Инфо  

Галерии

Претседателот на ЗП Битола Томе Димитровски за континуираните активности во минатата и оваа година

Многустраната соработка со пензионерите внесува сигурност во нивните активности

30.7.2020

Во едно добро организирано и поставено Здружение на пензионери, кое е по своето членство најбројно во земјата, со кој било член на раководните тела да се разговара за многубројните активности, ќе се разоткријат повеќето содржини што се спроведуваат, зашто транспарентноста во работата е потреба секој пензионер, не само да биде навреме и сеопфатно информиран, туку Здружението да го сфаќа како своја асоцијација преку која може да ги остварува сите законски одредби зацртани за подобар живот на сите членови. Но, сепак претседателот на ЗП Битола Томе Димитровски е најдобро информиран кои се тие активности и придобивки во членувањето на една ваква асоцијација. Затоа беше и разбирливо најпрвин Димитровски да го запрашаме што го мотивираше да ја прифати оваа одговорна, општествено корисна функција, пред се за највозрасната популација, но и пошироко.

-На вашето поставено прашање ќе ги одговорам со задоволство и конкретни податоци. Точко е дека ЗП Битола е најбројното здружение на пензионери во РСМ. Самиот овој факт зборува дека преземањето на функцијата претседатела на вакво здружение, претставува огромен предизвик и тоа не само за мене, туку и за многу пензионери од т.н. ,,третата доба”.

Активностите кои што значат остварување на целите и задачите на здружението со одредби од статутот го исполнуваат секој заинтересиран пензионер кој сака да даде придонес во остварување на правата на пензионерите како во областа на пензионото и здравственото осигурување, така и од областите социјална инклузија, културно – забавниот живот, спортските игри, другарувањето со други здруженија во државата и надвор од неа и многу други активности за што се формирани бројни комисии.

ЗПБ согласно последните податоци добиени од ФПИОМ има околу 19.200 членови од општините Битола, Новаци и Могила. Согласно статутот на Здружението, истото е организирано во 31 огранок, односно 9 во руралните средини и 22 од урбаната средина. Секој огранок има претседател, секретар и тројца членови на одборот. Здружението има Собрание составено од 46 претставници избрани од страна на членовите на ограноците, Извршниот одбор од 15 членови избрани од страна на претставници на Собранието, Надзорен одбор од 3 членови, 12 комисии со претседател и двајца членови, како и Секција на пензионерки со претседателка и 4 членки на претседателството. Собранието има претседател и заменик на претседателот, Извршниот одбор има претседател кој е воедно и претседател на Здружението, како и потпретседател на ИО, а надзорниот одбор има претседател и два члена. Мандатот на сите наведени функции трае 4 години со можност за само уште еден избор. До периодот на прогласување на пандемијата во нашето здружение активностите на органите и телата на здружението беа насочени кон реализација на програмата, одредбите и целите , како и задачите утврдени со статутот, додека по прогласување на вонредната состојба активностите се сведоа исклучиво на задоволување на ранливите категории, пензионери, а потребите на програмските активности се оставија за подобри времиња.

Во периодот од преземањето на раководењето со здружението на крајот од месец септември 2018 год. и се до прогласувањето на вонредната состојба Здружението ги реализира сите програмски активности, но реализира и многу други не програмирани активности кои беа значајни за функционирањето на здружението и за подобрување на состојбата на сите членови на здружението. Во таа смисла здружението реализира инвестициони активности какви што се: купување на деловен простор од 100 квадратни метра наменет за клуб на пензионери исклучиво со средства од членарината на пензионерите. Клубот беше свечено отворен на 06.03.2020 год. во присуство на вицепремиерката Мила Царовска, претседателката на СЗПМ Станка Трајкова, градоначалничката на општина Битола Наташа Петровска, заменик директорот на ФПИОМ Илија Ивановски, претседатели на повеќе здруженија на пензионери од нашата држава, како и голем број членови на ЗПБ. Како и градоначалниците на Крушево и Новаци.

Покрај оваа голема инвестиција направени и други инвестициони активности како што се: адаптација на мала сала за состаноци во канцелариски простор за трите вработени во здружението од најсовремен тип, реновирање на голема сала за состаноци, заедно со Здружението на инвалидизирани пензионери, реновирање на влезот во здружението, реновирање на скалишниот простор со изградба на рампа за пензионери со посебни потреби – заедно со Здружението на инвалидизирани пензионери. Здружението поседува осум гарсониери наменети за пензионери со ниски примања. Во две гарсониери е направено целосно реновирање на купатилата. Покрај наведените инвестициони активности здружението во изминатиот период ги реализира сите програмски активности од областа на културно – забавниот живот (регионални и републички ревии на песни и игри) , спортски активности, екскурзии во државата итн.

Во рамките наведените активности на културен и спортски план Здружението реализира повеќе средби со други здруженија во нашата држава меѓу кои со збратимените здруженија на пензионери, како што се ЗП Прилеп, ЗП Ѓорче Петров, како и со ЗП Врање во Р. Србија. ЗП Битола има остварено богата соработка најнапред со СЗПМ, со скоро сите здруженија на пензионери од нашата земја и со наведеното здружение на пензионери од Врање Р.С. посебно соработка остваруваме со локалната самоуправа од општината Битола и градоначалничката Наташа Петровска. Со општината Битола имаме склучено и меморандум за соработка. Соработка имаме исто и со соседните општини Новаци, Могила, Демир Хисар, Крушево и Ресен. Меморандуми за соработка се склучени и со Клиничката болница Битола, организацијата на Црвен Крст Битола, додека соработка се остварува и со Геријатрискиот завод ,,13ти Јуни” Скопје, со ,,Суе Рајдер” Битола, домот за стари лица Битола, училишта во кои престојуваат деца со посебни потреби и други институции. Здружението во изминатиот период донира средства во повеќе хуманитарни институции главно каде престојуваат најчесто пензионери, или лица со посебни потреби, а во оваа смисла посебно би ја потенцирале донацијата за Клиничката болница Битола која се состои од транспортер респиратор. Поголем дел од средствата за транспортниот респиратор во вредност од 480 илјади денари, се обезбедени од средствата на здружението, а останатите се донација на раководствата на Здружението кои се откажаа од двомесечен надоместок за април и мај вклопувајќи се во напорите на институциите на државата во справување со пандемијата со корона вирусот.

Здружението на пензионери Битола партиципира во работата на СЗПМ со учество на свои претставници во Собранието, ИО, НО и повеќе комисии формирани од СЗПМ. Со ваквата застапеност сметам дека ЗП Битола дава голем придонес во остварување на целите и задачите на сојузот, определени со неговиот статут. ЗП Битола како најголемо здружение во државата партиципира и други активности во Сојузот доколку за тоа има потреба. Во работата на органите и телата на здружението учествуваат и пензионерки жени меѓу кои се заменик претседател на собранието и потпретседателка на ИО. Бројот на застапеноста на жени пензионерки во органите и телата на здружението е задоволителен, но може да биде поголемо.

Во наредниот период во времето до крајот на мандатот надевајќи се дека ќе го победиме невидливиот непријател и ќе се воспостават нормални услови во севкупното работење во државата ЗПБ ќе ги остварува сите планирани активности со програмата за работа, а посебен акцент ќе се дава на потесната соработка со месните ограноци во задоволување на најнеопходните потреби на пензионерите, за грижа на најранливите категории на пензионери, посебно отворање на други пензионерски клубови секаде каде е тоа можно во соработка со локалната самоуправа, а исто така ќе се работи и на проблемот со оспособување на постојните старски домови и отворање на нови ( со јавно приватно партнерство) во соработка со СЗПМ, локалната самоуправа, министерството за труд и социјална политика и др.

П. Ставрев

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3