ЗП Битола
Со слога се постигнуваат подобри резултати
24.1.2021
Битолското здружение на пензионери спаѓа меѓу најбројните во државата, а меѓу неговите членови се организираат разновидни активности. На одржаните седници на Извршниот одбор и на Собранието, комисите и телата, што дејствуваат при ова Здружение, и покрај пандемијата и вирусот Ковид-19, минатата година оценета е како доста успешна, бидејќи се водело сметка многу пензионери да ја одржуваат својата здравствена состојба и да учествуват во разновидните активности, спроведувајќи ги здравствените мерки. Со таква цел ќе треба да се спроведуваат донесените Програми за активност и во 2021 година. На одржаните седници за рекапитулација на ангажирањата во минатата година беше нагласено дека со заедничката пензионерска слога, постигнати се добри резултати кои ќе бидат мотив повеќе програмите за работа и во оваа година да бидат уште подобри и поразновидни, се разбира доколку за тоа овозможат здравствените состојби.
Минатогодишните активности и Програми за работа во оваа година на ЗП Битола беа повод да поразговараме со Томе Димитровски, претседател на Извршниот одбор и Крсте Белевски, претседател на Собранието на ЗП Битола.
-Нашата основна цел беше сите членови на нашето здружение навреме да ги користат законските одредби за здравствено и социјално осигурување, а преку средствата со кои располагаме учествувавме во подобрување на нивната материјална состојба. Се грижевме на пензионерите со пониски примања да им обезбедиме бесплатно контролирање на здравствените потреби (следење на притисокот, холестеролот и друго), а преку соработката со Црвениот крст и волонтерите да добијат и социјална помош. Исто така, со материјална поддршка го помогнавме реновирањето на становите во сопственост на здружението во кои живеат наши пензионери. И во оваа година, Меморандумите за соработка склучени со општините Битола и Ѓорче Петров треба да придонесат за поуспешна пензионерска соработка, а донациите доделени во три наврати на Клиничката болница и Црвениот крст треба да продолжат со иницијативата пензионерите и покрај возраста да се чувствуваат како активни чинители во целокупниот организиран живот во општината, посебно на културно-забавен и спортски план. Од изработената социјална карта за пензионерите на ова здружение резултатите ќе се ефектуираат во оваа година, а доколку дозволат условите ќе се одржат и активности што ги организира СЗПМ. Ќе се настојува навреме да се обезбеди огревно дрво и други материјални добра за кои се заинтересирани пензионерите, - ни рече Томе Димитровски.
Од претседателот на Собранието на ЗП Битола Крсте Белевски исто така се информиравме дека на сите одржани седници било забележано активно учество на повеќе пензионери.
-Здружението и годинава ќе ги насочи активностите за помош на ранливи категории на пензионери. Програмата за 2021 година има за цел да ги спроведува сите активности што ќе ги насочи Извршниот одбор. Минатата година го отворивме пензионерскиот клуб во Битола со површина од 100 квадрати метри, а на свеченоста присуствуваа претседателката на СЗПМ Станка Трајкова и министерката Мила Царовска. Во 2020 година ги помогнавме и пензионерските ограноци во селото Кукуречани и општината Новаци, а таква помош ќе доделиме и во другите пензионерски клубови во месните заедници, каде е зацртано да се отворат клубови за активности на пензионерите, - ни соопшти Белевски. При тоа, Белевски потенцираше дека сите предвидени активности ќе бидат транспарентни и со што поголемо учество на членовите на ЗП Битола.
П. Ставрев