|
Телефонска линија за пензионерите во СЗПМ
27.6.2020Околу 272 000 пензионери се членови во пензионерските здруженија. Поголем број идни пензионери си го поставуваат прашањето што ќе прават кога ќе заминат во пензија, бидејќи се чувствуваат помалку полезни од времето пред да остварат право на пензија. На овие прашања се дава одговор дека заминувањето во пензија не е хендикеп туку период од животот во кој имате слобода и можност да се остварат ваши желби, кои не сте можеле или не сте имале време да ги реализирате додека сте работеле. Сведоштво за ова се насликаните слики, книги, ракотворби, одгледани и воспитани внуци, негување на активностите во заштита на нашето културно наследство, негување на социјално-хуманитарната страна, остварување на ред други корисни активности за пензионерот како поединец и општеството во целина.
Особено значајна улога на пензионерското организирање е остварување на социјално-психолошката компонента во животот на пензионерите кои имаат можност да ја реализираат преку пензионерските здруженија. Во последно време сме сведоци дека на тој план напредуваат нашите здруженија со креирање можности и активности со цел нивните членови да бидат што позадоволни. Тоа се покажа како вистина во развојот на социјално- хуманитарната дејност во услови на пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19.
Имајќи предвид дека на човекот како социјално битие најважна му е комуникацијата, да покаже што знае, што му е потребно, да го пренесе своето мислење, да побара помош што особено е значајно за пензионерот кој живее сам, да има со кој да позборува за своите проблеми... Токму заради тоа во Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија започна да се работи на реализација на еден хуман Проект: Слободна линија за пензионерите, на кој тие ќе можат да се јавуваат на објавениот телефонски број во определени денови и време во Сојузот. Одговорите ќе ги даваат стручни и компетентни лица ангажирани од Сојузот. Проектот има повеќезначна важност. Покрај за психолошко-социолошки и здравствени проблеми ќе има и актуелни информација за сите старски домови, како и обична комуникација со што ќе се потврди значењето на едно „АЛО“ и вниманието неопходно за луѓето во третата доба.
Станка Трајкова
|
|