Инфо  

Галерии

Усогласување на пензиите

27.9.2019

Едно од позначајните прашања во пензискиот систем е усогласување на пензиите што има за цел одржување на реалната вредност на пензијата,  а со тоа и  зачувување на материјалната и социјалната сигурност на корисниците на пензија.
Во пензискиот систем е познато дека во одделни периоди пензиите се усогласувале исклучително со порастот на трошоците на животот, потоа со порастот на платите или комбинирано дел со  порастот на трошоците на животот и дел со порастот на платите.
Со последната измена на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (Службен весник на РМ број 245) од 28.12.2018 година е уредено:
„Пензијата се усогласува од 1 јануари и од 1 јули секоја година според порастот на индексот на трошоците за живот во претходното полугодие во однос на полугодието кое претходи објавен од Државниот завод за статистика.
Во случај кога порастот на трошоците на животот се со негативен предзнак не се врши усогласување на пензиите.
Доколку бруто домашниот производ во претходното полугодие има реален пораст над 4 %, покрај усогласувањето со порастот на трошоците на животот, пензијата се усогласува од 1 април тековната година во процент кој претставува разлика помеѓу реалната стапка  на порастот на бруто домашниот производ  во претходната година и стапката од 4 %.“
Согласно со ова законско решение и објавените статистички податоци од Државниот завод за статистика за порастот на трошоците на животот во претходното полугодие (јули - декември 2018 година) во однос на полугодието кое претходи ( јануари - јуни 2018 година), пензиите  од 1 јануари 2019 година, се усогласија за 0,7 % .Според последните податоци просечната плата во јуни  изнесува 25.505 денари, а просечната пензија во јули 2019 изнесува  14.533 денари и учествува во просечната плата со 57 % што е мерило за вредноста на пензијата.
Од 1 јули 2019 година пензиите се усогласија со порастот на трошоците на животот со процент од 0,4 %, а во истиот период порастот на платите изнесува 0,5 % податоци кои се скоро идентични.
Меѓутоа,   кај пензионерите преовладува мислењето дека во услови кога порастот на платите отстапува од порастот на трошоците на животот, а со цел да не се намали реалната вредност на пензиите и животниот стандард на пензионерите се предлага при усогласување на пензиите да се вгради и порастот на платите. Предвид на изнесеното Сојузот е на мислење дека пензиите треба да се усогласуваат и со вградување  на порастот на платите односно со комбиниран начин на усогласување (пораст на платите и трошоците на животот) со цел секогаш да има усогласување на пензиите. Со комбинираното  усогласување на пензиите би се постигнало подобро решение во однос на усогласувањето на пензиите  само со трошоците на животот или само со порастот на платите, бидејќи ќе се постигне баланс на процентот на усогласувањето во случаевите кога порастот на платите или на трошоците на животот растат со различна динамика. Така на пример ако трошоците на животот пораснат со поголема динамика од порастот на платите, во тој случај ќе бидат фаворизирани корисниците на пензија и обратно како што е случајот од 1 јануари 2019 година кога порастот на платите изнесуваше 2.9 %, а порастот на трошоците само 0.7%. Меѓутоа, во периодот јануари – март 2019 година, воопшто немаше пораст на платите, а во периодот јануари - јуни порастот изнесува 0.5 %.
Сојузот континуирано ги следи податоците на движењето на платите и трошоците на животот како параметри кои се земаат за усогласување на пензиите, а кои зависат од економскиот развој на Републиката, од порастот на цените на производите, услугите на светскиот пазар и аналогно на тоа се  предлагаат и  решенија за усогласување на пензиите.

Стaнкa Tрajкoвa

Прeтсeдaтeл нa СЗПM      
Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3