Стандардот на членството е секогаш прв приоритет на СЗПМ
27.6.2020Според Статутот на СЗПМ и според годишната Програма која Сојузот ја носи секоја година прв и еден од најважните приоритети на Сојузот е подобрување на стандардот на корисниците на пензија. Ова е и приоритет и на здруженијата членки на Сојузот.
Од оваа причина секогаш и секаде СЗПМ бара подобрување на пензионерскиот стандард на сите седници, контакти и нивоа, истиот да биде подобрен на разни начини. Во овој домен издејствувани се голем број бенефиции за пензионерите: покачувања на пензиите, ослободување од партиципација за болничко лекување, бесплатен превоз, бањска рекреација, проширување на листата на лекови, снабденост на аптеките во текот на целиот месец и друго. Се разбира дека тоа може да биде подобро и стандардот на пензионерите да биде подобар, но едно се желбите, а друго можностите.
Незадоволството кај пензионерите во моментов е заради не добивање помош на оние со најниски примања во време на пандемијата од корона вирусот бидејќи речиси сите пензионери кои повеќе кои помалку во земјите во нашето опкружување добија извесна помош.
Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија веднаш на почетокот реагираше преку неколку дописи до Владата, преку соопштенија до медиумите, но и во моите директни обраќања како претседателка на СЗПМ на повеќе телевизии. Имаше напис со компаративни податоци од земјите од опкружувањето и во весникот „Пензионер плус“, „Нова Македонија“ и „.КОХА“, но сепак во третиот пакет на мерките во врска со пандемијата од Kовид-19, пензионерите корисници на најниска пензија не беа опфатени.
СЗПМ и понатаму ќе инсистира до Владата и до сите институции во државата во наредните пакет мерки пензионерите да бидат опфатени.
Станка Трајкова, претседател на СЗПМ