Инфо  

Галерии

За оние кои не знаат или заборавиле каде се трошат средствата на пензионерите од членарината

28.6.2020

Во последно време во јавноста голем е интересот како здруженијата на пензионери  и Сојузот дејствуваат односно  како ги извршуваат своите активности во услови на пандемија, а особено е присутен интересот како здруженијата ги користат средствата на име членарина.
Здруженијата на пензионерите се граѓански, невладини и непартиски организации здружени во Сојуз на  здруженија на пензионери на Македонија (СЗПМ) во кој сојуз членуваат 53 здруженија. Постојат и уште три други сојузи, но јас ќе се осврнам на работењето на здруженијата - членки на СЗПМ.
Со здружување во Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, здруженијата  не го губат својството на правно лице и својата автономија, туку продолжуваат да дејствуваат со заемно почитување и спроведување на својот Статут и Статутот на Сојузот. Овие граѓански организации имаат долга историја бидејќи егзистираат повеќе од 73 години.
Согласно со Законот за пензиското и инвалидското осигурување на секој пензионер при поднесување  барање за пензија на доброволна основа со негова согласност му се издвојува дел од пензијата за солидарен фонд (посмртна помош и членарина) кои средства се чуваат на посебна подсметка во Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, во рамките на трезорската сметка. Делот од средствата на име посмртна помош издвоен со согласност од самите пензионери  изнесува 120 денари. Од овие средства од страна на Фондот се сервисира односно се исплатува испратнина од 30.000,00 денари на семејството на починатиот пензионер. За членување на пензионерот во здружение, исто така, на доброволна основа, се издвојуваат 30 денари кои СЗПМ ги води на посебна сметка и постапува врз основа на акти на Одборот на Регистрираната организација. Од овие средства  на сметките на 53-те здруженија на пензионери секој месец се префрлуваат по 27,50 денари според бројот на неговите членови, а 2,50 денари се издвојуваат за заедничките активности во Сојузот.
Основните прашања и односи во врска со финансиските средства на здруженијата и Сојузот се статутарни прашања уредени со нивните статути. Со оглед на фактот дека  финансиското работење и активностите се динамичен процес, со Одлука на Сојузот утврдени се единствени критериуми за материјално-финансиското работење на здруженијата на пензионери и СЗПМ, односно утврдена е општа правна рамка за користењето на средствата од членарината. Имено, согласно со споменатата одлука,  здруженијата и Сојузот како изворни приходи за финансирање на својата дејност главно го користат издвоениот дел од  членарината. Тие финансиски средства здруженијата и Сојузот ги користат за остварување на нивните цели и задачи утврдени со статутите и нивните програми за работа. Со оваа одлука се регулира дека и здруженијата и Сојузот се должни да управуваат и да работат со внимание и во согласност со начелата на добро управување, во интерес на здруженијата и Сојузот, а над личните интереси.

Со оглед на тоа дека во јавноста се наметна прашањето за кои намени во  овие услови  на пандемија се трошат средствата од членарината, согласно со наведената одлука и статутите на здруженијата средствата се користат за социјално-хуманитарни (за пензионерите со ниски примања), солидарни, културни, спортски и други активности. Еве само некои од тие активности: давање парична помош; социјални пакети или ваучери за набавка на одредени прехранбени артикли; помош за здравствени потреби (набавка на лекови, за бањско лекување, за набавка на ортопедски помагала, хируршки интервенции и сл.), помош за набавка на огрев; покривање на дел на штети предизвикани од елементарни незгоди и несреќи и слично; колективен превоз во јавниот сообраќај; рекреативни патувања; одржување и реновирање на пензионерските домови, билети за групна посета на културни манифестации, отворање пензионерски клубови и нивно одржување и слично.
За овие категории на активности, секое здружение одвојува износ од најмалку 25% од планираните расходи за тековната година. Позицијата социјални, солидарни и други намени за помош на членството во парична или материјална форма, здружението ја утврдува со финансиски план и со свои акти во согласност со оваа одлука. Исто така,  ги уредува  критериумите и органот кој одлучува за доделување помош (извршен одбор, комисија и сл.).
Што се однесува до надоместоците на избраните  лица, тие со Одлуката се утврдени со дикција „до“ започнувајќи до 2.000 денари и највисокиот износ изнесува до 15.000 денари, земајќи го како критериум бројот на пензионерите-членови на здружението. Несомнено е дека самата висина на овие надоместоци говори дека најголем дел од активностите е на волонтерска основа.
Значајно е да се напомене дека Сојузот со материјална поддршка учествува и во заедничките проекти како што е финансиска поддршка на издавачката дејност и творештвото на членството, проекти за здраво стареење, инклузија на возрасните во сите сфери на животот и на сите нивоа, збогатување и проширување на постоечкиот обем на волонтерство, изготвување социјална карта на пензионерите, која за жал не е во целост имплементирана, помош на помалите здруженија за нивните активности, меѓународна соработка и друго.
Во услови на пандемија посебен акцент се дава на социјално-хуманитарната помош на пензионерите како: соработка со мобилните тимови на општините и Црвениот крст; поврзување и давање податоци за пензионери на кои првенствено им е потребна поддршка и помош,  набавка на дезинфекциони средства, маски (во градски и рурални средини), ракавици, социјални пакети, ваучери, финансиски средства,  активности за одржување на клубовите, нивна дезинфекција, набавка на гориво по пристапна цена и друго.
Но, здруженијата и Сојузот имаат и свои традиционални активности како што се спортските натпревари и фолклорните ревии кои се одржуваат на регионално и републичко ниво и кои заради пандемијата се одложени, но можат да бидат одржани и до крајот на годината и тоа во отворен и во затворен простор во зависност од условите, а за истите се потребни средства кои мораме да ги имаме.
Исто така, Сојузот секој месец издава бесплатен весник „Пензионер плус“ за чие излегување се потребни средства.

Во оваа прилика уште еднаш ќе истакнам дека одлуките за користење на средствата  ги донесуваат органите на здружението, а финансиските средства се употребуваат за остварување на целите и задачите на здружението преточени во програми за работа  и средства обезбедени со Финансиски план.

Увид во материјално-финансиската документација односно контрола над примената на прописите од материјално-финансиското работење го врши Надзорниот одбор и со наодот го информира Собранието и Извршниот одбор. На законито и правилно трошење на средствата здруженијата одговараат и пред другите надлежни органи и правни субјекти, а годишната сметка  ја објавуваат во локалните медиуми или на веб-страницата на СЗПМ.

Сакам да  истакнам дека во услови на пандемија здруженијата се вклучија со свои активности и средства со цел тоа да го почувствуваат непосредно пензионерите дека помошта ја дава нивното здружение. Познато е дека здруженијата
која било активност да ја преземат сами обезбедуваат средства  бидејќи на нив како граѓански организации  не им се одобруваат банкарски кредити бидејќи нивните членови се возрасни лица кои се дискриминирани од банките!
Затоа, во врска со барањата на некои пензионери, средствата од членарината да се насочат во Фондот за корона вирусот, се предлагаат без да се има предвид организационата поставеност на здруженијата и на Сојузот. Се надевам дека од овој текст ќе видат дека здруженијата тоа го прават под услови утврдени со нивните статути и одлуките ги донесуваат самостојно.  

Некои од оние пензионери кои прашуваат каде и како се трошат средствата од членарината, до скоро беа вклучени во активности на здруженијата и на Сојузот и точно знаат и каде и за што се трошат, дури и пишувале многу афирмативно, но сега од причини кои им се само ним познати зборуваат и пишуваат обратно. Дел од прашувате спаѓаат во тип на луѓе кои во се’ бараат нешто негативно, сензација или се прават умни со своите предлози, а не со свој личен пример. Се разбира дека во работата на здруженијата и Сојузот  не е се’ идеално, но сепак постоењето на СЗПМ и на здруженијата цели 73 години, е потврда дека оваа асоцијација ги штити интересите на пензионерите и како резултат на тоа во овој сојуз членуваат 272 000 пензионери.

Да не се  заборави и фактот дека во земјите во нашето опкружување на пензионерите како возрасна популација за да ја пребродат пандемијата им се даваат разни видови помош (додатна парична помош покрај пензијата), а кај нас главната помош ја даваат најчесто општините, Црвениот крст и други институции и компании и здруженијата на пензионерите кои во минатото и сега се потпираат самите на себе.
Здруженијата на пензионерите и Сојузот и овој пат покажуваат  дека вратата за членовите-пензионери на  здруженијата  не е затворена и којзнае по кој пат здруженијата на пензионери и Сојузот ќе покажат дека се на  висина на задачата и дека средствата што членовите ги издвојуваат се користат според „ОД НИВ ЗА НИВ“ и сега и во иднина за активностите што сме ги испланирале и што не очекуваат.

Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3