Интервју со претседателот на Собранието на СЗПМ м-р Илија Адамоски
Чест и задоволство е да се биде претседател на Собрание на Сојуз во кој членуваат
274.000 пензионери
30.7.2020
- Како долгогодишен активен член во органите и телата во Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, минатата година бевте избран за претседател на собранието на СЗПМ, бидејќи добро ги знаете состојбите во пензионерската организација. Кажете ни какви се постојните законски акти и одредби во Сојузот и во здруженијата, негови членки.
- Да, точна е вашата констатација дека ги познавам и состојбите и законските акти и одредби и на Сојузот и на здруженијата и сакам веднаш да кажам дека јас, м-р. Илија Адамоски и de jure i de fakto, по професија сум легалист и се трудам, таму каде што сум работел и каде што работам и дејствувам, да не дозволувам надвор од Уставот и Законот за здруженија и фондации, а посебно Статутот на СЗПМ и здруженијата на пензионери, да не се работи според нив и во практика да се постапува спротивно на овие значајни за пензионерите, правни акти и документи.
Зошто е мојата заложба de lege lata, каква што е сега и во иднина de lege ferenda, каква ќе биде? Тоа е заради следното:
Согласно правната наука и правната мисла, како и судската практика, се’ што не е во согласност со Уставот, Законот, посебно Статутот на СЗПМ и Статутите на здруженијата е апсолутно ништовно правно дело, односно да бидам попрецизен: секој правен акт (одлука, правилник, решение и друго) не предизвикува никакво правно дејство и се смета како и воопшто да не е донесено. Значи, се работи според законите, но секогаш може да биде подобро, особено во смисла на елиминирање на извесна разноликост во Статутот на здруженијата. Ние како Сојуз презедовме иницијатива и сме во постапка, да ги разгледаме сите статути на здруженијата, со единствена цел да им помогнеме на здруженијата, да им укажеме и да им сугерираме за отстранување на некои недоследно следности и обврски кои се во колизија со некој законски пропис и да дадеме насоки како тоа правно да се регулира.
- Како што е познато, Сојузот на здружението на пензионерите на Македонија, има подготвено иницијален текст на Предлог – закон за пензионерското организирање во земјата. Зошто е потребен еден ваков закон ?
- Постојниот закон за Здруженија и фондации (Сл. весник на РМ бр. 152/ 2010г. и 135/211) со кој се обезбедува градење на демократско општество, а особено на учество на граѓаните во севкупните општествени процеси, се обезбедуваат и пофлексибилни услови за остварување и функционирање на здруженијата на граѓани и фондации во кои се остваруваат и најразлични интереси од најразлични области од општествениот систем. Тоа, впрочем се потврдува и со донесување на Национална стратегија за соработка на Владата на СР Македонија и граѓанскиот сектор.
Меѓутоа, ако Законот за здруженија и фондации како општоправна рамка, се сведе на пензионерската популација која сега брои 274 илјади корисници на пензија, ќе се види дека во пензионерската сфера постојат многу специфичности во однос на другите општествени области. Поради тоа донесувањето на Законот за пензионерско организирање како посебен закон е lex specijalis, и по мое мислење се наметнува како императив за решавање на прашањата, кои се од интерес за пензионерите кои се здружуваат во здруженија и сојузи како организациони облици. Тие всушност имаат големо значење за заштита и унапредување на пензионерскиот живот. Сметам, дека овој Закон би решил повеќе прашања од организационен и суштински карактер. Исто така, за да одговорам на ова прашање упатно би било да го дефинираме статусот на СЗПМ, како правен субјект, аналогно на тоа и статусот на Здруженијата на пензионери негови членки. Имено, Сојузот како граѓанска асоцијација е составен од 53 членки-здруженија на пензионери и е дефиниран како невладина, непартиска, непрофитна и мултиетничка асоцијација, аналогно на тоа и здруженијата на пензионери во општините се формирани според Законот за здруженија и фондации и нивните статути, кои се во согласност со веќе споменатиот Закон. Сето ова е во функција на чл.35 од Уставот на РС Македонија, каде е утврдено дека Македонија, како демократска и социјална држава се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно принципот на социјална праведност. Исто така, треба да се напомене, дека слободата на здружување, во Уставот е утврдена на тој начин со што се означени и целите на здружувањето, а со тоа се оправдуваат и организационите облици. Основната цел што треба да се постигне со новиот закон е да се овозможи формирање, основање на здруженија на територијален принцип. На тој начин ќе се добие и рационално и економично користење на средствата на пензионерите од членарината што секој месец ја плаќаат. Со предлог законот исто така, ќе бидат утврдени и условите за основање на здруженијата во општините со цел да станат посилен економски субјект кој ќе биде во состојба да ги застапува интересите на корисниците на пензија. Овде секако треба да се истакне дека при подготовката на новиот Закон за пензионерско организирање во што сме вклучени и ние како СЗПМ, се користат компаративни искуства од соседните земји како (Хрватска, Словенија, Србија и др.). Вакви закони веќе постојат и во Англија, Летонија, Велс, Полска и Италија. На крајот донесувањето на овој закон за пензионерско организирање претставува услов за понатамошното работење на овие граѓански асоцијации. Со други зборови новиот закон за пензионерско организирање е неминовна потреба, што би се рекло претставува conditio sine qua non.
- Каква е соработката на Сојузот и на здруженијата со локалната самоуправа и владините институции
-Според мене соработката е на посакуваното ниво, но ако прашањето е дали раководството на СЗПМ е настрана од партиските влијанија, сметам за потребно да истакнам дека согласно општествено-политичкото уредување, ние како општество имаме политичка влада и на некој начин и институциите се под нејзина капа. Од тоа произлегува дека сме упатени да соработуваме со нив, бидејќи за одлуките што ги донесува Владата, а кои ги тангираат интереси од животно значење за пензионерите, ние како Сојуз не можеме да не соработуваме со министерствата на Владата, а тука секако, посебно да истакнам со Министерството за труд и социјална политика како наш матичен орган.
Во тој контекст, прв пат по 75 години успеавме во интерес на пензионерите да обезбедиме присуство на премиерот, како и присуството на министерката за труд и социјална политика на седница во Сојузот и низ непосредна средба, разговор и размена на мислења да ги изнесеме интересите и заложбите што ги правиме за примена на правата на пензионерите од нашата држава. И, како резултат на овие , како раководство на СЗПМ и неговите органи и тела, успеавме да се земе предвид усогласувањето на пензиите покрај со трошоците и со процентот на порастот на платите и тоа да се озакони.
Се надевам дека ќе бидам правилно разбран и сфатен, дека сите други активности и дејствија иницирани и се разбира реализирани од ова раководство се во функција на политиката утврдена со Статутот на СЗПМ, финансискиот план и програмата.
- Од поодамна сте заговорник за ослободување на пензионерите од сите видови партиципации во областа на здравственото осигурување и заштита. Какви се сегашните Ваши видувања за сегашната состојба во овој домен?
- Мора да се каже, дека Сојузот на здруженијата на пензионерите во нашата држава води политика на солидарност кон сите членови. Тоа секако дојде до израз со усогласувањето на висината на пензиите и тоа на два наврати во минатата 2019 - година. И, во минатогодишниот извештај, а традиционално и во претходните, есенцијално прашање било редовното земање на пензиите, потоа, квалитетна здравствена заштита, духовната храна на пензионерите (песната, музиката и играта), нивното активно физичко стареење и друго. А, што се однесува до здравствената заштита бараме укинување на партиципацијата за секундарната и терцијалната здравствена заштита (erga omnes) за сите пензионери или до одредена висина на пензиите да се наплаќа партиципација и болничко лекување, a над таа граница на висината на пензијата пензионерот да ја плаќа разликата. Уште минатата година во Програмата на Сојузот внесовме да се признава разликата во цената меѓу приватното и државното здравство. Посебно се заложуваме за развој на руралната здравствена заштита преку обезбедување на лекарска, односно медицинска заштита, ангажирање за развиена фармацевтска мрежа и друго. Исто така, се залагаме и за проширување на листите на лекови со нови ефикасни современи лекови.
Овде би сакал да кажам нешто повеќе за солидарноста што во принцип во Сојузот, секако со тоа и во здруженијата, се манифестира на повеќе начини. Речиси сите здруженија на болни и изнемоштени членови особено со ниски примања им даваат помош во вид на средства за операции, бањско лекување, пакети со храна и средства за хигиена и друго. За реализирање на овие активности секое здружение издвојува најмалку 25% од вкупните приходи на здружението. Се разбира, сето ова се прави согласно статутите, финансиските планови и донесените соодветни Правилници и одлуки на здруженијата и СЗПМ. Тоа посебно дојде во израз во овие месеци на пандемија. Неправедно би било ако не ги пофалам активите на пензионерки и нашите вредни пензионерки волонтерки. Жените се главни кога се во прашање хуманитарните активности. Подем на нивните активности им даде и изборот на Станка Трајкова за претседателка на Сојузот. Нејзиниот избор особено пензионерките го сфатија како потврда за значењето на жената. Нејзиниот избор е и факт дека оваа наша генерација имаше доблест по цели 73 години да избере жена на чело на Сојузот, што ќе биде забележано во историјата на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.
- Како претседател на највисокиот орган на СЗПМ на што ќе се ангажира Сојузот и Вие лично за подобар живот на луѓето од третата доба?
- Покрај досега погоре кажаното и во иднина ќе се применуваат начелата на организирање активности од интерес на пензионерите во сите здруженија, а со тоа и во Сојузот. А, сега во услови на пандемијата, ковид-19, посебно се води сметка за социјално-хуманитарната помош на пензионерите која се манифестира преку- соработка со локалната власт во секоја општина од нашата држава, со Црвениот крст преку ангажирање на млади волонтери за помош на постарите лица, набавка на дезинфекциони средства, маски, ракавици, дезинфекција на Клупските простории, посебно со нивно привремено неработење и слично.
Меѓутоа, имајќи го во предвид фактот што здруженијата имаат и други активности согласно нивните програми како што се културно-забавните активности и спортските натпревари, како Сојуз правиме напори тие да се одложат за одредено време, или пак да се организираат на отворен простор, се разбира со цел да не замре животот на нашето членство. Во здруженијата на пензионери се интензивира социјално-хуманитарната дејност од секаков вид. За оваа цел веќе се започнати активности за изработка на социјална карта на членството како Проект во најголемото здружение на пензионери во Битола, потоа во ЗП Валандово, како и во неколку други здруженија членки на СЗПМ. Идеи и планови има. Нивната реализација носи задоволство од постигнатото, но патот е работа и одговорност за преземеното. Како и да е, сите идни активности се во интерес на неговото величество пензионерот!
- Ваше матично Здружение е ЗП Прилеп. Какви се активностите на Вашето здружение?
- Нормално во ваква состојба што ни ја наметна пандемијата на Ковид-19 ние во ЗП Прилеп правиме напори исти како и во другите здруженија да бидеме во функција на нашето членство. Имавме програмирано многу активности. Дел од нив ги реализиравме на начин каков што налагаа условите. Се додели и еднократна парична помош, се набавија околу пет илјади заштитни маски што им се предадоа на претседателите на 19-те ограноци на ЗП Прилеп . Во текот на минатата година прилепското здружение вложи доста свои средства за уредување на клупските и канцелариските простории. Впрочем за активностите на ова здружение сметам, дека е доволно пишувано во овој, во нашиот весник „Пензионер плус“. Би сакал да го истакнам ангажирањето на претседателот на здружението, Славко Трајкоски. Исто така, со особена гордост сакам да потенцирам дека моето матично здружение ЗП Прилеп е особено активно на спортски и културен план. Познати се меѓу пензионерите со своите спортски успеси пензионерите спортисти од ЗП Прилеп, како и пеачите на двете културно уметнички друштва познати во нашата земја и во соседството.
- Покрај Вашата ангажираност во Сојузот и се разбира во ЗП Прилеп, со што друго се исполнети Вашите пензионерски денови?
-Како и секој пензионер, се разбира и јас, успешно се вклопувам во третата животна доба на начин што континуирано се борам за оживотворување на проектот „Активно стареење“, во смисла на личната психофизичка активност. Имено, составен дел на мојот секојдневен живот, покрај домашните активности, задолжително секој ден имам резервирано време за едночасовно утринско шетање во природа со моите блиски пријатели. По ова, покрај прелистувањето на дневните весници и следењето на информативните емисии на телевизија, следува излегување во градот. Најпрво одам во моето матично здружение, каде секојдневно се среќавам со претседателот Славко Трајкоски.
Во текот на денот неизоставен е речиси и мојот секојдневен контакт со претседателка на Сојузот, Станка Трајкова и другите во Сојузот, која високо ја ценам, не само како правник-стручњак, туку и како совесен раководител, за која со право можам да ја употребам латинската сентенција, bonus pater familias. Таа секогаш има нешто ново да ми соопшти, некоја нова идеја, некој нов проект, некоја нова иницијатива или како и на кој начин нешто да се реализира, што да се преземе, како со заедничко размислување да дојдеме до решение за подобрување на животот и стандардот на нашето членство, на пензионерите. На овој начин го премостуваме растојанието меѓу Прилеп и Скопје, во деновите кога не сум во Скопје во активно својство како претседател на Собранието на најголемата асоцијација во државата Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, функција која ми носи чест, но и одговорност.
По обавување на овој разговор, порано пред пандемијата се среќавав со пријателите-другарите во некоја кафеана каде низ разговор „бистревме актуелна политика“. За жал сега е поинаку заради ковид – 19 и мерките на кои се придржуваме, но се надевам брзо ќе помине и јас и сите ние ќе се вратиме на нашата секојдневна активност и живот.
Кирил Ристески