Инфо  

Галерии

Разговор со Николајчо Николов, ктитор на манастирскиот комплекс во Ораовица

Големите луѓе прават големи дела

25.8.2018

Ктитор е човек кој гради, поправа, издржува и дарува манастирски или црковен комплекс. Она што го гради им го подарува да го користат сите, народот.

Разговорот со Николајчо Николов го водевме во манастирскиот комплекс „Свети Георгиј“, во атарот на селото Ораовица во општината Радовиш, за време на најмасовната пензионерската средба на која учествуваа над 10 000 пензионери.

Најнапред кој е Николајчо Николов?

Николајчо Николов е дипломиран инженер вработен во рудникот „Бучим“, како заменик генерален директор. На прашаето како дошло до тоа да стане ктитор на овој духовен комплекс еве што вели:
- Мојата желба и идеја се роди сосема случајно. Во манастирскиот комплекс „Свети Георгиј“ со колегите од „Бучим“ многу често одевме на излет при што уживавме во прекрасните сенки на огромните дрвја, во преубавите ливади, во изворите од кои блика чиста изворска вода. Во тоа време во овој комплекс се наоѓаше мала трошна црквичка, еден поголем објект прилагоден за верски обреди и една мала трошна куќичка која порано служела како конак. Очигледно беше дека тука треба нешто да се стори. Со други зборови се бараше некој  кој ќе помогне комплексот да биде во склад со убавата природа. По одредено размислување и одредени мои пресметки решив да помогнам.
Најнапред со писмо се обратив до МПЦ-ОА и побарав да бидам ктитор. Одговорот од Брегалничката епархија и г. Иларион, Митрополит Брегалнички, беше позитивен, на голема радост моја и на моето семејство. На 15.10.2011 година беше поставен камен темелник и почнаа работите според проект на ГП Бетон, а комплексот главно го градеше фирмата ГП Техника чиј сопственик е Наум Петрушевски.
Во изминатите години изградена е убава црква на темелите од црковен храм ов 13-14 век, кој тука постоел, според свештеникот Иван Стојменов. Иконите во црквата успешно ги насликаа фрескописците браќата Тони и Ромео Коцеви. Во манастирската црква тие имаат насликано 438 метри квадратни површина со икони и верски настани, на што се посебно горди и тие и јас како ктиторот, вели Николов.
Покрај црквата изграден и конак со дваесетина соби, трпезарија и кујна.

Насекаде по патот до комплексот има клупи и кошници за отпад со цел природата да остане убава, чиста, во сета своја убавина.
На комплексот „Св. Георгиј“ горди се и поранешниот градоначалник Роберт Велков, но и сегашниот  Сашко Николов, бидејќи објектот е поттик за развој на руралниот и верскиот туризам, како што вели Глигор Стефанов, претседател на Црковниот одбор на село Ораовица. Според Димче Петров, претседател на урбаната заедница на село Ораовица, овој духовен комплекс е белег со кој се отсликува селото.  
Во изградбата и оформувањето на комплексот учествувале уште 12-тина донатори, спонзори и помагатели на кои им сум посебно благодарен, - вели овој скромен човек со големо срце кој може да им биде пример на многумина.

На прашањето што понатаму, вели:
- Едно е нешто да се изгради, но истото многу е битно да се одржува. Мојата енергија ќе ја насочам во иднина во таа насока. Се надевам дека така и ќе биде. Ореовица и во иднина ќе биде место каде ќе уживаат сите генерации. Посебно сакам да ја истакнам соработката и дружењето со пензионерите. Чувствувам голема радост кога ги гледам како секоја година во голем број уживаат во убавините на Ораовица. Ги помагам и нивните активности кои успешно ги организира раководството на ЗП Радовиш и Конче и претседателот Јордан Костадинов.

Разговорот го водеше, Калина С. Андонова

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3