Инфо  

Галерии

ЗП Радовиш и Конче

Незаборавна средба во Ораовица со над 10 000 пензионери

22.7.2018

На 15.07.2018 година, над 10 000 пензионери се дружеа во манастирскиот комплекс Св. Ѓорѓија  кај село Ораовица. На ова место, во пазувите на питомата планина Плачковица, волшебната природа  раскошно и несебично ги подарила своите убавини. Овде дружењето започнало уште пред 15 години, но тогаш речиси се било како што дал Господ. Во последните осум години во Ореовица  се одржуваат најмасовните пензионерски средби во државата.

Дружењето почнува уште во раните утрински часови, кога голем број автобуси, минибуси и комбиња со љубители на природата и дружбата, доаѓаат да уживаат во кругот на манастирскиот комплекс. По пристигнувањето, веднаш се бараа ладовина под столетните дабови и ореови дрвја по кои и местото го добило името. Тука ќе го поминат денот со старите и со нови пријатели, а кога ќе се слушне гајдата и тапанот ретко кој може да им одолее на веселите звуци на песната и музиката и да не заигра на убавото македонско оро. И како што е редот, гостите прва ги поздрави претседателката на Активот на пензионерки Павлина Чабукова, а потоа и претседателот на ЗП Радовиш и Конче Јордан Костадинов, кој на сите присутни им посака срдечно и топло добредојде. Во името на градот домаќин, гостите ги поздрави членот на Советот на општина Радовиш и претседател на Комисијата за образование, култура и спорт Ристе Спасов, кој на присутните им посака пријатно дружење, изразувајќи го своето воодушевување од оваа ретко видена пензионерска дружба. На пензионерите им се обрати и ктиторот на овој духовен локалитет, Николајчо Николов кој со сопствени средства ја изградил убавата манастирска црква Св. Ѓорѓија. Тој со нескриено задоволство истакна дека е воодушевен од виталноста и од начинот на организирање на пензионерите и дека се радува што овој прекрасен предел е толку посакувана дестинација и за помладите и за пензионерите, и како таков од година на година прераснува во туристичко - рекреативен центар во источна Македонија. Средбата официјално ја отвори секретарот на ИО на СЗПМ Станка Трајкова, која ги поздрави присутните од името на СЗПМ и зборуваше за значењето на пикник - средбите, во подобрување на активното стареење. При тоа ја пофали органицацијата на средбата и го најави одржувањето на спортската пензионерска олимпијада во септември која ќе се одржи во Радовиш.

Собирот беше искористен и за одржување на работен состанок кој имаше цел подобро запознавање и размена на искуства на околу 130 претставници од 35 здруженија на пензионери членки на Сојузот.

Пензионерите учесници на овој величествен собир уживаа во природата, во песната и орото, а за тоа се погрижи и познатата музичка група „Златни прсти“, предводена од раководителот Никола Јованов, која веќе долги години се дружи со пензионерите.

Љилјана Младеновска

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3