|
ЗП Нeгoтинo
Нов дом за пензионери во Неготино
20.1.2019
На 12 декември 2018 година беше пуштен во употреба нов дом за пензионери во Неготино. Тој ден на 8 пензионери им беа дадени клучевите од нивните нови живеалишта. Осум пензионери добија на користење гарсоњери во кои спокојно ќе ги минуваат своите пензионерски денови. На среќата и возбудата и немаше крај, бидејќи тој ден престана нивното селење од едно место на друго и нивното бесконечно малтретирање и нервирање. На овој убав настан во домот беа присутни членовите на Извршниот одбор на ЗП Неготино, како и повеќе пензионери. Домот го предаде во употреба и ја пресече лентата, претседателот на ЗП Неготино Петар Захарчев кој им се обрати на присутните видно задоволен и при тоа рече:
-Конечно се реализираше нашата желба за нов пензионерски дом во Неготино. Како што гледате конечно го дочекавме и тој ден.
Имено, уште при изборот на ова раководство, истото побара од тогашниот градоначалник и од Советот на општината да се додели локација за изградба на пензионерски дом. И по четири години проблемот не беше рашен. И со доаѓањето на новиот градоначалник состојбата остана иста. Тогаш ЗП Неготино донесе одлука со свои сопствени средства да купи станбен објект кој потоа беше преадаптиран и беа направени 8 гарсоњери. При предавањето на клучевите беше организирана скромна прослава со закуска за станарите и присутните.
Убав пример за домаќинско дејствување и работење. ЗП Неготино не е големо здружение по број на членови, но е голема неговата грижа за своето членство.
|
|