашните претседатели: Драго Стојанов, Борис Шуминоски, Љубица Стојановска, Санда Игновска и Васил Тоциновски, како и на авторите на публикацијата Илија Глигоров, Јован Мазгански и Васил Тоциновски и на Гимназијата „НОВА“ Скопје.
Според зацртани принципи во Клубот се практикуваа повеќе форми и методи на работа за овие десет години. Анализи на дела, промоции на нови изданија, читање извадоци, рецитирање песни, едукативно-рекреативни екскурзии па се до мултимедијални настани. Истакната беше соработката со фонадацијата „Рамковски“, а со Меѓународната гимназија „НОВА“- Скопје беше реализиран проектот „Соработка средношколци и пензионери“, имаше соработка со Македонскиот народен театар, со рецитаторската секција во НВО „Меѓаши“ и со Црвениот крст. Почнувајќи од 2015 година се бележат и теренски посети во старските домови со организирана хуманитарна приредба за корисниците, а декемвриските средби секоја година беа „за душа“ со богат перформанс за умот, окото, увото, рецитирањето, усното пеење и добриот фолклор. Клубот имаше „обработка“ или промоција на стотина дела и автори кои оставија значаен литературен белег во постоењето на ова Здружение. Оформена е богата библиотека која е на располагање на пензионерите.
Промоцијата на „Публикацијата за промоциите“ во Клубот на љубители на книгата ќе им остане во сеќавање на сите присутни во преполнетата сала, а публикацијата „Десет години Клуб на љубители на книгата 2008-2017“ ќе остане како траен потсетник на литературните случувања во Здружението на пензионери Солидарност - Аеродром.
Илија Глигоров