Инфо  

Галерии

Промоција на Монографијата на ЗП Гази Баба, „Поглед низ времето“

Плодна неколку децениска дејност

5.5.2018

Деновиве во Скопје се одржа промоција на Монографијата  „Поглед низ времето“, која  што ја содржи историската приказна за формирањето и целокупните активности на ЗП „Гази Баба“ во изминатите 45 години. Автор е познатиот новинар и публицист  Васил Пачемски. Свечениот настан беше отворен со нивната пензионерска химна, а потоа на многубројните гости и членови на ова здружение им се обратија промоторите, домаќините и гостите.
Главен промотор беше  професор д-р Васил Дрвошанов кој меѓу другото рече:
- Авторот на монографијата, ја проследил дејноста на здружението, водејќи сметка за неговите главни координати, односно за примарните цели на органите и на телата на здружението. Целата  монографија е проткаена  со прецизни податоци во врска со организациската структура на здружението.  Сите свои нотирања авторот ги поткрепува со  наведување на имиња на личности и со бележење факти за значајни настани од активностите на здружението на регионален, државен и меѓународен план.
Имајќи го предвид фактот што во составот на ова здружение влегува пензионерската популација од актуелните општини Гази Баба, Петровец и Арачиново, помеѓу другото мошне важно е да се истакне и аналитичката констатација  во написот на претседателот на СЗПМ Драги Аргировски, во кој забележува дека ЗП Гази Баба со спектарот на своите успешни активности, во изминатите 45 години, создало добра основа за натамошен развој на сите активности и програмски задачи, негувајќи ги и ширејќи ги принципите на меѓугенерациска соработка, солидарност и соживот.
Свое видување на Монографијата изнесе и Магдалена Спировска, претседател на комисијата за културно-забавен живот при ЗП Гази Баба, која меѓу другото нагласи:

-Одлика на оваа монографија е што е пишувана одмерено, па секој член може да го согледа временскиот развој. Монографијата е документ за едно време, за безбројните активности на здружението.
Претседателот на ЗП Гази Баба, Ѓорге Андонов, на свечената промоција на Монографијата, потсети дека здружението од почетоците до денес е во постојан подем и раст.
-Тоа се должи пред се’ на еден од мотивите кој не’ води напред, а тоа е  што секојпат се споредуваме со подобрите, а не со послабите. Само така здружението стигна дотаму да предничи како едно од водечките, најдобрите и најголемите здружение во рамките на Сојузот.

Свеченоста ја увеличаа и повеќе гости кои го поздравија излегувањето од печат на овој значаен документ.
Секретарот на ИО на СЗПМ Станка Трајкова честитајќи им на домаќините и на авторот, потсети дека Монографијата е обемен и значаен документ кој опфаќа долг период исполнет со активности и макотрпна работа и е за секаква почит. И затоа „Не случајно се вели дека зборовите летаат, а пишаното останува.“
Крсте Спасески, од ЗП Охрид и Дебрца се придружи кон честитките и од сопственото искуство, потсети дека е мошне тешко да се подготви вакво значајно дело.

Калина Сливовска-Андонова, главен и одговорен уредник на весникот „Пензионер Плус“ и претседател на комисијата за информирање на СЗПМ честитајќи му на здружението за оваа монографија меѓу другото, нагласи:
-Добро е што се отпечати оваа Монографија. Таа е важен документ и еден вид прирачник кој дава насоки како треба активно да се работи и во пензионерските години.

Пред пензионерите на промоцијата се обрати и авторот, Васил Пачемски и рече:
-За секој автор е чест да работи на вакво дело, но и голема одговорност. Недостигот од документирани податоци беше најголемиот проблем, но со трпелива и упорна работа, со истражување, се’ се совладува.

Цветанка Илиева

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3