Интервју со д-р Глигор Бишев, генерален директор на „Шпаркасе Банка Македонија“
Соработувајќи со пензионерите, стекнуваме знаење за нивните потреби и ја градиме довербата и почитта едни кон други
25.9.2020
- Почитуван господине Бишев, со ова интервју и отстапување на Вашето драгоцено време ќе им направите чест и почит на над 320 000 пензионери. Ве молам, најнапред кажете ни ја личната карта на банката со која успешно раководите.
-Шпаркасе банка Македонија, во 2018 година, го прослави својот десетгодишен јубилеј од работењето во нашата држава, а во 2019 година, нашата групација, прослави два века од своето основање. Верувам, дека традицијата, знаењето и грижата за клиентите на ниво на Групација, ќе успееме целосно да ја пренесеме во Македонија, почитувајќи ги истовремено и локалните специфичности и традиции. Уште на самиот почеток, цел беше да се биде водечки финансиски супермаркет, каде што економските субјекти на едно место ќе можат да ги добијат сите финансиски услуги. Така, во 2009 година, се основа Шпаркасе Лизинг, од 2015 година се направи партнерство со Winner Life, a истата година Банката отпочна да нуди брокерски, старателски и депозитарни услуги. Во 2019 година, Групацијата ја презеде и Охридска банка. Во тек е процес на интеграција на банките и се планира тој процес да заврши во првата половина од 2021 година. Интегрираната Шпаркасе банка Македонија, ќе располага со вкупна актива од околу 1,2 милијарди евра и ќе се позиционира во водечките големи банки во нашата земја.
Во целиот овој период, клиентите се во фокусот на Банката, преку нудење производи кои му носат додадена вредност, производи, услуги и совети кои ја зголемуваат финансиската вредност на имотот на клиентите. Тоа значи посветеност и истрајност да се разберат и задоволат потребите на клиентите на најбрз и најефикасен начин. Да се изберат најдобрите и најиновативни идеи, да се поддржат и на тој начин да се поддржи растот и економскиот просперитет на државата. Овде ќе споменам само некои од иновациите што за првпат Шпаркасе банка ги воведе во Р С Македонија:
Во 2010 година за првпат се реализира проектно финансирање на седум хидроцентрали, а во 2014 година ја финансиравме првата биогасна централа во државата. Исто така, кај финансирањето на населението, од 2014 година го воведовме концептот на расположливиот доход на семејството, а не како што дотогаш се земаше во предвид само поединечниот доход на поединецот кредитобарател. Во истата година го воведовме нашето мото „Банка на вашето семејство“.
Вo 2015 година отпочнавме со првиот потрошувачки кредит кој вклучува и животно осигурување, додека следната година го воведовме GO4 лизинг-пакетот за автомобили, кој вклучува животно осигурување и пакет од трансакциска сметка со дозволено пречекорување и кредитна картичка. Истата 2015 година го донесовме и првиот банкомат во Македонија со депозитна и менувачка функција, кој им овозможува на клиентите да внесуваат и да подигнуваат готовина. Во изминатите години работевме на унапредување на услугите преку дигиталните канали на Банката и како резултат на тоа денеска 58% од вкупниот број трансакции се одвиваат преку различни дигитални канали. Во 2016 година, воведовме посебен пакет за пензионерите: трансакциска сметка, електронско и мобилно банкарство, дебитна картичка и можност за пречекорување на сметка и кредит на 12 рати.
Во 2015 година го донесовме и првиот финансиски странски инвеститор, кој на македонскиот пазар на државни обврзници инвестираше 10 милиони евра. Заедно со Ерсте групацијата учествувавме во организацијата на емисијата на државните обврзници на странските пазари, при што последната емисија беше исклучително успешна со најниска каматна стапка во историјата на Македонија. Исто така, заедно со Ерсте групацијата секоја година организираме средба со инвеститорите на која ги промовираме производите за инвестирање и производите за управување со каматниот и девизниот ризик. Во целиот овој период бевме и општествено одговорна Банка – поддржавме голем број проекти на пошироката и локалната заедница. Проекти во областа на здравото живеење и собирање на секундарни суровини, проекти во сферата на финансиската писменост, здравствени и хуманитарни проекти, особено поддршката на децата без родители, проекти од областа на уметноста – Охридско лето, Струмички карневал, Пивофест во Прилеп и многу други настани.
- Голема е одговорноста да се биде на чело на една угледна и успешна банка како што е Шпаркасе банка Македонија. Како се справувате со тоа?
-Едноставно. Го сакам банкарството и мислам дека тоа е предуслов за секој успех – да се сака она што се работи. Вториот фактор е тимот. Да се знае да се одбере, мотивира и вложи во тимот и своите соработници. Да се делегира, перманентно да се усовршувате и менувате. И се разбира да ги почитувате клиентите, да ги следите нивните идеи и желби.
- Соработката на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија и Шпаркасе банка Македонија датира од поодамна. Како ја оценувате соработката со пензионерите?
-Шпаркасе е банка која се труди да го разбере и поддржи секој сегмент од општеството. Да биде вградена во заедницата. Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија е едно од најголемите невладини организации, која има свои вредности, и дава придонес во зачувување на културните вредности и зачувување со своите активности на нашето културно богатство и идентитет, со што дава пример на сите генерации. Една од нејзините цели е и здраво и активно стареење, во што со задоволство се обидува да се вклучи и нашата компанија. Соработувајќи со Сојузот, соработуваме со пензионерите, стекнуваме знаење за нивните потреби, ја градиме довербата и почитта едни кон други.
Во изминатите години присуствувавме и ги поддржувавме настаните кои се организираа од страна на Сојузот. На некои од нив претставници од Банката имаа можност да ги презентираат понудите креирани специјално за пензионерите. Исто така, нашата поддршка беше насочена и кон членството. Во таа насока е нашата поддршка за Проектот „Ало пензионерски прашања“ , каде што на прашања на пензионерите одговараат стручни и компетентни лица, проект кој е особено важен за нив во овие пандемски денови. Се надевам дека соработката ќе продолжи и ќе биде уште подобра на обострано задоволство.
- Пензионерите се задоволни од она што им го нуди Шпаркасе банка, но подготвувате ли и некои нови проекти и услуги наменети за најмногубројната популација, за пензионерите во нашата земја?
-Шпаркасе банка е меѓу првите банки која воведе исплата на пензиите на секој 1-ви во месецот, како и бесплатна дебитна картичка за сите нови корисници кои ќе аплицираат најдоцна до 30 септември 2020 година, бесплатно електронско банкарство за следење на состојбата на сметките и бесплатен траен налог за подмирување на обврски кон Банката. На пензионерите им нудиме повеќе кредитни производи, како што се потрошувачки кредит, кредитна картичка и дозволено пречекорување на трансакциска сметка, услугата на мобилно банкарство S-Banking (со кое во секој момент имаат целосен преглед на сметките, штедните влогови и кредитните производи кои ги користат); електронското банкарство NetBanking (со кое електронски можат да ја проверат својата состојба и да вршат електронски трансакции со користење на С-Токен); СМС услугата (со која се добиваат известувања со пораки на мобилниот телефон за секој пристигнат прилив или одлив на средства од нивната трансакциска сметка); трајните налози со кои може да се подмируваат и режиските трошоци и друго.
- Имате ли во план да ја поместите границата за добивање кредити и други поволности за возрасните лица, со оглед на тоа дека животниот век се продолжи, а пензионерите спаѓаат во категорија на најредовни плаќачи на своите обврски?
-Шпаркасе банка секогаш се стреми кон воведување нови уникатни понуди согласно со побарувањата на клиентите и движењата на пазарот. Како дел од големото семејство на австриската групација на Штаермеркише Шпаркасе и Ерсте групацијата, Банката се води по најдобрите практики согласно со европските стандарди. Критериумите за сите возрасни групи се дефинираат согласно со најновите европски методи и потребите на нашите клиентите. Критериумите подлежат на редовни евалуации и секогаш каде што има простор се прават одредени исклучоци со цел да се задоволат барањата на клиентите.
- Весникот „Пензионер плус“ е наменет за сегашните и за идните пензионери. Што ново им нудите и на идните пензионери кои сега сe уште се во работен однос?
-Сите новитети кои се однесуваат на нашите производи и услуги, како и информации за работењето редовно се објавуваат на веб-страницата на Банката каде што може да ги пронајдат сите потребни податоци. Исто така, во секое време клиентите може да не контактираат и преку Контакт-центарот кој им е на располагање секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот. Од неодамна воведовме и еден новитет - нов канал за директна комуникација со сите нови и постојни клиенти преку официјален Viber Chat асистент „Sparky“. На едноставен начин преку „четување“ и без посета во експозитурите, клиентите можат брзо и лесно со неколку кликови да ги добијат потребните информации за производите и за услугите што им се потребни, да поднесат онлајн-барање, да закажат онлајн-состанок или, пак, да постават прашање. Новиот тренд во работењето со банката, ќе биде секој клиент да добие понуда којашто одговара на неговите потреби. Веќе нема да има производи коишто се нудат, туку ќе се анализираат потребите на секој клиент и ќе се дизајнира финансиски пакет кој ќе одговара на неговите потреби.
- Кажете ни го Вашето мислење за бесплатниот весник „Пензионер плус“ кој редовно излегува во 6 000 примероци и се дистрибуира и во Вашите експозитури? Доаѓа ли и до Вас?
-Да, доаѓа. Весникот „Пензионер плус“ е редовно присутен на моето биро и со големо задоволство ги читам содржините кои се однесуваат на пензионерите и нивните активности. Примероците кои ги добиваме се достапни и за вработените, нашите клиенти, кои додека ги посетуваат нашите експозитури можат да прочитаат или да земат еден примерок од весникот.
- На крајот што би им препорачале на пензионерите во овие пандемиски времиња кога се во прашање ратите, отплатите и друго?
-Пред сe им посакувам успех во сите активности и натамошно успешно дружење. Економските последици од пандемијата допрва доаѓаат. Во првата фаза на пандемијата, клучно беше како да се намали ширењето на вирусот и да се зачува здравјето. Во периодот што доаѓа, до пронаоѓањето на вакцина или ефикасен лек, клучно ќе биде како да се живее со COVID-19, да се заштити здравјето и економијата да се врати во нормала. Како што е познато, Банкарската асоцијација, во која учествуваат сите банки од Македонија, во соработка со Народната банка, извршија одложување на враќањето на кредитите на населението за шест месеци. Исто така, банките продолжија со кредитирањето како на компаниите, исто така, и на населението и во овие тешки времиња, поддржувајќи ја обновата на економијата и задоволување на потребите на населението. Доколку плановите за враќање на економијата во нормала се реализираат со предвидената динамика, отплатата на кредитите и ратите би се нормализирале. Доколку има погодени семејства или поединци, тие би се решавале на поединечна основа. Проблем ќе биде ако вториот бран биде со ист или поголем интензитет од првиот, но, да бидеме оптимисти и да се надеваме дека успешно ќе се управува со здравствената криза.
Во секој случај ние остануваме отворена Банка која сака да го слушне гласот и идеите на своите клиенти и на пензионерите. На тој план стоиме на располагање.
Ви благодарам на разговорот и Ви посакувам успешно да ја раководите банката и во иднина.
Разговорот го водеше Калина Сливовска-Андонова
Главен и одговорен уредник на весникот „Пензионер плус“