Инфо  

Галерии

Активности за ослободување од плаќање на данок од личен доход

27.6.2020

Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија подолг период го следи финансиското-материјално работење, а во тие рамки и даночната регулатива, кај здруженијата на пензионерите, за што секоја година организира работилница на тема составување на финансиските извештаи и годишната сметка со давање на стручна помош за начинот на изготвувањето, начинот на примената на законската регулатива посебно од областа на даноците со ангажирање на експерти од оваа област.
Од досегашната пракса, овие работилници се покажаа како доста корисни бидејќи на истите детално се презентираа одредбите на Законот и Правилникот за сметководство на непрофитните организации, како и Законот за данокот на личен доход (поранешен назив персонален данок на доход) и данокот на добивка при што се даваа објаснување за нивна примена со практични примери. На овие работилници се користеше можноста за дискусија, прашања и одговори од областа на финансиското-материјално работење и даноците. Тоа претставуваше олеснителна околност за успешно извршување на сметководствените работи, и составувањето на годишните финансиски извештаи и годишните сметки во здруженијата и Сојузот.
На одржаните работилници во 2012 и 2013 година најмногу се поставуваа прашања за оданочувањето на направените издатоци за превоз за организирани екскурзии на пензионерите, учество на традиционалните манифестации на ревии на песни, музика и игри и учество на спортските активности. Се поставуваа прашања и во врска со оданочување на трошоци за патни и дневни трошоци на членовите на органите и телата на здруженијата и трошоците за финансиска помош на пензионери со ниски лични примања, како и на хронично болни и изнемоштени пензионери.
Сојузот по претходно направените неколку средби со стручните служби на Министерството за финансии, поднесе барање за мислење за споменатите поставувани прашања за даночниот третман на определени видови на издатоци при што за овие прашања добиено е соодветно мислење од Министерството за финансии.
Согласно мислењето, Сојузот иницираше, односно започна постапка до надлежните институции споменатите издатоци што ги имаат здруженијата да бидат ослободени од плаќање на данок.
Како резултат на оваа активност на Сојузот се изврши изменување и дополнување на Законот за персонален данок со важност од 1 јануари 2018 година, со што во членот 6 се додадени повеќе нови точки од кои две се однесуваат и за пензионерите, односно здруженијата на пензионери и тоа:
- Точка 13-б која гласи „Финансиска помош за физички лица кои се користат за лекување во земјата или во странство, во висина на реалните трошоци на лекувањето, документирани со сметки на здравствените установи кои го извршиле лекувањето“
Со ова одредба делумно е решено ова прашање; и
- Точка 30 која гласи: „Надоместоците на трошоците за сместување, храна и превоз за лица кои се учесници и ангажирани на настани организирани во рамките на активностите на организацијата основана согласно Законот за здруженија и фондации, врз основа на документи за направени трошоци“.
Поконкретно со овие измени здруженијата на пензионери и Сојузот се ослободени од данок за издатоци за превоз на организирани екскурзии, издатоци направени за традиционалните ревии на песна, музика и игри, регионалните и републичките спортски натпревари, како и други настани утврдени со програмите за работа на здруженијата.
На повидок се нови активности на СЗПМ за ослободување од данок на следните издатоци:

  • Финансиска помош за пензионерите со ниски лични примања, хронично болни и изнемоштени; и
  • Финансиска помош за елементарна непогоди.

Посебно, овие издатоци оваа година значително се зголемија поради Корона вирусот и СЗПМ е на мислење дека не треба да се плаќа данок согласно одредбите од Законот за данок од личен доход (порано Закон за персонален доход), бидејќи здруженијата овие издатоци ги плаќаат од приходите остварени од членарината на пензионерите, задржана од нето пензијата. Со цел да се остварат овие ослободувања од данок на личен доход, Сојузот во наредниот период ќе ги иницира следните прашања:
1. Ќе бара дополнување на член 12 од Законот за данок од личен доход со додавање на нови две точки:

  • 31-a „Финансиска помош на пензионерите со ниски лични примања и кои се хронично болни, исплатени од Здруженијата на пензионери каде што се членови“ и
  • 31-б „Финансиска помош за елементарни непогоди на пензионерите исплатени од здруженијата каде што се членови“

Ова дополнување на Законот се оценува дека е оправдано од причина што средствата со кои располагаат здруженијата на пензионерите се 90 % од членарина на пензионерите и треба да се почитува правилото „ОД НИВ ЗА НИВ“.
2. Ќе бара дополнување на Правилникот за сметковниот план и билансите на непрофитните организации.
Здруженијата на пензионери и Сојузот, а се надевам дека и другите непрофитни организации, се соочуваат со недостиг на синтетичка сметка за функционалните трошоци, како би ги евидентирале трошоците за органите и телата на организацијата, трошоците за реализација на целите и задачите утврдени со Статутот и Програмата за работа на организацијата и предлагаме во групата 41 други расходи, сметката 418 да гласи „Функционални трошоци“, а досегашните „Останати други расходи“ да се стават на сметката 419“.
Со оваа измена ќе се обезбеди синтетичка сметка за функционалните трошоци кои кај здруженијата на пензионерите учеството во вкупните трошоци е над 60 % во вкупните расходи.
Митре Стојановски, Претседател на НО

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3