Прирачник за работа на компјутер и Интернет (за возрасни)
21.11.2020
Пред десетина години многумина од повозрасните, но и голем број помлади, не само што не користеа Интернет, туку и не знаеја како да го користат. Денес не е така. Интернетот го користат сите, дури и малите деца, а за луѓето од третата доба, Интернетот од ден на ден станува дел од нивниот живот.
Така е во светот, но и кај нас. Користењето на интернет услугите во изминатите години е многу зголемено. Доказ за тоа е што бројот на претплатниците на Интернет доста е зголемен. Меѓу претплатниците има и припадниците на третата животна доба. И нив компјутерот и интернетот им стана најдобрата врска со познатите и непознатите, со луѓето од светот, со децата, со внуците, особено во овие пандемински денови заради вирусот Ковид 19. И додека комуникацијата меѓу младите преку интернет е сосема нормална работа, многумина ги изненадува кога тоа го прават и луѓето „во години“, кои брзо сфатија дека современиот начин на комуникација меѓу луѓето овозможува стекнување на нови пријателства без разлика на полот и возраста, проширување на знаењата, збогатување на искуствата...
Но, иако повеќе лекари и психолозиво Интернетот гледаат се’ подобра алатка за осло-бодување од константниот стрес, има и такви кои сметаат дека местото покрај компјутерот е едно осамено место кое всушност ги оддалечува луѓе наместо да ги зближува. Сепак корисноста од компјутерот и Интернетот преовладува, па така на бес-платните курсеви за обука на компјутер се вклучуваат многу возрасни граѓани. Ова покажува дека за учење никогаш не е доцна, без разлика на возраста. Затоа имајте на ум дека е добро и корисно да научите да се служите со компјутер и интернет. Предно-стите брзо ќе ги почувствувате бидејќи компјутерите влегоа во сите сфери на животот.
Овој Прирачникот не е напишан со амбиција да ве направи експерти по Информатичка технологија, туку да ви овозможи да се чувствувате пријатно и не ускратено како припадници на 21-от век. Она што ќе го научите од овие страници, низ работа ќе го надоградите! Секако дека многумина кога ќе ги прочитаат овие страници ќе си помислат дека сето ова го знаат. Убаво. Тогаш овие текстови нека ги потсетат и нека им помогнат кога нешто ќе подзаборават, или во моментот кога не можат да се сетат како беше и кај беше, а тоа нели се почесто се случува во третата како што сега некои ја нарекуваат златна доба.
Исто така, овој Прирачник ќе ве ослободи и вас и вашите деца и внуци да не ги прашувате постојано, оти тие нели „немаат време“ да ве едуцираат!
Значи, Прирачников е наменет главно за возрасни односно за луѓе од третата доба кои сакаат да стекнат знаења за работа на компјутер и Интернет. Со помош на овој Прирачник ќе стекнете основни информатички знаења и вештини. Ќе научите како да користите компјутер за пишување и праќање написи за весникот, потоа како да користите Интернет, како да ја користите WEB страницата на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, односно како и да ја користите компјутерската техника која ја поседуваат здруженијата, но и во вашиот дом. Знаењата добиени од овој Прирачник ќе ви помогнат и ќе ви бидат потпора во самостојно и активно користење на информатичка опрема и технологија во разни животни ситуации: информирање за здравствени проблеми, за вашите права и обврски, за плаќање на сметки и друго, со други зборови за се’ без да го напуштате својот дом.
Прирачникот ќе го користат дописници од здруженијата на весникот „Пензионер плус“ и „КОХА“, но и други лица во здруженијата бидејќи факт е дека секое здружение има потреба од лице кое ќе поседува барем основни знаења од работа на компјутер и да знае да користи електронска пошта, но секое здружение во меѓувреме треба да обезбеди техничка поддршка (компјутерски комплет) и Интернет конекција.
К.С.Андонова