Активности на СЗПМ
Фолклорните ревии и спортските натпревари - најмасовни и најважни настани
8.7.2018
Активностите на кои пензионерите се горди и кои ги преокупираат, не се сумираат само по повод на датуми и јубилеји, затоа што активностите се одвиваат континуирано. Доказ за тоа се последниве случувања. Во април и мај се одржаа осум регионални ревии на песна музика и игри чии домаќини беа три здруженија од Скопје: Кисела Вода, Ѓорче Петров и Чаир, и здруженијата на пензионерите: Радовиш и Конче, Гевгелија, Македонски Брод, Македонска Каменица и Крушево.
Во деновите кога се одржуваа овие значајни културни манифестации празнува сите генерации, најстарите како чувари на нашето културно наследство, а помладите беа горди на своите родители, баби и дедовци и на нивната желба и нескршлив дух да покажат кои сме и какви сме. Фолклорните ревии на песни, музика и игри насекаде беа празник и за очи и за душа. Во салите пееја сите заедно, ја пееја песната на заедништвото и соживотот кои ни се толку неопходен на сите во овие времиња.
Звуците на зурлите и тапаните, песните и ората на триесет здруженија членки на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, или околу 600 учесници, играорци, песнопојци и музичари настапија пред преполната сала во Домот на Армијата на Македонија во Скопје, на 5-ти јуни 2018 година.
Настапија 30 здруженија, а можеа да настапат сите 49 бидејќи сите беа добри, сите се трудеа да бидат што подобри во граница на своите можности. Во салата немаше речиси празни места, како што немаше рамнодушни. Песните будеа спомени од младоста, срцата играа во ритамот на на тапанот, а пензионерите играа и пееја со желба да го одиграат што подобро орото од својот крај или да ја отпеат одбраната песна, заборавајќи на годините и на проблемите. Се преплетуваа чувствата на гордост за своите корени, гордост што светот не препознава токму по убавината и оригиналноста на македонскиот фолклор, по песните и ората кои се вековни белези на нашиот идентитет и непокор. Гордост, што иако сме мала земја, имаме културно богатство со кое ретко кој може да се пофали во светот.
Историјата на сите кои живеат во нашата земја, испишана е во песните, во обичаите во нашето богато културно богатство во коe е вткаен идентитетот и традицијата на нашето мултикултурно општество. На овие простори успеал да се одржи соживотот, бидејќи соседот и пријателот биле повеќе од најродениот, без разлика на вера, јазик или нација. Почитта нa еден кон друг бил наш патоказ во минатото, пример за генерациите кои доаѓаат. На ревијата сите учесници, сите изведби, беа наградени со долги аплаузи, а со некои изведувачи пееја и присутните во салата.
Републичката осма по ред ревија на песни музика и игри, како и сите во изминатите години, е незаборавен настан кој долго се прераскажува и им ги исполнува со убава содржина деновите на пензионерите, но сепак најсреќни се оние кои ќе го претставуваат Сојузот и нашата земја на 18. меѓународен фестивал за трета животна доба во септември во Љубљана, Република Словенија.
Осмата републичка ревија заврши со песната „Македонија е се’ што имаме“. Силниот аплаузот беше пораката на пензионерите до сите!
Но, орото нема да може да се одигра, песната нема да може силно и убаво да се отпее, а инструментите нема да го дадат потребниот звук без здравје и физичка кондицаја. Затоа, Сојузот и пензионерите членови на здруженијата, посебно внимание му даваат на спортувањето и физичката активност. Многумина врвни спортисти се и одлични играорци и во Куманово и во Охрид, и во Демир Хисар...
Во април, мај и јуни се одржаа и 23 регионални спортски натпревари во осум региони. Чест да бидат домаќини беа здруженијата: Тафталиџе, Центар, Струмица, Битола, Демир Капија, Кратово, Вевчани и Кочани. Во сите градови во пријатна спортска атмосфера победуваа најдобрите, најподготвените и оние кои имаа највеќе среќа. Сите се трудеа да покажат што подобри резултати и покрај годините, а секаде севкупни победници во другарувањето беа сите.
И покрај топлото време, пензионерите се натпреваруваа и даваа се’ од себе со цел да учествуваат на Спортската пензионерска Олимпијада 2018 која ќе се одржи на почетокот на септември оваа година во Радовиш.
Во сите региони и каде што се одржуваа ревиитеи, и каде што се одржуваа спортските натпревари, присутните беа поздравени во името на организатотот на Сојузот на здруженија на пензионери на Мекедонија од потпретседателот на ИО на СЗПМ Салтир Каровски или од секретарот на ИО на Сојузот, Станка Трајкова, како и од претставници на Локалната Самоуправа.
Ова беа двете главни активности на Сојузот за 2018 година, а имаше и уште многу други. Сепак Фолклорните ревии и спортските натпревари беа најмасовните и најважните настани и манифестации кои ги преокипираа 250 000 пензионери, членови на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.
Калина С. Андонова