Инфо  

Галерии

Хуманитарката Јесика Готенбос од Холандија – голем пријател на нашата земја

28.3.2019

Јесика Готенбос е од градот Хорн Холандија кој е одалечен само 40 километри од Амстердам. Таа е член на хуманитарната организација „Помош за Македонија“ во нејзиниот град. Јесика покрај што има големо хумано срце, таа е фанатички вљубена и во изворниот македонски фолклор.  И токму тој, фолклорот не спои. Нашето пријателство трае 15 години, а беше и причина повеќе да ја насочи нејзината хуманитарна организација да дава помош во Македонија. Холанѓанката Јесика Готенбос донирала на многу организации, но нејзина „слабост“ се повозрасните. Нејзините донации најчесто завршуваат и се поврзани со повозрасната популација-пензионерите и пензионерските домови. Понесена од милозвучноста на нашите изворни инструменти, првата донација што им ја донесе на пензионерите при ЗП Пробиштип се состоеше од комплет изворни инструменти на кои и денес свират членовите на КУД „Весели пензионери“ при ЗП Пробиштип. Потоа следуваше клима уред за нормално изведување на пробите за време на летниот период, а од минатата година пензионерите се топлат со камин печка која исто така е донација од Јесика и фондацијата „Помош за Македонија“. Јесика и нејзината фондација донираа и во Здравствениот дом во Пробиштип, апарати кои најчесто ги користат пензионерите. Исто така, донесе многу облека за старите лица во рурлните средини во околината на градот која беше распоредена со помош на ОО „Црвен крст“ од Пробиштип. Јесика со нејзиниот сопруг Ремонд и нивните пријателите од фондацијата просто се вљубени во Македонија и нејзините убавини. Во секоја прилика тие донесуваат по некоја донација во градовите низ цела Македонија. Во Охрид на младите им изградија Младински центар во кој ќе си го организираат животот. Во Неготино на клубот на пензионери кои членуваат при ОО „Црвен крст“ и учествуваат во сите хуманитарни активности им ја сменија комплетната столарија. Последната нивна донација која е во соработка на Кралството Холандија беше неодамна во Берово. За уредување на просториите за стари лица и дом за стари лица беа донирани 300 000 евра. Како што истакна Марија Умленска, раководител на установата, околу 100 пензионери чекаат за прием во установата.

-Сакам да истакнам голема благодарност до хуманитарната организација од Кралството Холандија кои заедно со Министерството за труд и социјална политика и општина Берово овозможија да се стави во функција вториот дел од установата, со што ќе го прошириме капацитетот за уште 14 нови корисници. Претставникот на Холандската фондација, Јесика Готенбос, истакна дека ова е инвестиција која во целост ја оправдала својата цел.

Во перспектива, со донација од холандската фондација ќе се прошири и третиот дел од домот, со што истиот ќе биде во можност да прими уште 40 нови корисници, од Берово и околината, истакна Умленска.

Овој пат во Македонија Јесика Готенбос дојде со својата екипа, со своите пријатели Марија, Петар, и сопругот Ремонд. Во кусата средба од  2-3 часа поразговаравме за нивните наредни планирања за донации во Македонија.

-Остануваме и годинава да донираме во Македонија. Наша целна група и понатаму остануваат пензионерите и старските домови, - истакна Јесика.

Се разделивме со желба за што побрзо да имаме нова средба, која според неа треба да се случи на почетокот на април оваа година, при што вети дека ќе го посети и Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија за кој слушнала многу убави работи за активностите на македонските пензионери.

М.Здравковска
Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3