Инфо  

Галерии

Интервју со претседателот на ЗП Куманово, Благе Јакимовски

Грижата за пензионерскиот стандард основна цел и задача

12.7.2019
  • Почитуван претседателе, со оглед на тоа дека добар дел од својот работен век сте го поминале на одговорни општествено-политички и раководни функции во Општината Куманово, кој беше Вашиот мотив да се кандидирате за претседател на Здружението на пензионери во Куманово?

-Своето право на старосна пензија го остварив на први јули минатата година, а како што е познато кон крајот на истата година во ЗП Куманово беа организирани и се спроведуваа изборни активности. Огранокот на пензионери од Населбата Карпош каде што живеам, на изборниот состанок ме предложи  и ме избра за делегат во Собранието на ЗП Куманово, а тоа согласно со Статутот на  Здружението значеше и можност да бидам и кандидат за претседател на истото. Истовремено, уште во неколку ограноци бев предложен како кандидат за оваа функција, па така на конститутивно-изборната седница на Собранието на ЗП Куманово одржана на 22 март годинава со тајно гласање и со огромно мнозинство делегатите  ми ја дадоа довербата во претстојниот мандатен период да бидам нивен претседател, за што сум им благодарен. Тоа за мене претставува чест, но и одговорност.

  • Според бројот на членството, но и според досегашните резултати ЗП Куманово се вбројува во редот на најголемите и најуспешни  здруженија од ваков вид во Републиката, како членка на најголемата асоцијација - Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија. Како овие факти влијаат на Вас и дали императивот да се одржи континуитетот на позитивни резултати Ви претставува одредена потешкотија?

-Многу работа и активности се потребни за да се постигне одреден резултат, а уште поголем труд треба да се вложи тој континуитет да се задржи и подигне на повисоко ниво. Факт е дека Кумановското здружение на пензионери е едно од најголемите и најуспешни од ваков вид во нашата држава, но се надевам дека со уште поголема посветеност и подобра организираност резултатите нема да изостанат. Ќе дадам се од себе да биде така, бидејќи  колку и да е добро секогаш може да биде и подобро.

  • Веќе неколку месеци сте на чело за ЗП Куманово, какви се Вашите согледувања за состојбите во него и кои се Вашите нови идеи и планови во врска со активностите на многубројните секции и слично?

-Моите први согледувања беа дека Здружението на чие чело бев избран има мошне обемна и разновидна активност на сите полиња. Активностите беа доведени речиси на ниво на полупрофесионализам. Тоа бараше  веднаш да се зафатиме со работа во сите секции. Всушност ние продолживме со реализација на програмските активности донесени од претходното раководство. Следствено на тоа, во изминатите неколку месеци ја организиравме ,,Шегобијната разгледница“, учествувавме на 17. регионална ревија на песни, музика и игри во Скопје, на Фестивалот во Злетово, во Куманово успешно ја организиравме по 4 пат Меѓународната манифестација ,,Хоровите пеат“, за која добивме и финансиска поддршка од Сојузот со кој имаме добра и конструктивна соработка, а активно учество и успешен настап имаа членовите на здружението и на 24. регионални пензионерски спортски натпревари во Злетово. Работата даде резултати, но кога ги сумирам истите можам да речам дека сум задоволен, но сите резултати ги постигнав заедно со сите, а пред с? со моите најблиски соработници.

  • Во едно од Вашите обраќања меѓу другото рековте дека пензионерскиот денар мора да оди за задоволување на потребите на пензионерите. На што мислевте конкретно? Кои активности би ја оствариле оваа цел?

-Една од основните задачи на Здружението на пензионерите е да води перманентна грижа за пензионерите и создавање услови за  нивен подобар и подостоинствен живот. Тоа мора да ни биде основна задача на сите во работата. Во оваа насока, преку ограноците на пензионери, односно со раководствата, бидејќи тие најдобро ја познаваат состојбата во нивните средини, ќе иницираме активности за транспарентно трошење на парите што се прибираат од пензионерската членарина бидејќи тоа се нивни пари и мора да бидат наменети за нивни потреби.

  • Кога сме кај трошењето на пензионерскиот денар, дел од пензионерите, особено оние кои одржуваат проби во секциите, сметаат  дека  новите простории за вакви намени се нефункционални и дека нивното купување е промашена инвестиција? Кој е Вашиот коментар?
-Мислам дека излишно е да се коментира нешто што веќе е завршено, меѓутоа, врз основа на она што секојдневно  се говори од страна на пензионерите кои непосредно имаат активности во истиот, забелешката е дека просторот е нефункционален од аспект на тоа што нема доволно проветрување и дека повеќе одговара за некоја друга намена. Во тој правец, ќе видиме што може да се направи и дали нешто може да се коригира.
Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3