Инфо  

Галерии

ЗП Пробиштип

Успешен настап на пензионерите на фестивалот во Долнени

5.7.2018

На 29 и 30 јуни во Прилеп и Долнени се одржа 44-тото издание на престижниот фестивал на изворни инструменти и песни  „Пеце Атанасовски 2018“. На двете фестивалски вечери настапија 32 културни уметнички друштва, ФА, пејачки групи, вокалисти и солисти на изворни инструменти и песни. Над 250 вљубеници во нашиот изворен фолклор, ги пренесоа подзаборавените рефрени на старите изворни песни, а се разлеаја и гласовите на зурлите, кавалите и другите инструменти.
Првата фестивалска вечер се одржа во Прилеп, а втората на Рудина во Долнени, родното место на нашиот голем познавач и изведувач на гајда Пеце Атанасовски. Триестти јуни беше голем празник за Долнени и за неговите жители, како и за оние кои допатуваа од околните населени места за да учествуваат на големиот спектакал од песни, свирки и изворни песни. На 44-тото издание на фестивалот, на втората фестивалска вечер настапија 17 друштва од 17 градови во Македонија. Меѓу нив беа и пензионерите од Кратово, Радовиш, Валандово, Виница и Струмица. Три часа се менуваа на сцената изведувачите, се свиреше, се пееше од срце, а богатиот колорит на изворни песни се испреплетуваше со јунската приквечерина.
Радува фактот што меѓу учесниците можеа да се забележат и деца од 7 до 13 па и нешто повеќе години, кои покажаа голем интерес за нашиот изворен фолклор. И додека младите ја покажаа желбата за негување на нашите традиции, пензионерите се покажаа како верни чувари на песната ората и убавината на изворните носии.
Двете вечери, настапите ги следеше стручна жири-комисија во состав: проф. др. Родна Величковска, уметнички директор на фестивалот, проф. др. Илчо Јованов, претседател на Советот на фестивалот и Захаринка Милосављевиќ - музиколог.
Членовите на КУД „Весели пензионери“ од ЗП Пробиштип  настапија со 6 точки и мошне успешно ја презентираа изворната музика од Овчеполијата која што е карактеристична и за Пробиштип. Умешноста во свирење гајда, кемане, тамбури и на други изворни инструменти, како и викоичкото и двогласното пеење не останаа незабележани од стручното жири, но и од публиката која бурно аплаудираше. Членовите на КУД „Весели пензионери“ се закитија со уште две награди: Тимчо Петров го освои првото место во соло-пеење, а друштвото за комплетниот настап ја освои Статуетката на фестивалот.
Да го споменеме и мошне успешниот настап на пионерите од Пробиштип кои се покажаа како добри мајстори на кавали, тамбура и тапан, а деветгодишниот Петар Арсов ја доби наградата за најуспешна соло-изведба во категоријата за деца.
Успешен настап имаа и пензионерите од ЗП Радовиш и Конче кои ги освоија наградите за соло-гајда и за женско викоичко пеење. Сите заедно, и младите, и возрасните, и пензионерите го продолжија дружењето во ресторанот „Липа“. Се покажа дека за добра музика не постои разлика во годините, а пензионерите беа пресреќни што се заедно со идните вљубеници во изворните песни и инструменти, кои во моментот ги гледаа како свои внуци.

М. Здравковска

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3