Македонските пензионери и пандемијата
6.4.2020
Почитувани претседатели,
Во услови на пандемијата со Ковид 19 од страна на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, комуникацијата со Здруженијата на пензионери се одвива на соодветен начин условен со постојната состојба наметната од Корона вирусот.
Убедена сум дека сите препораки што ги достави Сојузот и надлежните органи доследно ги применувате во Вашето здружение.
Од комуникацијата со Здруженијата на пензионери се добиваат информации дека здруженијата и во овие услови се активни на соодветен начин. Основен предуслов како да им помогнете на своите членови – пензионери, е неминовната соработката на здружението со општината и Црвениот крст, во користење на услугите на мобилните тимови кои треба да се достапни до пензионерите на Вашето здружение. Одделни здруженија тие телефони ги имаат објавено на своите Веб страници, како и на видни и достапни места. Со лично контактирање по телефон со пензионери за кои здруженијата имаат евиденција дека живеат сами и на нив им е потребна помош (набавка на дезинфекциони средства и друг вид на намирници) може да изготвите списоци со кои ќе им помогнете и да ги поврзете со тимовите. Така е во здруженијата Вевчани, Прилеп, Тетово, Чаир, Охрид, Центар и Гази Баба во Скопје и други каде се делат ваучери, пакети и друг вид помош на пензионери со ниски пензии, на кои им се даваат и услуги во домашни услови и надвор од домот.
Исто така, еден дел на здруженија остваруваат и свои оригинални активности кои се за почит и за пример е ЗП Штип каде пензионерки активисти на волонтерска основа направиле 2.000 маски кои ги поделите на штипските пензионери. Верувам, дека на свој начин и во граница на своите можности постапуваат и другите здруженија.
Почитувани претседатели,
Заслужува да се истакне дека во нашата држава има 114.503 корисници на пензија кои примаат пензија до износ од 11.863 денари, а 65% од вкупниот број на корисници на пензија им се исплатува пензија до просечниот износ кој изнесува 15.298 денари. Затоа, со самопомагањето на здружението на своите членови во време на пандемија преку социјално-хуманитарни и друг вид на активности, покажуваме дека солидарноста и взаемноста се присутни во здруженијата и сознанијата од остварената комуникација со Вас, покажува дека и во оваа ситуација, Вие ширите позитивна енергија.
Бројот на корисници на пензија во Републиката според податоците на Фондот на ПИОСМ изнесува 323.455 со состојба февруари 2020 година.
Факт е дека пензиите во Македонија редовно се исплатуваат, а просечната пензија исплатена за февруари 2020 година изнесува 15.298 денари. Просечната плата на сите вработени во државата според податоци од Државниот завод за статистика исплатена за јануари 2020 година изнесува 27.570 денари, а учеството на просечната пензија исплатена во февруари 2020 година во однос на просечната плата исплатена во јануари 2020 година изнесува 55,54%.
Еве и некои други податоци.
Графиконот го покажува бројот на пензионери во однос на бројот на вработени во опкружувањето. Тој однос е највисок во Македонија и изнесува 1:1.8.
Во некои земји заради пандемијата со Ковид 19 граѓаните добија финансиска помош од државата. Во тие мерки на разни начини беа вклучени и најстарите жители, пензионерите. Црна Гора - Фонд за пензиско и инвалидско осигурување на пензионерите со најниска пензија им исплати еднократна парична помош во износ од 50 евра.
Србија – На сите пензионери им даде по 4000 динари (околу 35 евра), а градот Белград подели 173 000 пакети на тие со помали пензии.
Словенија - Пензионерите со пензии под 700 евра ќе добијат помеѓу 130 и 300 евра.
Хрватска – за Велигден ќе подели по 100-500 кн (65-100 евра)
Од наведените податоци во споменатите држави пензиите се исплатуваат во висина на стекнатото право, потпомогнати со дополнителни средства и друг вид на помош. Во нашата држава корисниците на пензија во досегашниот период на пандемијата ги помагаат одделни општини, Црвениот крст и здруженија на пензионери според своите можности.
На крајот, уште еднаш апелирам дека Вие како претседатели на Здруженијата можете многу да помогнете на сите Ваши членови пензионери со доследно почитување на сите мерки за заштита како и изнаоѓање на начини и можности да си помогнеме самите на себе во овие тешки моменти.
Станка Трајкова,
претседател на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија
(Податоците за земјите од опкружувањето се од веб страниците на Интернет)