Нов проект на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија
Анонимна анкета на пензионерите
14.1.2021Заврши една тешка години во животот на пензионерите, година која им ги „украде“ убавите мигови во третата доба: дружењето со внуците, пријателите, посетата на пензионерските клубови, екскурзиите кои ни го разубавуваа нашиот живот и друго.
Меѓутоа, и покрај многуте тешкотии во услови на пандемија ќе мора да започнеме да се подготвуваме за живот односно активности после КОВИД 19. Промените во секојдневното живеење стануваат неопходни
Целосно враќање по старо најверојатно нема брзо да има. Затоа, најдобар начин на планирање на иднината е ако самите ја креираме. Притоа, добро би било да внесеме одредена доза на оптимизам во нашето секојдневие бидејќи тешко дека може да се очекува во 2021 година дека сликата битно ќе се промени.
Во услови на пандемија одредени активности не се извршуваа заради главната порака-„останете дома“, но, иако активностите заостанаа, тие сосема не престанаа.
Активностите во Здруженијата на пензионери се насочија во засилена социјално-хуманитарна активност, повеќе внимание се насочи кон создавање на поволни услови во клубовите, извршување на заеднички активности со СЗПМ, а од страна на Сојузот во овој период доминираше реализација на повеќе проекти во интерес на пензионерите.
Најнов проект што сакам да го промовирам во оваа издание на весникот „Пензионер плус” е спроведување на АНОНИМНА АНКЕТА МЕЃУ ПЕНЗИОНЕРИТЕ. Целта е да се анкетира определена бројка на пензионери преку нивно анонимно изјаснување за тоа колку се задоволни од квалитетот на пензионерскиот живот, од функционалноста на здравственото осигурување и здравствената заштита, прашања поврзани со локалната самоуправа, социјалната интеграција како и заинтересираност за компјутерско описменување и друго. На анонимниот прашалник пензионерите ќе одговараат слободно. Проект „АНОНИМНА АНКЕТА“ ќе биде разгледан и од Комисијата за здравство и социјална политика и Извршниот одбор на СЗПМ. За реализација на ПРОЕКТОТ (печатење на прашалникот, анкетарите, активностите на здруженијата и друго, средствата ќе ги обезбеди СЗПМ, а по можност и од други извори. Обработката на податоците, нивната анализа и заклучоците што ќе произлезат ќе бидат во интерес како на Здруженијата, така и за Сојузот, но и за секој поединец-пензионер.
Станка Трајкова, претседателка
на Сојузот на здруженија на пензионерите
на Македонија