|
Министерката Царовска и градоначалникот Анастасов во посета на пензионерите
8.4.2019
На 4-ти април годинава, Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, во придружба на градоначалникот на општина Пробиштип Драган Анастасов беа во посета на пензионерите членови на ЗП Пробиштип. Во преполната сала на Пензионерскиот дом, гостите и присутните најнапред ги поздрави претседателот на ЗП Пробиштип Груица Манасијев. Тој им се заблагодари на гостите за посетата, а пензионерите ги потсети дека можат да поставуваат прашања за се’ што ги интересира и да побараат соодветни одговори.
На своите сограѓани-пензионери потоа им се обрати Градоначалникот на општина Пробиштип Драган Анастасов. Тој најнапред направи пресек на своето работење во изминатата година, посебно истакнувајќи ја соработката со министерството и министерката за труд и социјална политика, како и.со ЗП Пробиштип.
-Она што го сработивме како резултат на взаемната соработка со министерството е отворањето на нов клон на детската градинка „Гоце Делчев“ во приградската населба Калниште. Со тоа ги растеретивме и клоновите во градот кои беа претрупани и тешко се работеше, но и бабите и дедовците за да им се посветат на своите активности.
Изработивме повеќе проекти за да ги санираме клучните објекти кои се од пошироко значење за граѓаните. Засега се добиени 20 милиони денари од донација за реконструкција на спомен паркот „Братство - Единство“ кој ќе го претвориме во најубаво катче за прошетки и одмор како за најмладите така и за пензионерите. Приоритет ни е реконструкција на кино салата за која се добиени исто така 20 милиони денари, а добиена е и донација за проект за развој на туризмот бидејќи го имаме најубавиот манастир „Свети Гаврил Лесновски“ во износ од 160 милиони денари, како и 20 милиони денари за патниот правец Пробиштип село Стрмош. Со министерката разговаравме и за преадаптација на неискористените простории во здравствениот дом, во дом за стари лица.
На почетокот од своето обраќање Министерката упати честитки за изборот на новата претседателка на СЗПМ, за која потенцираше дека е личност на која и е позната состојбата со пензискиот фонд и со која може успешно да се соработува. Потоа Царовска говореше за грижата на Министерството за пензионерите и рече:
-Како досега и во наредниот период пензиите ќе растат во согласност со животните трошоци. Во текот на годината ќе има двапати усогласување на пензиите и тоа во февруари и септември. Како министерство ќе настојуваме домовите за стари лица да се средат и да бидат пристојно место за престој и живеење на пензионерите. Во наредниот период размислуваме и за отворање на центри за услуги на стари лица во домашни услови. Лицата од центрите ќе водат секојдневна грижа преку снабдување со храна, лекарства и потреба од водење на лекар, за личната и хигиената на нивните домови, се со цел да им овозможат пристојно живеење и стареење. Исто така, старите лица над 65 години, а кои немаат никакви примања, ќе добиваат по 6.000 денари месечна помош, во вид на социјална пензија.
По излагањето на министерката и градоначалникот уследија многу прашања од страна на присутните, кои најмногу се однесува на висината на пензиите, на процентот на усогласување на пензиите, на пензионерскиот стандард и друго. До градоначалникот најчести беа прашањата околу патната инфраструктура, особено во руралните средини и адаптацијата на киното во градот.
Гостите исцрпно одговараа на сите прашања, а на крај им се заблагодарија на пензионерите за големата посетеност и за активното учество во разрешување на проблемите со кои се соочуваат старите лица.
М.Здравковска
|
|