Инфо  

Галерии

ЗП ПРИЛЕП

Се’ што правиме, правиме за доброто на членството

15.9.2019

Дека е едно од најактивните здруженија на пензионерите членки на СЗПМ, прилепското здружение досега има докажано на повеќе наврати и во повеќе области. ЗП Прилеп има две културно уметнички друштва „Пензионер“ и „Пенка Котеска“. Едното ја негува староградската музика и песна, а другото народната песна и фолклор. Тие досега имаат настапувано на повеќе пензионерски средби во Македонија и надвор од неа. Пред две години прилепското здружение, односно пензионерите-спортисти беа најдобри на Републичките пензионерски спортски натпревари и го освоија преодниот пехар. Ова здружение ја има добиено и престижната награда на градот Прилеп, наградата „Трети ноември“  се разбира пак за покажаните успеси и резултати на секој план.
Кога ги набројуваме активностите на ова Здружение секако треба да се каже дека преку Комисијата за екскурзии и рекреација по неколку илјади пензионери во текот на секоја година такаречи бесплатно, за само сто денари за превозот се рекреираат на  десетина дестинации, познати градови, манастири и излетнички места во Македонија и надвор од неа. Така минатата година беа до Врњачка Бања во Србија, а годинава во Лесковац . Неизбежен е податокот дека Комисијата за доделување на еднократна парична помош, според новоизготвен правилник на своите членови им доделува околу два милиона денари. Тука е и партиципацијата за бањско лекување на  членовите.
Деновиве по повод  давањето во употреба  на реновираните простории на Централниот пензионерски клуб на Здружението во центарот на градот поведовме разговор со претседателот на ЗП Прилеп, Славко Трајкоски .
-Помалку од еден месец траеше реновирањето на Клупските и канцелариските простории. Оценка беше на Извршниот одбор да се направи едно пристојно катче за пензионерите кои скоро по цел ден се дружат играјќи  карти, шах,  домино и други заеднички игри . Клубот не само во  центарот, ами и другите клубови, единаесет на број во градот и неколку населени места се доста посетени. Ние имаме 19 ограноци и сме едно  според бројот на членови  од поголемите здруженија во СЗПМ со 14 илјади членови. Со целосното реновирање на централниот клуб се доби многу. Се реновираа повеќе простории бидејќи повеќе од дваесет години во нив не било ништо реновирано и поправено. Сега со право можеме да се пофалиме дека во Македонија имаме најнови и најдобри простории. И, не само овие простории презедовме активности да ги реновираме и  клупските простории во огранокот од соседната општина Кривогаштани чии пензионери се членови на нашето здружение. Имаме донесено одлука да ги реновираме и клупските простории во огранокот „Рид“. Сето ова го направивме со одлука на Извршниот одбор на ЗП Прилеп  и се разбира на задоволство на членството, за подобро и подолгорочно нивно стареење. Да не мислат на староста и годините, но да мислат на убави работи. Животот да им биде исполнет со радост и задоволство.  Можеби треба да кажам дека за овој поголем инвестиционен зафат, Здружението издвои повеќе од два милиона денари , а тука се и издвоените средства за еднократна помош, помошта за бањско лекување, помошта што им ја доделуваме на пензионерите со ниски пензиски примања пред Новогодишните празници, што исто така не се мали.
Исто така, со моето доаѓање за претседател оценивме дека Денот на пензионерите, 20 септември  да го одбележиме со организиран заеднички голем излет за повеќе од четиристотини пензионери. Средствата се од пензионерите и се разбира треба да се трошат за нивни благодет во секој поглед. А, за ова можам да кажам можеби делува нескромно, но ние сме за пример во СЗПМ. – вели Трајкоски.
Кога зборува за активностите, Трајкоски не заборава да каже, дека сите 19 ограноци функционираат беспрекорно.
-Ограноците се и иницијатори за организирање на пензионерски забави и дружења. Пензионерките се дружат по два пати неделно во клупските простории, а исто и пензионерите. Во секој огранок има формирано секции на жени кои се тесно поврзани со Активот на пензионерки во здружението. За време на изборите оваа година успеавме да се избориме  за поголемо присуство на жените во органите  и телата на Здружението. Така сега во нив членуваат 40 %  жени со тенденција овој број да се зголемува и натаму. Јас како претседател многу често ги посетувам ограноците и присуствувам на нивните состаноци, - вели Трајкоски.
-Ние, како Здружение успеавме со Општината да се договориме пензионерите од Прилеп  од понеделник до петок секој ден од 8 до 12 часот да се возат бесплатно со автобусите на јавното градско сообраќајно претпријатие. Ова го има само во Прилеп и во Скопје, истакнува со гордост Трајкоски.
Што се однесува до идните активности тој вели:
-Ќе продолжам да одам на состаноците во ограноците, ќе ги задолжам сите претседатели да направат списоци на најзагрозените пензионери, оние што земаат само една пензиија и за Нова година ќе им доделиме одредена парична помош. Годинава за оваа категорија на пензионери имаме планирано да издвоиме околу 25О илјади денари. Ќе се залагам нашите претседатели на ограноците во ЗП, а и во СЗПМ каде што сум и член на Извршниот одбор претседателите да бидат само еден плус еден мандат, оти сметам дека со повеќе мандати тие се бирократизираат.Потребно е нашите органи да се подмладуваат и освежуваат со нови членови. Исто така, имам желба да се инвестира во нов  дом за стари лица. Доколку се пројави интерес и во Прилеп преку јавно приватно партнерство заедно со локалната самоуправа  да се инвестира во нов дом за стари ние како здружение ќе учествуваме со средства, - додава претседателот на ЗП Прилеп.

Кирил  Ристески

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3