|
ЗП Битола
Пензионерите преку меморандум до плодна соработка со Општината
31.7.2019
Тргнувајќи од потребите на пензионерите на Општина Битола за унапредување на нивните права и подобрување на состојбата во сите сфери на општественото живеење од една страна и надлежностите и можностите на локалната самоуправа согласно со Законот за локална самоуправа и Статутот на Општина Битола од друга страна, ЗП Битола и градоначалничката на Општина Битола деновиве склучија Меморандум за остварување на повеќе цели.
Со него се предвидува Општина Битола и ЗП Битола да соработуваат во изнаоѓање можност за користење на слободните простории во месните заедници во градот и поранешните задружни домови во руралните средини за активности на клубовите на пензионерите. Исто така, потписниците на Меморандумот ќе се залагаат за понатамошен развој на условите за живот на пензионерите преку преземање активности за регистрирање на старите изнемоштени лица, по можност нивно сместување во постојните домови за стари лица. Се предвидува преземање активности за решавање на статусот на пензионерскиот дом - Хотел ,,Битола“ со намена за сместување на пензионерите.
Со потпишаниот меморандум од страна на градоначалничката на Оштина Битола Наташа Петровска и претседателот на ЗП Битола Томе Димитровски, ќе се настојува да се организираат волонтери со помош на Црвениот крст и други граѓански здруженија со слични активности за давање конкретна помош на стари и изнемоштени лица, со снабдување прехранбени продукти, лекарски прегледи, лекови и други неопходни потреби. Потписниците на Меморандумот ќе се залагаат за активно вклучување на пензионерите, користејќи го нивното долгогодишно животно, работно и стручно искуство во планирањето на локалните политики преку нивно вклучување во Советот и неговите работни тела, како и заемно информирање и комуницирање за активностите на општината и пензионерите. Со тоа ќе се создадат контакти со збратимените градови на Општина Битола, а ќе се овозможи и учество на пензионерите во креирањето на буџетската, просторно-урбанистичката политика и сообраќајните решенија во општината, кои се од интерес и потреба и на пензионерите.
И досега соработката меѓу ЗП Битола и Општина Битола беше на завидно ниво, но се очекува со потпишување на Меморандумот таа да стане уште поплодна.
|
|