Инфо  

Галерии

Разговор со Гидо Бојчевски, претседател на ЗИТ КИП Тетово и на Сојузот на ЗИП КИП на Македонија

Интеграцијата ќе ги збогати содржините и моќта на инвалидските асоцијации

13.11.2020

Здружението на инвалиди на трудот и корисници на инвалидска пензија во Тетово, сместено е во сопствени простории и функционира како асоцијација која е во функција да им помогне на своите членови, да им ја збогати содржината на активностите и да им го збогати начинот на живеење. Опфаќа околу 2 400 членови, главно инвалидски пензионери, организирани во 27 месни структури, сите застапени со свои делегати во Собранието на Здружението. Претседател на оваа асоцијација е Гидо Бојчевски, кој на оваа должност е веќе втор мандат. Истовремено е и претседател на Сојузот на здруженијата на инвалиди на трудот и корисници на инвалидска пензија во Македонија.

  • Богато е вашето ангажирање во овие асоцијации. Може ли да направиме еден пресек за ова ваше долгогодишно ангажирање?

Во 1997 година се стекнав со инвалидска пензија. Веќе наредната година во мојата месна организација ме избраа за делегат во Собранието на Здружението. Пет години подоцна бев избран за член на претседателството и секретар на Здружението. Од 2014 година сум претседател. Од 2006-та година бев избран за делегат во нашиот сојуз на ниво на Македонија и оттогаш сум и на должност претседател на овој сојуз. Како инвалиди, ние сме специфична организација, со значително нарушена здравствена состојба, што ја отежнува вкупната активност и во изборот на кадри. Тоа е главната причина што во мојата личност се апсорбирани подолгогодишни функции.

  • Во Тетово функционира уште едно сосема исто здружение. Нашите информации зборуваат дека во тоа здружение членуваат над 400 „ваши“ членови. Што тоа значи за инвалидските пензионери?

Според мене, од група дотогаш наши членови, кои не беа бирани во органите, во 2003 година го формираа паралелното здружение „Трудбеник“, за што наидоа на поддршка од Националниот сојуз на инвалиди на трудот на Македонија. Не ми е познато што се активности остваруваат, но вака со мал број членови, сигурно немаат некоја зголемена содржина. И нашево здружение кубури за средства, но со големо штедење и домаќинско работење, успеавме да оствариме задоволителни активности. Дел од нив годинава поради корона вирусот, не се остваруваат, но тоа се објективни причини што членството ги опфаќа.

  • И на ниво на земјата организирани сте во три сојузи. Покрај вашиот, тука се и Сојузот на инвалидски пензионери и Националниот сојуз на инвалиди на трудот, со вкупно околу 30.000 членови. Што значи ваквата разединетост?

Секој од трите сојузи дејствува според свои програми. Меѓутоа, кога би биле заедно, кога би функционирале интегрирано, за нашето дејствување би било поавторитативно, пред сe  кај институциите. Вака не се случило сите тројца да настапиме заедно, секогаш поединечно. Таквото настапување ја разводнува заедничката потреба и не ги задоволува интересите и потребите на членството.

  • Пример за обединето дејствување ви е Заедницата на инвалидски организации на Македонија?

Да, покрај нас, таму сe уште асоцијациите на слепи, глуви и наглуви, телесно инвалидизирани, лица со интелектуална попреченост, инвалиди од војната и федерацијата за спорт и рекреација на инвалидите. Оваа заедница треба да биде пример и за наша интеграција. Јас лично очекувам донесување Закон за пензионерско организирање, кој повеќе години како е во предлог, а сега сите овие асоцијации функционираат според Законот за здруженија и фондации, според кој само петмина можат да формираат здружение. Сепак, според мене, најважно е членството да е задоволно, да е организирано, а ние избраните, да им се најдеме на услуга.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3