Инфо  

Галерии

Клуб на љубители на книгата при ЗП Солидарност –Аеродром

Промоција на книгата „Македонија во рингот“ од Александар Димковски

28.11.2018

Книгата „Македонија во рингот“ од Александар Димковски, главен и одговорен уредник на весникот „Нова Македонија“ имаше промоција на 30 октомври во Клубот на љубителите на книгата при ЗП Солидарност – Аеродром, во Скопје, која беше вистинско културно доживување. Посебен белег на настанот му даде совпаѓањето со одбележувањето на 74-годишнината од излегувањето на овој прв македонски дневен весник. Промотори беа: Драги Аргировски, Александар Прокопиев, Ефтим Клетников и медијаторот Васил Тоциновски. Содржината на оваа интересна и несекојдневна книга ја составуваат 120 уреднички колумни напишани во периодот од 2014-та до 2018-та година кои ангажирано ги проследуваат и вреднуваат бурните времиња, настани и промени спротивставени во борилиштето за опстанување. Претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија Драги Аргировски меѓу другото забележа дека „кога се читаат колумните на Димковски се открива вистинољубивоста, талентот и визионерството, но и храброста на авторот, бидејќи многумина можеби можат да напишат нешто слично, но немаат храброст. Димковски не е само едноставен  набљудувач на настаните и случувањата. Тој е активен борец против неправдата која повеќе години му се нанесува  на нашиот народ и на сите кои живеат во Македонија. Сето тоа го прави во своите колумни со голема инвентивност и правдољубивост“. Притоа посебно беше истакната нивната соработка во иницијативата и уредувањето на прилогот „Пензионерски видици“ во „Нова Македонија“.

Книгата на Димковски може да се чита и како своевидно критичко сведоштво на изминатите турбулентни години и затоа уште повеќе плени доследноста и аргументираноста на авторот и неговата храброст да ги уочи празните и лажни реторики наспроти историските и правни аргументи, забележува Прокопиев. За Ефтим Клетников збирката колумни се илјада и едната приказна на Шехерезада, каде што слушателот (читателот) постојано е во исчекување и возбуда што следува понатаму, понесен од слаткоречивоста и вештината на раскажувачот, во случајов авторот на „Македонија во рингот“. Пишувајќи за забрзаното столетие медијаторот Васил Тоциновски истакна оти авторот на книгата е исполнет со позитивна енергија, со добранамерност и со ука и поука како човекот, просторот и времето да бидат подобри и поуспешни. Обраќајќи се на присутните кои ја исполнија салата до последно место, Димковски истакна дека како новинари и професионалци секогаш треба да се бориме и да трагаме по вистината.

В. Т.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3